Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Сончогледи

Многу легенди се настанати како плод на невозвратена или несреќна љубов. Една од нив е онаа за младата нимфа Клизиа која била вљубена во богот на сонцето. Секој ден со очите го пратела богот додека се возел со огнената кочија. Богот Аполон поласкан од нејзиното внимание ја завел, но подоцна ја напуштил.
Клизиа била толку многу очајна што девет дена не престанала да плаче, гледајќи го богот на сонцето како минува со неговата огнена кочија.
Легендата вели дека телото на нимфата полека почнало да се здрвува претворајќи се во тенка и силна билка, чии стапала се закопале во земјата, додека нејзината коса пожолтела.

Убавата нимфа Клизиа станала сончоглед и продолжила и натаму со очите да го гледа и следи богот на сонцето.
На оваа легенда задолжително ми текнува секогаш пред избори, или поточно на луѓето сончогледи што се јавуваат во овој период како печурки после дожд. Речиси и да нема ден тие да не се пристутни на социјалните мрежи, на кои со свои писанија и статуси ни објаснуваат колку е лошо во државата.

Некои од нив дури и ни кажуваат дека во изминатиот период биле репресирани, ама не сакале да зборуваат за тоа јавно. Ама затоа сега многу гласно секој ден врескаат во некоја дебатна емисија. И не само во ваков формат на емисии, печуркиве можат да се видат и во утринските емисии на телевизиите, во емисиите за мода, во емисиите за здрава исхрана, и последно очекувам да ги видам во временска прогноза.
Тоа се истите оние што во изминативе пет години беа сокриени во некоја глувчешка дупка, за кои дури и мислевме дека ја напуштиле Македонија.

Рака под рака со печуркиве сигурно ја газат патеката и сончогледите. Тие навреме, како кучиња трагачи, намирисуваат дека доаѓа промена на владината гарнетура и веднаш започнуваат со акција.
Фаќаат приклучок преку роднини и пријатели кои се активни во партијата што доаѓа на власт, а не ретко се впуштаат и во таканаречените афера-акции. Овој вид на акции се специјални бидејќи ги изведуваат вработени во државните инстутуции, кои не можејќи веќе да го трпат „теророт“, одлучуваат како свиркачи до опозицијата да достават прилично сензитивни материјали, при тоа надевајќи се дека ќе бидат наградени за тој труд, или прогласени за Асанжи.

Трката меѓу нив е немилосрдна, при тоа не сфаќајќи дека возот е заминат. Тие информации ќе имале некаква намена ако биле дадени пред две или три години, сега пред избори не значат ама баш ништо. Но, човечки е да се надеваат. Хумано е да мислат дека прават херојско дело кое ќе ги заштити во наредните четири години.
Доволно години имаме демократија во државава за се уште да се изнанадуваме од ваквиот вид на луѓе. Ама секогаш се изненадуваме. Секои избори. И тоа е така затоа што партиите дозволуваат овие (не) ретки ѕверки да се размножуваат. Да се удвојуваат на секои избори, бидејќи знаат дека тоа минува. И минува.Се собираат. Или како велеше еден политичар „Ќе соберам шуто и рогато“.

И веднаш по завршување на изборите ти се први што наоѓаат приклучок со новата власт. Не излегуваат од кабинетите на министрите и директорите, а не ретко можеме и да ги видиме и во функција на главни советници, па дури и директори.
Тезата за тоа на политичарите е дека на тој начин го намалуваат бројот на критичари и незадоволна администрација, додека на гласачите дека по кој знае кој пат се изиграни, или вечно се наоѓаат на некоја приоритена листа.
Најинтересни ми се оние што себе си се замислуваат како политичари во најава, па глумат лудило дека се политички стратези или аналитичари и големи Македонци, па започнале да пишуваат нешто што тие самите си го нарекле колумна, па им се јавиле на половина фамилија да им стисне лајк на писанието.

И по дифолт имаат коментар за се што сега во моментов се случува на политичката сцена, се разбира со особен коментар на изјавата на некој политичар во заминување. Лесно е да тепаш „мртво магаре“!
Не дека сончогледи нема во другите земји, ама мислам дека како овие нашиве нема никаде. Веројатно е поради климата.
Македонија е сончева земја, па лесно им е да го следат сонцето. А годинава особено им се погоди поради глобалното затоплување кое им даде силно сонце во февруари. Ќе се вртат до април. И подолго!

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *