Сутерен.мк

Македонскиот “Дали си маж”, со нова награда

“Дали си маж / Are you a man” на Ѓорче Ставрески, ја доби главната награда од жирито за најдобар филм на фестивалот Diecminuti Film Festival (Италија)

Пред тоа, Adriatic Film Festival,  ,,Дали си маж“ ја доби главната награда и ја освои првата награда за најдобар филм на Settimo Short Film Festival.

*Ставрески за овој филм  вели…

– „Дали си маж“ содржи елементи од моето детство. На сличен начин бев предизвикан како да ја докажам својата „машкост“ што и да значи тоа сега, особено во контекст на денешните придвижувања кои со право ги преиспитуваат апсурдните спреги кои им се наметнуваат на едниот или другиот пол засилувајќи ги стереотипите. Меѓутоа, за разлика од овие, активистички обоени струења, јас се обидувам да не дадам конечен суд, ниту да бидам приврзаник на догматичен пристап кон решавање на комплицираните проблеми за кои мислам дека треба да се комуницира на еднакво комплицирани и слоевит начин. Епизодата опишана во филмот во која победив, но и изгубив, беше моето прво соочување со животната иронија која понатаму во животов ми беше сервирана бесконечно многу пати. Не можам да кажам дека таа ноќ имаше само негативни последици за мене, сепак успеав да извлечам и некаква поука, на пример: немај доверба во пијани будали.

*Ѓорче во моментов работи на својот нов игран филм…

– Почнавме со спремањето на „Трампи“. Тоа е мојот втор целовечерен филм во кој следиме неколку интересни денови во животот на еден математичар и неговата фасцинација со вечната војна во човечкиот живот меѓу редот и хаосот. Луѓето не се толку рационални. Растргнати сме помеѓу животинските инстинкти и културата. Тука е застрашувачката амигдала, прастар систем на емоции, но и префронтален кортекс која е најмоќната машина за самоконтрола и решавање проблеми позната во — не би можеле да знаеме дали и подалеку — сончевиот систем. Мешавината на сите овие елементи го прави човекот непредвидливо суштество способно за невидени ментални подвизи, но и постапки недостојни дури и за голем дел од животинскиот свет.

*За другите ангажмани…

– Изработив дизајн за неколку албуми, меѓу кои ќе го издвојам „Симултан банкеж“ на нашиот легендарен бенд Фолтин и последниве неколку месеци дизајн за два џез албуми, „Transmarginal Beverly Hills“ и „Floating Steps“ во соработка со издавачката куќа Аксиома по покана од нејзиниот мотор и мој долгогодишен драг другар, Вангел Ноневски. Уживав во соработката и искрено сум изненаден од сплотеноста и енергијата на музичкиот џез подмладок кој бескомпромисно експериментира и твори. Многу поретко прифаќам да правам музички спотови кои парадоксално отсекогаш ми биле на некој суштински начин далечни од филмот.

П.С.

За тие што немале можност да го видат, филмот сѐ уште игра на HBO Max.

 

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *