Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: ВИП Секретарка

-Ало…да
*Здраво. Јас сум…. Сакав да те прашам кога си слободен да се видиме?
-Еј здраво. Баш ми е мило што се јави, ама знаеш ептен сум во гужва. Жонглирам меѓу партиските и државните обврски. Дома доаѓам само за спиење. Ти требав нешто?
*Па да …
-Знаеш многу обврски ама ќе гледам да најдам некое просторче меѓу состаноци. И знаеш не ми звони на мобилен, зошто можеби ќе бидам на состанок во Влада,или во партија па нема да можам да ти одговорам. Најдобро ќе биде да се јавиш кај мојата секретарка. Поздрав.
*Ама чек…тит тит…

За ваков телефонски разговор деновиве слушнав од неколку личности. Не дека сум изненадена, ама навистина мислев дека оваа фаза на разговори е оддамна надмината во државава, со оглед на фактот што едни те исти личности постојано ги менуваат директорските места од една во друга институција. Или, пак една личност константно е директор (кога ќе дојде неговата партија на власт) на една одредена институција, затоа што си ја знаел работата! Мислев научија дека ваквите финти со секретарката не поминуваат веќе. Ама не научиле. Нов функционер, нова фотеља, стари изговори.

Навистина ми е тешко да сфатам која е таа енергија, импулс, дамар што им чука во градите и ги тера да мислат дека фотељата во која седат не допира до подот, туку е закачена на некое облаче кое никој не може да го види, ама затоа може да види се што се случува долу, тој што седи или лебди на облачето. Илузијата оди до таму што лебдачов мисли дека таму горе ќе остане подолго и не само што заборава како е на подот, туку ги заборава сите оние кои го качиле на тоа облаче.

Вакви лебдачи има во секоја владина конституција. Проблемот настанува кога балонот ќе се издиши, небото ќе затемни и фотељата заедно со него ќе падне на земја. Тогаш лебдачот нема воздух и не може да дише.

Се обидува да звони кај неколкумина на телефон, но од другата страна добива електронска секретарка која го информира дека повикот ќе биде пренасочен, и по звучниот сигнал да остави порака. Јасно му е што значи да оставиш порака на секретарка. Па макар и електронска. Се обидува да го добие партискиот шеф, но му се јавува неговиот шеф на кабинет кој му вели да му прати порака на шефот. Јасно му е. Се обидува да се јави кај неговите пријатели со кои се дружел пред да биде функционер.

По неколку дневно јавување кај неколкумина, некој му се јавува за да му каже дека половината од оние за кои прашува се веќе иселени од државава, а останатите немаат време за кафе затоа што имаат многу работа на работа или имаат обврски со децата.

Тогаш сфаќа дека е сам. Дека телефонот нема да му звони за некој да му побара некаква услуга. Не може да помогне никому. Никој не му крева слушалка затоа што веќе не е функционер. Нема веќе службени патувања, службени вечери и дневници. За сопругата веќе не е најзгодниот маж на планетава, а за соседите најдобриот сосед. Конечно знае дека падот е многу висок, а подот многу низок.

Вака завршува приказната на просечен македонски функционер, кој не учи од искуството на неговите предходни колеги сопартијци. И речиси никој не учи и затоа паѓа. Стрмулаво. Главечки.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *