Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Културен геноцид

Кога започнаа нападите на Русија врз Украина, проценките беа дека ова ќе биде една од најкратките војни, која нема да трае повеќе од пет дена. Овие проценки како што гледаме секојдневно се покажаа како сосема погрешни, за што сведочи и изјавата на Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг кој вели дека незнае кога ќе заврши конфликтот. И додека оружјето беснее на територијата на Украина, напоредно со него се одвива и една друга војна во која се вклучени сите земји во светот. Војна во која жртва е ни крива ни должна културата. Таа, која од секогаш имала за цел да ни отвора нови видици и простори, да го обединува светот, да не учи за различностите, за убавината… Е токму таа е жртва на најновата војна. Без испукан куршум убиена токму во срцето.

Речиси сите земји во светот, вклучително и нивните граѓани ја осудија Русија за агресијата врз Украина. Но, тоа очигледно за пропагандната машинерија не беше доволно, па започна да се санкционира се што доаѓа од Русија или има некаков допир со неа. За жал во оваа хајка настрадаа и уметноста и културата, пак како на брза лента започнаа од репертоарите на театрите и оперските куќи да се симнуваат делата на руските автори. За миг за агресори беа прогласени Чајковски, Достоевски… Уметници чии дела се создадени во еден друг век и систем кој не го познавал Путин ниту, пак претпоставувал дека ќе се роди. Но, и тоа не беше доволно. Од оперската дива Ана Нетребко светската јавност бараше јавно да ја осуди агерсијата на Русија, што и покрај тоа што таа тоа го стори сепак, и беа откажани серија настапи. Се чини дека врв на лудилото беше бришењето на името на Јуриј Гагарин од вселенските конференции . Кон оваа културна хајка се приклучи за жал и Македонија со откажувањето на концерт на чиј репертоар требаа да се најдат дела на руски автори. Кога ја запрашав мојата колешка, која патем е долгогодишен новинар во културна редакција, зошто и Македонија станува дел од еден ваков културен геноцид, кратко ми рече “притисокот од јавноста и социјалните мрежи беше преголем“.

Тоа значи дека Владата попуштила пред притисокот на јавноста и социјалните мрежи и ја “убила“ културата. Не ја спорам силата на јавноста. Таа е голема и мошне важна, и секоја Влада треба ја почитува. Но, не се сеќавам дека Владата била толку многу ажурна во почитувањето на мислењето на јавноста, кога се работело за некои други теми. Многу пати сме биле сведоци на жестоките реакции на јавноста за однесувањето на одредени политичари за кои се врзувале криминални дејствија, а за кои јавноста барала санкционирање и отчет, а тоа не се случило. Не се сеќавам на така брза реакција на Владата по негодувањето на јавноста, за недоличното и непрофесионално однесување на одреден фунционер или пак, некоја владина институција. Впрочем, во оваа насока говори и најновата “драма“ на оној кој е најповикан да санкционира, министерот за правда, кој не знае како да го оправда своето патување во Палермо на фудбалски натпревар, а за кое јавноста прашува и негодува неколку недели. Не слушнавме дека премиерот го слушна гласот на народот и одлучи да го казни министерот за правда.

Приклучувањето на Македонија кон оваа културна хајка не можам да го карактеризирам никако поинаку, освен како желба да се биде допадлив. Или, пак, можеби стравот е во прашање? Страв од тоа да се биде различен? Не знам, можеби. Страв од став со кој многу јасно и недвосмилено ќе се каже дека културата не познава граници, ниту пак, смее да биде обоена, или присвоена. Таа не му припаѓа на еден народ, таа му припаѓа на светот. Мислев дека ова прашање светот го решил оддамна. Но… Во секој случај и Македонија и сите земји кои ги санкционираа руските автори, покажаа дека не ги научиле лекциите од Втората светска војна. Не ја прочитале книгата „Идиот“.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *