Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Не фатија на заб

Пред повеќе од четириесет години претавувало престиж да се има барем еден златен заб во устата. Оние што рапослагале со повеќе финансиски средства имале речиси цела златна вилица. На тој начин го покажувале својот статус во семејството и општеството. Се одело дури и до таму што родителите на невестата како свадбен подарок на својата ќерка и ставале златни коронки на забите. Тоа за присутните на свадбата требало да значи дека невестата доаѓа од богато семејство, и дел од богатството го носи со себе.

Покрај покажувањето на статусот во општетсвото, ставањето на златни заби или вилица преставувало и економска инвестиција. Инвестиција која секогаш ја носеле со себе и која лесно можела да се извади (како пари од банка) ако имало недостиг на финансии. Само со едно одење на стоматолог.

Подоцна оваа практика почнла да се смета за примитивна и останала да постои уште некое време кај некои ромски семејства ширум Балканот. Денес не може да се сретне човек со златен заб или вилица. Можеби во некоја театарска претстава каде служи за потсмев, бидејќи од денешен аспект тоа навистина изгледа смешно.

Но, се прашувам зошто не изгледаше смешно практиката на ставање сваровски кристали на забите што пред петнаесет години ја започнаа некои холивудски актерки и светски пејачки? Тоа тогаш за некои изгледаше кул. Исто како златниот заб во минатото.

Денешната корективна стоматологија функционира на сосема поинакво ниво. Или што ќе рече, ги следи трендовите на 21-от век. Како и во сите сфери на живеењето, така и во стоматологијата се применуваат сосема поинакви концепти, кои воглавно се однесуваат на перфектниот изглед на забите и немаат голема врска со статусот. Сепак, како и да е останала изреката “ме фати на заб“!

Можеби во минатото тоа значело дека е одредена личност е прифатлива за личноста од спротивниот пол, но денес дефинитивно значи нешто сосема друго. Често можеме да слушнеме како некој ученик вели дека професорот го фатил на заб. Или, пак вработениот, дека директорот го фатил на заб, што во преносна смисла на зборот значи дека не мисли за него добро. Факањето на заб значи дека сте ставени во некоја процедура на посматрање со мали или поголеми обиди на малтретирање, за кое можеби и воопшто не сте винови, или, пак не директно.

Кога помислувам на оваа изрека ми текнува на нашата држава. Имам чувство дека се некако нашава Македонија ( и ние со неа),е фатена на заб. Впрочем тоа го докажа нашиот долг и сеуште не завршен пат кон европската Унија. Се некој не фаќа на заб. Најнапред Грција со името, а последниве години Бугарија со јазикот и историјата. Како строг професор кој од студентите бара да го знаат секој збор од неговата книга, или, пак директор кој не можејќи да се справи со оние што се над него, го истура бесот врз вработените.

Фатени на заб поради причина која кој никој точно не ја знае, или, пак е толку небулозна што не можеш да го најдеш вистинскиот начин за да ја побиеш. Впрочем, како да докажеш дека си таа националност, за која некој вели дека не си, или, пак дека го зборуваш јазикот кој е твој мајчин. Знам дека науката може да ги даде сите одговори, но дали некој ја прашува неа? Не. Се е сведено на прагматична политика која треба да ја обликува коронката на оној фатен заб, ако сакаме да ја видиме златната европска вилица.

Празни се таканаречените мешовити комисии кои треба да го дефинираат минатото, односно да ни кажат каде и што сме биле во одреден период, како и да ни дадат нов приказ за одредени личности. Со други зборови да го моделираат нашето минато и што е уште поважно, нашата сегашност, која треба да ја прифатиме доколку сакаме да не бидеме „фатени“. И така како под анестезија да продолжиме да чекориме по патот.

И така со години. Ние фатени за забот кој не боли, тие фатени за нашиот заб кој не сакаат да го лечат туку сакаат да му стават нова коронка. Порцеланска, која ќе служи само за европски насмевки. Однадвор светкава, а одвнатре со умртвен нерв. Мртов заб кој нема функција да ја расекува храната, туку само да светка пред фотоапаратите. Важно насмевката да биде холивудска!

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *