Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: 21 грам

Темата на душата интензивно ја преокупирала низ вековите и науката и филозофијата. Американскиот доктор Данкан Мекдугал од Хаверхил, Масачусетс, тврди дека душата тежи 21 грам, а дел од неговите колеги научници убедуваат дека имаат доказ, со кој потврдуваат дека таа навистина постои.

 

Кога современите истражувачи зборуваат за душата надвор од овој културен и психолошки контекст, тие обично го третираат поимот душа како поетски синоним за умот, за разлика од хриистијанската перспектива, каде душата се заснова на учењето на Стариот и на Новиот завет. Ако го исклучиме религиозното толкување на поимот душа и се потпреме исклучиво на научните истражувања, мораме да се согласиме дека можеби ретко како за некое прашање, научниците имаат единствен став, а тоа е дека душата тежи 21 грам. Толку малку, а толку многу. Во тој 21 грам се крие цел еден живот, цел еден свет, универзум.

На оваа тема можат да се најдат и прочитаат стотици научни истражувања, тргнувајќи од оние кои го апсолвираат поимот душа, па се до нејзината поврзаност со работата на мозокот. Во секој случај интересни и се разбира сосема спротивни на религиските толкувања, кои овој поим го третираат од поинаков агол. И некаде тука на средина се наоѓаат народните или вообичаените поимања на душата, кои ние луѓето ги резонираме и кажуваме секојдневно.
Речиси и да не познавам некој, кој барем еднаш не кажал за некого “Тој е душа од човек“, што во слободниот речник значи добар човек. Или, пак, обратно “Тој нема душа“, чие преодно значење е за лош човек. Или, пак, онаа познатата “Каде ќе му оди душата“? Во тој 21 грам собрана сета добрина и сето зло на овој свет.

На душата како на поим со преносно значење помислуваме од време на време, но откако целиот регион ја виде снимката со малтретирањето на штитеничката од домот за стари лица во Косово, од страна на медицинските сестри, некако сите помисливме на душата. На душата на злоставуваниот, но и на оној кој го врши злосторството. И неминовно се прашуваме што се може да собере тој 21 грам? Колку болка? Или колку време стоел тој бес и агресија во нечија душа, што нашол излез како вулкан врз лицето и телото на една стара дементна госпоѓа? Нема оправдување. Не постои (освен ако психијатрите најдат некое) оправдување за едно такво однесување. Не може никако да се оправда таа агресија пратена со цинизам на лицето на медицинската сестра која ја удира штитеничката, па дури и да се работи за таканаречена болест на душата.

Колкав гнев треба да се има во себе за истиот да се истури над некој кој е немоќен? Кога оваа млада девојка успеала да собере толкав гнев во себе? Се надевам дека властите на Косово, сериозно ќе се позанимаваат со овој случај и дека сторителите ќе бидат казнети за своите постапки. Но, ова видео од кое се згрози целокупниот Балкан само ја отвори пандорината кутија која никој не сакаше да ја погледне. Кутија која се занимава со денешните млади, кои очигледно имаат многу повеќе проблеми отколку што општествата сакаат да признаат и да погледнат.

Шокирана сум од статистичките податоци за младината од Балканов, кои покажуваат колку многу од нив побарале (или се срамат да побараат ) помош од психијатар. За жал се уште важи правилото дека кај овој лекар одат само лудите, но не и оние кои имаат сериозен проблем, и токму поради тоа гледаме агресија, незадоволство и насилство. Не ми е намерата да ги бранам постапките на овие лица, но морам да потенцирам дека многу примери покажале дека не секогаш причините се домашните проблеми.

Напротив, многу повеќе се условите за живот и развој на младите што ги нуди општеството. Нивните шанси за подобар живот и се разбира шанси за избор, кои несомнено треба да ги создава државата. Имам впечаток дека многу млади се чувствуваат заробени во маѓепсан круг од кој тешко можат да излезат. Но, тоа секако не им дава право да ја исфрлаат агресијата и немоќта да променат нешто, врз оние кои се помалку моќни од нив. Во тој 21 грам може да има и многу сомилост и разбирање.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *