Пуштам телевизија. Гледам половина час. Го гасам телевизорот и одам пред огледало. Се штипнувам за образ, и самата на себе си велам добро е, јас сум се уште истата. Ова е мојот дом, моето огледало, и да секако гледам во календарот, се уште сме 2021 година. Се враќам назад, седнувам пред телевизор, ама се плашам да го пуштам.
Што ако го слушнам истото? Што ако слушнам дека Вардар станал пловен, дека сме изградиле два нови моста во Скопје, сме го решиле проблемот со загадувањето, нема веќе депонии, сме отвориле десет нови градинки, улиците ни станале како писти, пешачките патеки нема каде ги нема, вода во секој дом, нема автомобили по улиците сите се во подземните гаражи, сите користиме велосипеди, бесплатно се возиме во нови двокатни, море трокатни автобуси, паркови пред секоја зграда, дрвјата пораснале преку ноќ…?!
Не пуштам телевизија. Пак ќе треба да одам пред огледало и да го проверувам календарот. Ќе гледам некој филм. Научно-фантастичен. Не, некој пореален, согласно секојдневието во земјава. Трилер. Зошто знаеш на што си. Негативецот или го убиваат на крајот или завршува во затвор. Со научната фантастика никогаш не си сигурен. Во последен момент се отвора некој портал од вселената и ја замрсува дополнително загатката.
Барем дејствието на филмот да се одвиваше околку црната дупка. Ќе можев да претпоставам како ќе тече сценариото, зошто таа нам ни е добро позната. Ја живееме секој ден, а најмалку еднаш годишно, односно за време на некој изборен циклус симулираме дека излегуваме од неа. Влегуваме, излегуваме. Речиси секоја година по еден месец.
Сега сме во фаза на излегување, бидејќи Македонија е влезена во изборен циклус. Телевизиите, радијата, порталите, секојдневно ги пренесуваат пораките на политичките лидери и нивните кандидати за градоначалници, и кога мислиш дека ништо не може да ја надмине фантазијата на браќата Грим и Хари Потер, сфаќаш дека ни Марвел филмовите не ни се до малиот прст. Не можеш да си веруваш на ушите кога слушаш што се ветуваат кандидатите за градоначалници.
Се прашуваш дали е тоа некој трајлер за нов филм, или е порака од некој реален политичар. Затоа го пушташ телевизорот за време на вести, и се надеваш дека не влегол некој научно фантастичен филм во терминот на вести. За сигурно го чекаш терминот на дебати. И тогаш дефинитивно и без огледало знаеш. Тоа се нашите кандидати за градоначалници и нивните ветувања.
Ќе се издражи. Ќе помине. А што не поминало, па уште еден изборен циклус?! Ама ме мачи прашањето уште колку пати треба да паднеме во истата замка за да ни дојде памет? Не, не е до паметта. Таа не сме ја изгубиле се уште, ниту поединечно, ниту колективно. До надежта е. Таа не сакаме да ја напуштиме. И затоа се надеваме. Секој изборен циклус нова тура надеж. Ама политичарите тоа не го разбираат. Мислат дека навистина веруваме во тоа што го ветуваат.
Не можат да разберат дека надежта не држи овде, а не ветувањата. Ако беа ветувањата веројатно ќе бевме во вселената, согласно ветувањата на еден политичар од минатите избори.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk