Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Холивудски разводи и домашни озборувачи

По неколку напнати недели додека го чекавме исходот од судењето на холивудските ѕвезди Амбер Хард и Џони Деп, конечно можеме да здивнеме и да се посветиме на нашите домашни ѕвезди и ѕвездички.

Изминативе неколку недели ( тоа можеби почнало и порано), не можев да се изначудам на брзината со која одредени медиуми известуваа за судењето на оваа ѕвездена двојка, притоа постирајќи по неколку вести во денот, како да имаат специјален известувач, кој директно се јавува од судницата. Јасно ми е дека холивудската двојка има безброј обожователи во целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија впрочем, барем Џони Деп или Џек Спарау од “Пиратите од Карибите“ е лик кој сите сме го гледале на големото платно барем еднаш. Но, навистина не очекував дека овој развод (како и многуте од Холивуд), ќе побуди толку голем интерес, што во стручна расправа ќе се вклучат и некои наши адвокати.

Разбирливо ми беше фејсбук стратезите ( како и на секоја тема) стучно да елаборираат за тоа кој е виновен во овој судски процес, но се изненадив од рецензијата на судскиот процес од страна на домашните адвокати. Се разбира дека нивните стручни забелешки беа наменети за домашната јавност, за истата да прочита или осоознае дека ете и тие се исто толку добри како адвокатката на Деп, која ги освои срцата и на поротата и на американската јавност. По одлуката на поротниците следуваше кулминација на експертите од социјалните мрежи, што беше заокружена со една досетка дека во обвинителниот акт е изоставен Миле Јанакиески со одреден триесетдневен притвор или најмалку, парична казна.

Сакам да се убедам себе си дека посветеноста на овој судски процес од страна на јавноста е резултат на празнината од домашните естрадни скандали или пак, политичката тематска исцрпеност, која се тркала од датум за отпочнување на преговори за ЕУ до ветото од Бугарија, (иако овие две теми се првите две од топ десет секогаш, барем првата едно 15 години), сепак, желбата да се дели правда и за случаи кои никако не се поврзани со нас, малку ми е чудна. Знам дека ќе речете дека и ние сме дел од светот и читаме за сите случувања па и за холивудски разводи, и од тука имаме право да зборуваме и за тоа, сепак мислам дека причината е некаде на друго место.

Можеби во фактот дека многу полесно се дели правда или искажува мислење за случаи кои нас не не тангираат, или од кои не може да се има никакви последици. Во спротивно, доколку се работи за домашен судски случај, а со оглед на корупцијата во државата има и тоа како за што да се пишува и зборува, добро се размислува дали да се направи тоа, бидејќи во спротивно може да се навлече гневот на одредени владини или партиски структури, кои сериозно можат да и наштетат на кариерата на оној кој елаборира. Или , пак, можеби потребата едноставно лежи во фактот дека целото наше општество набиено со негативен набој од се што ни се случува на државен и политички план со години, има потреба да критикува, како најлесно би си го изгонил гневот од душата за сите проблеми што го тискаат.

Која и да е причината имам чувство дека станавме општество во кое многу лесно се критикува, клевети и обвинува, но најважно најмногу се озборува. Мислам дека озборувањето стана главен спорт во земјава или адут за некои лица со помош на кое им се отвораат вратите онаму каде не би помислиле дека би можеле да влезат. Озборувањето е добар пат за нaпредок во кариерата во системи како нашиот каде главниот менаџер наместо да се занимава со проблемите во компанијата или институцијата, се заморува со слушање приказни што се вртат по кулоарите. И тоа врви. И тоа добро врви и носи бенефит, за двете страни. Што е важно дали носи резултат за компанијата, институцијата или државата. Впрочем да не заборавиме дека ние сме држава во која се менуваат влади со помош на озборување, односно тонски записи познати како бомби.

Во меѓувреме додека се озборува по ходниците на институциите, со нетрпение ќе очекуваме на социјалните мрежи стручна елаборација на некој поголем таен скандал. Ако не, Холивуд ене каде е.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *