Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Колет

Сидони Габриел Колет или позната само како Колет е најпознатата француска писателка, чие име се поврзува со неверојатен талент, храброст и темперамент.
Скандалозноста е нејзиното второ име, пред се поради начинот на живот што го практикува во едно прилично конзервативно време, отворајќи врата на многу теми за кои не смеело да се зборува јавно. Особено темата за сексуалноста, која била основа да ги напише романите, во кои го раскажува животот на куртизаните.

Оваа хероина на своето време со своите романи ја обележа француската уметност и ја одведе својата земја на едно повисоко ниво, а по нејзината смрт е прогласена за национален симбол на Франција.
Како резултат на нејзиниот несопирлив карактер, но пред се, на нејзиниот талент, таа зад себе остава над 50 романи, од кои некои се адаптирани во театарски претстави, а некои и на филмското платно, како што е романот „Жижи“.

Книжевната хероина Клодин, со која и го започнува своето богато литературно творештво, а која ќе биде претставена во четири романи се објавуваат како романи на нејзиниот сопруг Вили иако, зад секој напишан ред стои токму таа.
Нејзиното детство во малото село во Бургундија, запознавањето со париските салони, бракот, како и нејзиното заминување, се всушност автобиографија на нејзиниот живот, се до оној момент кога одлучува на јавноста да и соопшти дека таа е авторот на Клодин. Таа е всушност Клодин.
Многу бури го одбележуваат нејзиниот живот. Сепак, она што мене секогаш кога читам за неа ме фасцинира е храброста.

Колет

Храброста да се одважи во еден машки свет на литературата и да соопшти дека е писателка. Дека токму таа е Клодин, личноста која станува симбол на обожување на читателската јавност, но и да не застане тука, туку да продолжи да пишува романи во кои отворено ќе зборува за сексуалноста, авангардата и проституцијата. Колкава храброст треба да имаш за да пишуваш токму на овие теми, во време кога на жените им се заканувало апсење долку биле облечени во пантолони.

Ако го гледаме од денешен аспект, веројатно многу, бидејќи денес овие теми не само што не се забранети туку и се вообичаено присутни. Ги има во романите, филмовите, сериите, и секако на социјалните мрежи. И се прашувам имаме ли ние денес забранети теми?
Ако се изземат темите за расизам, национализам, говор на омраза и слично кои се законски сакционирани, мислам дека демократијата прилично ни ги отворила портите да можеме да зборуваме на многу теми без да се плашиме дека поради тоа ќе бидеме санционирани. Но, дали таа преголема слобода можеби ги урива бариерите на доброто однесување и ја брише границата на учтивоста и простотилакот?

Пред појавата на социјалните мрежи можеби оваа слобода и не беше толку видлива. Но, откако интернетот завладеа со просторот или откако печатените медиуми изумреа, се дозволи секој да може да го каже својот став и мислење.
Секој мисли дека знае да пишува, да објавува, да зборува на теми кои не ги познава, да има свој простор, и секако да има став по сите прашања. И на тоа некако низ годините се навикнавме. Навикнавме да читаме експерти за се и сешто, кои имаат лек за секоја болка. Но, вистинскиот проблем настанува кога одредени лица под превезот на слобода, не само што зборуваат на теми кои реално не им се познати (и се разбира немаат цврсти докази и став за искажаното), туку и се обидуваат да те убедат дека нивното коментирање е она вистинското и единствено.

Веќе и не дозволуваат да има некој поинаков став, а доколку се случи нешто такво, не водат полемика, туку напаѓаат фронтално со најгрди изрази, кои се однесуваат на физичкиот излед на личноста, користат пцовки, па дури и клетви.

И се прашувам дали е ова слободата за која некој мачно се изборил? Дали демократијата ја сфативме како здраво за готово, при тоа без да размислуваме дека и во неа постојат граници, или пак, свесно не сакаме да ги гледаме и ги туркаме што подалеку, оставајќи му простор на простотилакот да царува. Дали интернетот ја отвори таа Пандорина кутија која никако веќе не може да се затвори? Дали е цензура регулацијата? Ако се прашувам јас не. Можеме да направиме совршени закони за регулација на интернетот, но доколку тие не се почитуваат попусто ги имаме. Нивното непочитување само го зголемува бројот на оние кои не се срамат ни од себеси ниту пак, од искажаниот збор, бидејќи реално не ја знаат неговата тежина. Никогаш не знаеле да пишуваат, ниту пак, прочитале некоја книга. Тие се вечни препишувачи на туѓи мисли и зборови, кои ги извртуваат и испогануваат за сопствени цели.

Нивната возвишеност се навредите и грдите зборови од кои паментниот се срами и да помисли на нив. Едноставно да се плашиш да искажеш мислење, бидејќи за кратко време ќе имаш еден тон непристојни и безобразни коментари кои многу малку ќе се однесуваат на искажаното, а многу повеќе за физичкиот изглед на авторот.

Имаш чувство дека седат пред компјутер и чекаат некој да напише нешто и веднаш да реагираат на начин со кој ја покажуваат својата некултура, незнаење, револт, бес..
И се е тоа слобода. Демократија. Колкава е цената на слободата што сите ние ја плаќаме?

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *