По шест месеци мислам дека веќе сите разбравме дека Корона вирусот го промени начинот на живот на сите на планетава. Не промени и сите нас. Во изминатиов период научивме (за жал не сите) да се носиме со рестрикциите што ги донесе вирусот, а кои се однесуваат на ограничено движење, носење заштитна маска, ракавици, држење физичка дистанца…Тоа се мерки што ги почитуваме како заштита од Ковид 19. И тие се основата по која тргна промената на нашите животи.
Повеќето кои ги почитуваат мерките, веќе не си дозволуваат така слободно да седнат во кафеана со пријателите. И да седнат мора да носат заштитна маска и да бидат на дистанца. Налет кафето! Нема покани за свадбени свечености. Нема славење на родендени. Нема журки. Речиси во сите компании вработените чија работна обврска е врзана за интернет, со месеци работат од дома. Хронично болните како ризична група од самиот почеток се ослободени од работа. Учениците не посетуваат настава.
Половина година живееме во друг свет. Некои се бунат и не можат да издржат повеќе, а некои грижливо ги читаат вестите за вакцината, која ете само што не е откриена од Русија, Кина, Америка, Јапонија.. Сите земји работат на нејзиното создавање, но официјално се уште не е пуштена во употреба. Напоредно со тоа царуваат вестите од рубриката “Теорија на заговор“, од кои може да заклучиме дека ни следува чипирање. Во меѓувреме се променивме ние.
Веројатно не сме комплетно свесни каква трансформација од нас направи Короната. Сакале или не моравме да се соочиме со многу нешта кои од секогаш биле околку нас, но поради нашата дневно-животна трка не сме ги забележале. Најнапред луѓето со кои живееме, потоа блиските соработници со кои комуницираме исклучиво телефонски и секако нашите соседи. Но, најважно во оваа пауза е дали се забележавме самите себе? Мислам да. Мислам дека сите ние се соочивме самите со себе и со нашите барања од животот.
Изградивме поинакви приоритети, бидејќи сфативме дека доста долго време сме губеле на сосема неважни работи. Сме трошеле енергија на лица кои не го заслужуваат нашето внимание. Сме се лутеле и простувале кога не требало. Сме трчале кога требало да застанеме. Сме војувале со комплетно неважен непријател. Сме седеле будни кога требало да сонуваме. Имавме време сите ние да го извртиме овој филм. Да ја разбереме поентата. Да ја скицираме иднината.
Некои мои пријатели ми велат дека сум во заблуда. Дека луѓето не се менуваат, иако биле принудени да ги променат своите навики.Дека ќе го стартуваат запчаникот од таму каде што застанал, во моментот кога сите ќе бидеме вакцинирани. Дека го чекаат моментот. Не сум сигурна дека е така. Мислам дека половина година не е толку мал период. И да не сме сакале времето направило промени. Промени можеби кои не сакаме да ги прифатиме, но, факт е дека постојат. Длабоко во нас се случила бура од емоции, сеќавања, без број прашања и исто толку одговори. Време во кое застанавме да воздивнеме и да се запрашаме колку вреди спокојството? Колку вреди пријателството? Колку вреди слободата?
(Авторката е долгогодишна новинарка.)