Кој вели Македонија не е силна држава, и врз основа на што? Поради слабата економија? Дискутабилната демократија? Бројот на жители? Километрите територија? Бројот на невработени лица? Сивата економија? Можеби?
Но, сепак последниве неколку дена ми даваат за право да мислам дека сме посилни отколку што мислиме. И веројатно не сме свесни за тоа. Еве пример. Која друга земја (освен САД) можат да се пофалат дека урнале Влада во една држава, или направиле политички потрес? Ниедна. Ама ете ние можеме.
Предизвикавме ураган во Бугарија. Цунами директно во Софија. Го принудивме лидерот на партијата “Има таков народ“ Слави Трифунов, да ја напушти владината коалиција и јавно да соопшти дека тоа го прави поради Македонија. Оној шоумен Трифунов, кој ветуваше дека, ако неговата партија победи на изборите, ќе испрати Македонец во вселената. Ама пред да стигне да го исполни тоа, добар дел од неговата пратеничка група, се откажа од неговите идеи и одлучи да застане зад премиерот Кирил Петков. Сега на Слави му останува сам да патува во вселената, или да раскажува приказни во неговото шоу.
Лидерот на “Има таков народ“, веројатно мислел дека практикувањето на политиката или дипломатијата е еднакво на добро шоу како неговото, кое го гледаат милиони гледачи и добро се забавуваат. На несудениот лидер на Бугарија, никој не му кажал дека политиката може да изгледа како шоу од милион евра кога ја гледаме од страна, ама веројатно не знаел дека вистинската програма се одвива зад камерите или завесите, и дека некој друг ја составува содржината.
Нешто слично како нашиов министер за надворешни работи, кој се нешто патува некаде и не само што не знае зошто патува, туку и не знае да каже што зборувал со тие со кои се сретнал на патувањето. Веројатно како лекар мисли дека треба по завршувањето на операцијата да ни каже дека пациентот починал или евентуално има уште неколку месеци живот. Логично, кога за министер за надворешни работи ставаме лекар без никакво дипломатско искуство. Еднакво како неговиот колега Слави кој од шоумен почна да мисли дека е најважната политичка фигура во Бугарија.
И додека министеров-лекар за барањата на Бугарија зборува нешто неразбирливо, македонските граѓани преку социјалните мрежи многу јасно и нему и на шоуменот од Бугарија им соопштија дека овде во Македонија нема таков народ кој би се согласил да не зборува на сопствениот јазик, па дури и по цена да го изгубиме сонот за европската Унија.
Веројатно извлековме поука од промената на името на државата и сфативме дека за големи остапки треба да се добиваат и големи награди, а не нови проблеми кои се ставаат во рамки од која нема излез.
Или ќе го има во моментот кога ќе одлучиме комплетно да се самоукинеме. А толку верувавме во европскиот сон.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk