Јазикот е душата на еден народ – дел од културната меморија и стожер на идентитетот. Македонскиот јазик, литература и култура се промовираат и се негуваат насекаде низ светот. Македонисти од повеќе земји се собраа во Охрид – лулката на писменоста да ги споделат искуствата и знаењата, но и да ја изучуваат литературата и да ја истражуваат историјата на македонскиот јазик на уште повисоко ниво.
Цело е кога има се. Секако дека се промовира македонскиот јазик но тој секако во себе ја носи културната меморија, приказните, литературата. Како директор за македонска литература морам да го кажам, и култура. Сите тие нешта придонесуваат да се научи добро јазикот. Ние сакаме да се промовира нашата култура, нашите дела, романи. Овој семинар настојува да има се повеќе македонисти, кои ќе придонесуваат за тоа. Професори кои ја шират културата низ светот. Многу е значајна и научната конференција, која годинава е посветена и на интеркултурниот дијалог но и на Петре М Андреевски и Гане Тодоровски, вели Наташа Аврамовска – директор на Институтот за македонска литература.
Македонија знае да фасцинира, не може да не го сакате македонскиот јазик. Согласни се професорите на Филолошките факултети во Русија и Србија. На летната школа присуствуваа македонисти од 17 земји.
Ова е огромна привилегија, да се биде во Охрид, во ова чудесно и магично место и да се изучува македонскиот јазик на едно повисоко ниво, македонската култура и литература. Сметам дека отворањето на повеќе лекторати ќе помогне во промоција на македонскиот јазик. Лектори не само да учат македонски јазик на студенти од странство, тие исто така се амбасадори на Македонија, тие многу ја популаризираат македонската култура и тоа придонесува за зачувување на македонскиот јазик, вели Данијела Костадиновиќ – професор на Филолошки факултет во Ниш.
Македонија знае да фасцинира. Македонскиот јазик знае да го засакате. Македонската литература е мошне интересна за еден истражувач и секогаш е предизвик за еден научник да даде некое свое толкување на македонската литература. Книгата се роди како резултат на моите доаѓања на семинарот. Бидјеќи предавам македонска литература во Москва, и тоа е еден напор, секојдневен, тоа се направи и така се роди таа книга, кажа Ана Шешкен професор по македонска литература на Филолошки факултет во Москва.
Во 2010 година формирав во Москва Македонски културен центар, тоа е невладина организација и многу успешно работиме овие години, вели ОЛГА ПАНКИНА – професор по македонски јазик во Москва.
Студентите во Русија со голем ентузијазам најавија дека ќе го продолжат учењето на македонскиот јазик, на постдипломски студии.
Јас сум студентка на Филолошкиот факултет, учам македонски јазик. Сега дипломирав лингвистика, и ќе го продолжам студирањето на мастер студии, Елена Гаркоша – студентка по македонски јазик на Филолошки факултет.
Студирам македонски јазик, многу сум среќен што сум тука по трет пат и многу сум благодарен на Македонија, изјави Никита Никитин – студент по македонски јазик на Филолошки факултет.
Сега се запишав на мастер студии. Дипломирав на Филолошкиот факултет во Москва, сега се запишувам на мастер студии,изјави Марија Јераславцва студентка по македонски јазик на Филолошки факултет.
Во време кога македонскиот јазик е оспорен од бугарски политичари, преведувачка на македонски јазик кај источниот сосед ги брани македонските позиции.
Го сакаме македонскиот јазик, ги сакаме Македонците, изјави Надалија Видјакова, преведувач по македонски јазик во Бугарија.
Летната школа трае до 29 август и оваа година е со подновен концепт и вклучува редовна лекторска настава, пленарни предавања на реномираната филолошка и културолошка школа НА УКИМ, и амбиентална настава насловена „По стапките на Свети Климента“.