Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Со љубов од Македонија

Случајно на улица најдов отпечатен леток на кој пишуваше „Русија тргни ги рацете од Украина“. Летокот најверојатно му припаѓа на друштвото на македонско-украинско пријателство, кое по инвазијата од страна на Русија се обидува да им помогне на Украинците кои ги напуштиле своите домови, или, пак, да обезбеди основни средства за оние кои сеуште се наоѓаат во својата татковина. И немаше да има ништо чудно во овој леток, доколку некој креативен ум на отпечатеното предупредување “Русија тргни ги рацете од Украина“, не допишал „Стави ги на Македонија, гушни ја силно и задуши ја од љубов или омраза“. Се е во ред и сосема е разбирливо до она „гушни ја силно“.Одма ти станува кристално јасно дека станува збор за сериозен поддржувач на Русија и претседателот Путин. Но, она што ми го мати умот е останатото “задуши ја од љубов или омраза“! Што ли сакал да каже нашиот креативец? Можеби мислел дека треба да се гушка до задушување, како највисок степен на љубов!? Ама па, зошто задушување од омраза?

Бидејќи не знаеме кој е авторот на овој “ребус“, можеме да толкуваме како што сакаме или разбираме. Во секој случај оваа “допишуванка“ ми дава за право да мислам дека во нашава држава не се работите црно – бели како што многумина сакаат да ги престават. Односно не се на нивото за кого си за Американците или за Русите, за НАТО или за Русија, за Германците или за партизаните, за Сталин или за Тито… Малку е повеќе од проблематично. Впрочем, како и секогаш кај нас. Не е спорно дека во Македонија постојат граѓани а можеби и здруженија, кои се силна поддршка на инвазијата на Русија во Украина. Тие имаат свои образложенија зошто ги оправдуваат чекорите на Путин, тргнувајќи од фактот дека Русија има право да ги брани своите граници од НАТО, па се до идејата за воскреснување на некаква нова варијанта на СССР или Голема Русија. Но, има и такви кои се жестоки противници на агресијата од страна на Русија, при тоа сочуствувајќи се со украинскиот народ.

Во секој случај, поделеното мислење не е изненадување во Македонија. Русија отсекогаш имала сериозно влијание во земјава, но и граѓани кои својот пат единствено го гледаат во европската Унија. Изненадување се процентите од најновото истражување, во кое се најде и ова прашање. Имено, висок процент од анкетираните се изјасниле дека ја поддржуваат агресијата на Русија врз Украина, но исто толку, или приближно толку сакаат да ја видат Македонија како дел од европската Унија. Овие одговори збунија многумина, бидејќи од нив можеме да заклучиме дека Македонците сакаат во ЕУ, ама го сакаат и Путин. Не е изненадување поддршката за Путин. Како што реков, во Македонија има сериозни вљубеници во Русија. Изненадување е што тој процент е сериозно висок, речиси идентичен, ако не и поголем од оној за ЕУ.

Според мене високиот процент на поддржувачи на Русија не е бидејќи македонските граѓани се вљубени во нејзината убавина или во лидерот Путин. Вистината е во македонскиот инает. Му здодеа на Македончето секоја година повеќе од десет години да добива позитивни препораки за отпочнување на преговори за влез во европската Унија, и никако да започне. Му здодеа на Македончето од ветувањата дека еве само што не сме влегле во ЕУ. Се навреди Македончето од изигрувањето на европските челници дека проблемот е само името на државата. Се чувствува излажано. Изневерено од оние на кои најмогу им веруваше. И се уште сака да биде дел од Европа, ама за инает ќе го поддржува Путин.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *