Во последниот месец од минатата година најчитана вест беше за возот што се обраќа на релација Скопје- Битола, или поточно за неговото чудесно патување. Еден декемвриски ден возот од Скопје си тргнал во точно утврденото време, но наместо по три часа, како што е предвидено според возниот ред да пристигне во Битола, тој заостанал по пат и на последната дестинација пристигнал дури по осум часа. Иронијата да биде уште поголема не ни стигнал до Битола, туку до Прилеп, од каде што патниците биле преземени со комбиња за да бидат однесени до нивната крајна цел. Оние кои го користат овој вид на превоз од Скопје до Битола, велат дека често се случува да се патува долго, но сепак, ова е рекорд.
Сите ја читавме оваа информација – некој за да се насмее, друг за да се шокира, трет за да се забавува, но никој не праша, а што тоа му се случило на возот? Не е познато дека се случила хаварија по пат, па морал да застане? Нема информација зошто возот се движел толку бавно? И секако, нема информација, што за тоа време правеле патниците во возот? Во недостиг на вакви информации слободно можеме да импровизираме и замислуваме. Еве јас на пример, замислувам дека тоа е возот во кој се вози наследникот на познатиот белгиски детектив Херкул Поаро, кој како во луксузниот воз „Ориент експрес“ ужива во патувањето и пејсажите што ги гледа по патот. Ако сте ја читале новелата „Убиство во Ориент експрес“ од Агата Кристи, ќе знаете дека возот кој тргнува од Истанбул и се движи кон Лондон, наеднаш застанува во Винковци близу Славонски Брод, поради силен снежен нанос, каде всушност и се случува убиството. За среќа, во нашиот случај нема убиство. Ама нема ни снежен нанос. Останува да замислуваме дека новиот Херкул Поаро се забавувал патувајќи и разговарајќи со нашите сограѓани, кои му раскажувале историски факти и легенди за секое населено и ненаселено место што ќе го минеле по пат. Затоа се движел возот бавно. Има што да се раскаже. А ако одиме по онаа “македонската“, за секоја приказна има барем три сценарија.
Најверојатно на новиот Херкул му дошло отповеќе од приказните, да не речам му се слошило, па сите патници морале да бидат симнати од возот во Прилеп. Не знаеме што се случило со Поаро. Може ќе прочитаме нешто за ова негово патување во некој светски медиум. Кој знае?
Нема информација и дали возот според редовната маршрута продолжил да се обраќа од Скопје кон Битола. Може сега оди со поголема брзина и не е интересно да се објави. Ќе дознаеме. Исто како што конечно треба да дознаеме зошто нашиот воз никако не тргнува за Европа. Постојано сме заглавени. Еднаш по хаваријата со Грција сега со Бугарија. Трет пат кој знае со кого. Постојано нашиот воз или е заглавен или е надвор од колосек. Нашите „поаровци“ од дома и од странство, постојано ни кажуваат некакви причини за дефектот, ама не кажуваат како да го поправиме возот. Или, ако светските мајстори ни кажат каде да го најдеме делот што фали за возот конечно да тргне, тогаш овие домашните експерти на занаетот, велат дека таков дел не постои. И додека да се договориме како “Балкан екпрес“ конечно да тргне, најпаметно е да го нишаме. Така ќе мислиме дека одиме.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk