Сутерен.мк

Македонските Евреи: Ние паметиме

„Без сеќавање нема иднина, ние паметиме“, транспаренти со вакви пораки истакнаа потомците на македонските Евреи пред бугарскиот клуб во Битола кој го носи името на соработникот на фашистите Ванчо Михајлов. Пораката ја упатија директорот на Фондот на Холокаустот Горан Садикарио, внук на преживеан Евреин од Холокаустот и Иван Николиќ, правнук на последниот битолски рабин Аврам Романо.

Пораката ја испратија за време на одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на околу 3.000 битолски Евреи во логорот Треблинка спроведено од нацистичките власти во Втората светска војна.

Битола беше еден од градовите, покрај Штип и Скопје, која за време на војната остана без своите сограѓани Евреи. И токму во Битола, во поранешниот еврејски кварт, каде што се наоѓаат куќи во кои некогаш живееле еврејски семејства, пред неполна година беше отворен бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“. Не е исклучена можноста во објектот во кој е сместен клубот во минатото да живееле Евреи.

Во Битола денес нема ниедно еврејско семејство, но битолчани ги чуваат спомените за поранешните сограѓани. Во нивни спомен, денеска беше одржано чествување на 80 години од Холокаустот на Евреите преку комеморација, полагање цвеќе пред спомениците на Евреите и Естреја Овадија-Мара, Марш на живите и кадиш на Еврејските гробишта. На чествувањето не присуствуваше делегација ни од Бугарската амбасада во Македонија, ни од Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, иако беа присутни претставници на дипломатскиот кор во земјава.

На 11 март 1943 година се случила најстрашната трагедија врз македонските Евреи. Од Битола, 3.351 лице од еврејско потекло, заедно со другите Евреи од Македонија, беа одведени во логорите на смртта во Треблинка, од каде што ниеден не се врати. 7.144 Евреи или 98% од вкупното еврејско население од тоа време беа депортирани во Треблинка. Дел од младите Евреи кои се извлекле од блокадата се приклучиле кон партизанските единици.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *