Сутерен.мк

Лукашенко го забрани безобразното поскапување

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко со декрет го забрани зголемувањето на цените во неговата земја.
„Од 6 октомври се забранува секое поскапување. Забрането!“, рече тој на владиниот состанок во четвртокот, пренесе државната новинска агенција Белта.

„Не од утре, туку од денес“, додаде тој.

Целта на таа наредба е да се осигура дека никој не може да го искористи рокот за покачување на цените, рече 68-годишниот автократ.

Оние кои ќе го прекршат декретот „ќе бидат веднаш уапсени и кривично гонети“, рече тој.
Лукашенко ја објасни својата одлука со, како што рече, „безобразниот“ пораст на цените на храната во последните месеци.

„Цените не можат да одат повисоко. Но, има исклучоци, а тие исклучоци се под контрола на министерот за економија и гувернерите“, додаде Лукашенко без да наведе дополнителни детали.

Според податоците на Државниот завод за статистика, инфлацијата во Белорусија во август била 17,9 отсто во однос на истиот месец лани.

Особено се зголемија цените на храната. Според предвидувањата на белоруските економски експерти, стапката на инфлација би можела да се искачи на 19 отсто до крајот на годината.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *