Пред некој ден гледав еден филм кој не ми остави силен впечаток (затоа и не го именувам), но во кој слушнав една реплика, која ме натера да размислувам. Приказната се врти околу едно младо момче кое потекнува од прилично богато семејство, чии пари неговиот татко ги заработува правејќи матни зделки. Како што и се очекува од него, и тој активно учествува во „бизнисот“ на татко му. Сепак, и покрај мноштвото пари што ги заработува и “угледот“ што го добива се чувствува помалку фрустирано, бидејќи е необразован.
Неговата фрустираност поради необразованост доаѓа од девојката во која е вљубен, а која е докторка. За тоа време пред 100 и повеќе години, прилична реткост. Во еден разговор со неговиот татко, му признава дека таа девојка е неговиот сон, но се плаши да и пријде за да не биде одбиен, поради фактот што нема образование. Неговиот татко се насмевнува и му вели “ Сине мој, образованието да беше најважно, немаше толку магариња со златен самар да шетаат по градот, ќе шетаа со дипломи“.
Приказнава е од пред 100 и повеќе години. Мислите дека денес има разлика во самарот и дипломите? Мислам дека нема. Знам ќе кажете дека времето е поинакво, максимално се вложува во образованието, бројот на децата кои посетуваат основно училиште е сто процентен, додека за оние од средно и високо обраование, секако висок. Дури и докторите на науки се вишок во државава, според Агенцијата за вработување. За магистри, ич муабет да не правиме. Неспорно е дека сме напреднале во поглед на бројот на образовани кадри. Но, прашањето е дали сме го поддигнале нивото на вредностите. Дали самарот тежи колку дипломата или повеќе?
Не дека станува збор за некакво откровение, ама еден од последните настани во државава, кој нема врска со образование, ама има врска со самарот, дефинитивно ми ги потврди сомневањата дека златен самар, е златен самар, па макар бил 21 век и 2021 година. Ете тој златен натоварен самар на пример, може да те спаси од ефективен притвор, да ти ја намали казната затвор, да ти помогне да добиеш тендер, да станеш успешен бизнисмен, да бидеш назначен за директор, да добиеш награда за најдобар менаџер… и што уште не. Тој самар чуда прави. Не попусто рекле натовари го самарот додека можеш, за останатото не се грижи. Токму тој самар ќе ти помогне да ти се тргнат грижите.
Во Македонија некои ја имаат привилегијата постојано да го товарат самарот и да ги празнат џебовите на останатите, кои најблиску успеале да бидат единствено до магарето. Оние кои се верни гласачи, плукачи, активно вклучени во сите дебати преку нивните телевизии и компјутери… едноставно, луѓе од доверба. За да го чуваат магарето.
Пред некој ден бев на кaфе со мојата внука. И пријде едно момче на нејзини години. Се обидував да не го слушам разговорот, бидејќи сметав дека е тоа “генерациски“ муабет. Сепак, ме заинтересира делот кога зборуваше за негова работна обврска која како што рече е да креира јавно мислење. Во тој момент единствено што се прашав во себе, дали ова момче воопшто знае што значи да се креира јавно мислење. Љубопитно ја прашав внука ми што работи. Се насмевна и ми рече, ништо седи пред компјутер цел ден, ама вели дека добро заработува.
Ова е новото време. Време на дигитализацијата. Време на пропагандата кога истата е пуштена на најјако. Време кога кралицата е марионета, а кловнот крал. Време кога и птиците не пеат, зошто не знаат која песна треба да биде на репертоарот. Време кога холивудските филмови се реалност, а главните ликови од него се од нашето маало. Само малку изменети, поради ликот што го толкувале. Време кога некој го мести диоптерот на твојата перцепција, и ти вели не е тоа што мислиш. Веројатно е од компјутерот. Од оние што го креираат јавното мислење.
Самарот веќе не е златен. Тој е извезен со златна срма. Иста како онаа со која се подврзуваат дипломите, пред да се стават во некој шкаф за да фаќаат прашина.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)
* Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.