Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Шкорпија

Неделава ја одбележа смртта на едно од најпознатите лица на европската кинематографија, Ален Делон.
Актер со мноштво брилијантни актерски улоги во огромен број филмски остварувања, но и маркантно лице кое зад себе оставаше воздишки кај женскиот пол не само во неговата родна Франција, туку во цела Европа. \

Веста за неговата смрт ја објавија повеќе медиуми во светот, а со оглед на долгата актерска кариера, речиси сите телевизии направија омаж на неговото творечко богатство, потсетувајќи не на неговите позначајни филмски остварувања.
Некои од светските медиуми обајвија и негови интервјуа, што ги давал низ годините, каде предничеа разбирливо, француските телевизии.

Едно од тие интервјуа со Делон ми остави сериозно длабок впечаток. Станува збор за разговор конципиран како квиз, каде актерот треба брзо да одговори на блиц прашања.
Од одговорите кои ги даваше несомнено можеше да се забележи дека станува збор за исклучително интелигента личност, чија интелигенција веројатно постојано паѓала во втор план, наспроти неговиот физички изглед.
Но, одговорот на едно прашање всушност, ја покажа целата негова величина, бидејќи таков одговор дава само реализирана и комплетна личност.
Имено, на прашањето на новинарот “Доколку државата Франција во овој момент печати нови банкноти, која машка или женска личност би ја предложиле да се најде на нив?“, Делон без размислување вели Шарл Де Гол и Брижит Бардо.

За мене лично одговорите се изненадувачки, бидејќи ако им се верува на одредени информации, токму “деголистите“ биле иницијатори за отворање и создавање на аферата која имаше и судски пат, за смртта на неговиот телохранител, поради која Делон беше повикан во судот на сослушување.Но, и покрај тоа, тој за личност која треба да се најде на банкнотата го избира Де Гол, веројатно затоа што верувал во сето она што Де Гол го оставил зад себе како придобивка за Франција.

За изборот пак, на неговата колешка, зачудувачки е воопшто што избира личност од неговата професија, иако прашањето на новинарот не е стриктно дека таа треба да биде од редот на актерките.
Токму изборот на овие личности покажува каква големина поседувал во себе Ален Делон. Не верувам дека некој од денешните големи актерски имиња во светот, вклучително и оние од Холивуд, на едно вакво прашање би избрале свој колега или колешка. Зошто? Веројатно затоа што и тие како и мноштвото луѓе денес во овој свет со прилично искривени вредности, се однесуваат како шкорпиите. Љубоморно, завидно, дволично,неискрено и одмаздољубиво.

Тешко им е да признаат дека некој е еднакво добар колку нив, но уште потешко да признаат дека е подобар. И тоа не се однесува само за актерите (иако поводот беше за нив), туку за сите кои ја живеат денешницава, која како што пред смртта Ален Делон вели, дека едвај чека да ја напушти.
Време во кое не се ценат способностите и постигнувањата на пријателот или колегата.
Напротив, тие се минимизираат или се отфрлаат, бидејќи за повеќето кои не успеале да се реализираат во животот, полесно им е да ги оцрнат туѓите квалитети, бидејќи само на тој начин ќе чуствуваат дека никој не е подобар од нив. Фрустациите кои се таложеле со години, не можат да добијат поинаков тек, освен да бидат прелеани во омаловажување и потценување, кое доаѓа како одговор на нивните промашувања во професионалниот или приватниот живот.

Заткулисно озборување со нереални додавки и придавки, со кои создаваат стручно патолошка експертиза, која треба да биде широко прифатена и означена како единствено точна.
Време во кое туѓиот успех е нерелевантен, лажен или измислен, наспроти нивниот неуспех и очај за кој не смее да се зборува или едноставно не постои, се до оној момент кога истиот некој одлучува да го престави како врвно достигнување.

Како брзата храна.
Инстант пријателства, кои траат се додека трае интересот, или како во приказната за желката и шкорпијата. Кога ќе проработи гневот, реакцијата е очигледна. И покрај услугата што желката и ја прави на шкорпијата и ја пренесува на својот грб преку реката, таа сепак ја каснува.
На прашањето зошто тоа го направила, шкорпијата вели „тоа е посилно од мене“.
Чудна е таа сила и потреба да живееш со завист и никако да не можеш да му простиш некому за успехот.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *