Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Народ дава, народ зема

“Храброст е она што е потребно за да станете и прозборите, храброст исто така е и она што ви треба за да седнете и слушате.”

Ова е една од многуте инспиративни изјави на Винстон Черчил, политичар кој остави длабока трага во светската политика на дваесеттиот век. Со неговите изјави се среќавам од време на време, а на оваа посебно се присетив денес, по завршувањето на изборната ноќ. Да бидам поконкретна, асоцијацијата ми ја даде лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

По дебакалот во првиот изборен круг на претседателските избори, речиси секој ден на изборните митинзи повторуваше дека пораката од граѓаните е примена, но изгледа дека не била слушната, или како што рекол Черчил, СДСМ не собрале храброст за да седнат и слушнат.

За волја на вистината две недели пред избори и доцна е да се слуша, бидејќи граѓаните секој ден во изминатите пет години зборувале, но немало кој да ги слушне.

И токму поради тоа на овие избори СДСМ го остварува најлошиот изборен резултат, и за прв пат од независноста на Македонија е трета политичка опција. Резултатот говори сам по себе, дека во оваа партија во иднина ќе треба да се направат коренити промени, не само кадровски, се разбира доколку сака да се врати на политичката сцена на местото кое и припаѓа. А треба да се врати, затоа што силна опозиција и е потребна на секоја власт, за да ја приземни.

Нема да ги набројувам грешките на СДСМ, за нив слушавме од опозицијата во текот на кампањата, но важно е да се потенцира дека нивниот лош рејтинг ја оневозможи победата на Стево Пендаровски во претседателската трка, иако бројките велат дека Пендаровски има повеќе гласови од СДСМ, но не доволно за да остане во Вила Водно.
Двојната загуба на СДСМ, ја отвори вратата за двојна победа на ВМРО. Пендаровски како колатерална штета на СДСМ, и овозможи неверојатно голема победа на професорката Гордана Силјановска.

Македонија за прв пат ќе има жена претседател, што е сатисфакција за мене како жена, но многу повеќе ќе ми значи нејзиниот учинок во претседателската фотелја, кој се очекува. Напоредно со нејзините професионални перформанси, истото го очекуваме и од партијата што ја предложи за претседателски кандидат – ВМРО, која забележа неверојатна победа, чиј број на пратенички мандати е блиску до мнозинство.

Оваа бројка на гласови не доаѓа туку така. Таа не е резултат само на напорната кампања и работа на партијата, туку многу повеќе е резултат на револтот на граѓаните кон предходната власт, кои на овој начин одлучија да ја казнат. Токму затоа ВМРО нема простор за одмор, нема простор за комоција, па дури нема ни 100 дена.

Граѓаните ќе бараат се што им било одземено во изминатите пет години. Ќе бараат да им се врати достоинството.
Изборните резултати ја променија политичката карта на Македонија. Веќе рековме дека за прв пат СДСМ е трета политичка партија, зад ДУИ. Бројката на освоени пратенички мандати на партијта на Ахмети не е мала, но ако лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски си стои на зборот, не е доволна за да биде дел од идната владејачка гарнитура, што ќе значи нејзино заминување во опозиција за прв пат, откако е формирана.

Многумина во државата го очекуваат овој храбар чекор на Мицкоски, и Албанци и Македонци, но дека повлекувањето на ДУИ во опозиција, за која и не знаат како изгледа ќе оди лесно, не верувам. Напротив, мислам дека ќе направат се за тоа да не се случи.

Не им е далечно бандитското однесување. Сите се сеќаваме какви се не проблеми предизвикаа, кога тогашниот победник на изборите Никола Груевски во 2006 тата година одлучи да ги земе ДПА за коалициски партнер. Закани за нереди доаѓаа секојдневно, а напоредно со тоа одеа и поплаките кај меѓународниот фактор, под чиј притисок се овозможи нивен влез во Владата. Тогаш воспоставеното непишано правило победникот во македонскиот политички блок да прави коалиција со победникот во албанскиот, го прекрши токму ДУИ, на изборите во 2016 година, кога наместо ВМРО со освоени повеќе пратеници од СДСМ го избра СДСМ.

Сега партијата од Мала Речица бара да се врати старото правило. Баш како што ним им одговара. Се надевам дека Калето овој пат нема да врши притисок, туку ќе ја остави македонската политичка партија победник на овие избори сама да го избере својот албански партнер, но и истовремено ќе треба да им објасни и на ДУИ дека мораат да одат во опозиција. Тоа им го должи на македонските гласачи.

Преговорите за составот на идната Влада допрва доаѓа. Не е исклучено во нејзиниот состав да се најде и новоформираната партија на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој на овие избори до максимум ја изненади јавноста, освојувајќи пет пратеници. Иако за краток рок блесна на политичката сцена, за мене лично воопшто не е изненадување појавата на оваа партија, бидејќи незадоволството од нивната матична партија СДСМ многумина натера да најдат опција каде ќе продолжат да делуваат партиски, споделувајќи ги своите социјалдемократски идеи. Практично, појавата на оваа партија е уште една казна за СДСМ. Исто како коалицијата „Вреди“ за ДУИ.

На македонската политичка карта со овие избори се исцртаа нови територии. Ги исцртаа лично граѓаните на Македонија. Со пенкало. На избори.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *