Сите ја знаеме онаа народната „Наведната глава сабја не ја сече“. Долго оваа поговорка беше употребувана за да се објасни однесувањето на Македонецот од времето на турската окупација па се до недоамна. Велам до неодамна, затоа што мислам дека прототипот на денешниот Македонец малку ја измени оваа утврдена и воспоставена максима.
Не дека не мислам дека се уште постојат Македонци кои попрво би ја наведнале главата, отколку да пружат отпор или да се спротистават. Секако дека постојат. Но, тие мислам дека тоа го прават од сосема поинаква природа. Се одлучиле да го применат молкот во дадена ситуација, не поради тоа што се плашат од последиците кои би ги имале поради нивното бунтување и негодување, туку поради фактот што низ годините (барем оние повозрасните), сфатиле дека молкот е најдобрата опција во дадена ситуација. Особено во онаа во која надвладува незнаењето, кичот, насилието, и увереноста на одредени, дека се секогаш за се во право и знаат повеќе од било кој друг присутен на дебатата или просторијата. Сфатиле дека е попусто да водиш разговор со некој кој е полн себе, а всушност комплетно празен.
И така, сите оставајќи ги овие „врескачи“ да ги убедуваат останатите дека белото е црно, или црното е бело, нивниот број почнал толку многу да се зголемува што веќе и вклучување во дискусија со нив станало беспредметно, бидејќи самите тие почнале да си личат еден на друг, потиснувајќи ги сите останати што не се согласувале со нивното мислење. Ако случајно некој се јавел да им противречи немало да се случи размена на аргументи, туку едноставна проста препирка во која „врескачите“ исплашени од своето незнаење и плиткост, започнуваат да глумат жртви и да слушаат закани таму каде што ги нема. Исто како пироманите кои ќе го подметнат пожарот, а потоа врескаат дека се случил пожар.
Прототипот на денешниот Македонец ја наведнува главата затоа што знае дека не може ниту со аргументи да го убеди самопрогласениот најубав и најпаметен врескач. Не се ни обидува. Знае дека тоа е јалова дебата. Но, знае и зошто врескачот вреска. Знае дека зад сиот тој негов гнев и самобендисаност спие едно исплашено човече полно со комплекси, кое се плаши дека некој ќе успее да го соголи и ќе ја види неговата празнотија, во која ќе исчезнат сите негови големи “зборови“ и “дела“. Некој ќе успее да го види неговиот страв. Затоа има страв, поради стравот. И како пијан за плот се држи за максимата „стравот лозје чува“. Тоа си го вели секој ден сам на себе, а кога ќе биде во присуство на други лица, започнува да вреска и навредува.
Овој тип на Македонци потполно ги засени оние другите. Низ годините се изнагледавме лица кои така храбро се бунтуваа, и сите ние мислевме дека мислат како нас останатие, но за жал подоцна сфатиме дека тие не се плашеле од сабјата, затоа што нивната глава никогаш не била пред острото сечило, туку била допрена до џелатот со кој си разменувале мислења. А џелатот да ти бил наш познаник, но поради маската не сме успеале да го препознаеме. Тој ни ги сечел главите кога требало или по наредба, а кога можел другарувал со нас.
Таков е овој свет. Овде трње, онде цвет. Само што веќе не можеме да препознаеме што е цвет, а што трн. Понекогаш цветот додека сакаш да го впиеш неговиот мирис, толку силно ќе те забоде, чиниш бодеж во срцето добиваш, додека трњето некогаш знае да те изненади и да ти пружи поддршка кога најмалку си се надевал. Нешто слично е и со луѓето и оние старомодните Македонци и овие ребрендираните.
Повеќе не знаеш од кого што да очекуваш. Дали некој ќе те изненади со цвет, или ќе те изгази како трње. Веројатно се зависи од моменталната ситуација, или од нивото на кое се наоѓаш ти или тие. Дали си погоре или подолу. Дали гледаш угоре високо, или гледаш да не паднеш во бездната. Дали си одиш по патот, или скокаш по неколку скалила одеднаш. Дали разбираш кога некој те лаже или сакаш да бидеш излажан.
А можеби и се е до времето. Сончево или облачно.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk