Името на ова село во Романија е „Castelul dе Lut Valea Zânelor“ што во превод значи „Глинен замок во Долината на самовилите“. Ова место постои само шест години, но веќе стана светска атракција која ќе ве натера да помислите дека бајките навистина постојат во реалноста.
За да стигнете до него мора да поминете низ Трансилванија, а селцето се наоѓа во близина на малото село Порумбаку Де Сус, и е лоцирано на 39 километри од градот Сибиу.
Тоа е всушност еко-село со замок, а го изградиле Разван и Габриела Василе, брачна двојка на кои им дошло преку глава од брзиот живот, асфалтот и вревата на големиот град.
Родителите сакале да му овозможат поздрав начин на живот на своето дете, па го продале својот дом во центарот на Букурешт и решиле да изградат замок од целосно природни материјали.
Сите куќи се направени од комбинација на речен камен, глина и песок, а хотелот кој наликува на замок има приземје и кат, две кули, десет соби и дури 50 прозорци.
Посетителите може да уживаат во навистина прекрасен поглед – замокот е опкружен со планини од сите страни, во близина има мала река, а целото село е преполно со градини и детали како од најубавите приказни.
За да се зачува автентичноста на местото, се примаат само мали групи на посетители, а замокот е особено привлечен за разни прослави како свадби, крштевки и слични церемонии.