Сутерен.мк

Маја Стевкова Штериева: Мудрост е да се слушне и туѓиот глас

“Верувам во умереност и не сакам екстремности во ниеден поглед. Затоа сметам дека секој треба да троши толку колку што му се можностите, вклучително и кредитните можности, да го знае своето место во оштеството и заедницата и секогаш да има на ум дека се се менува. За оние кои сметаат дека немаат доволно да се надеваат дека ке биде подобро, а за оние кои сметаат дека имаат многу да не ја забораваат променливоста на животот и секогаш разумно да ги носат одлуките. Парите на никого не му даваат за право да заборави како треба да се однесува”, вели главниот финансов директор во Комерцијална банка АД Скопје

За неа Комерцијална банка АД Скопје е повеќе од работно место. Како што вели, Банката е дел од нејзиното живеење. Таму е од 1993 година, веднаш по дипломирањето, а во последниве три години како главен финансов директор т.е. м-р Маја Стевкова Штериева е она што се вели, поубавиот дел од Управниот одбор на Комерцијална, неговиот трет член, покрај Хари Костов и Илија Илоски.

„Конкуренција“ има и дома: омажена е за Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза АД Скопје, со кого има два сина – Сергеј и Матеј. Меѓутоа, нејзините пријатели и колеги тврдат дека оваа, на прв поглед, деликатна жена, многу успешно функционира во тоа машко опкружување. Таа велат, е организирана, одговорна, упорна и лојална. Исто колку што е и искрена, чувствителна, дружељубива и полна со разбирање. Самоуверена и срдечна.

Вашиот новинар по средбата со Стевкова Штериева нема што да додаде туку, само да го потврди претходно кажаното.

  • Вие сте релативно млада жена на висока позиција. Што најмногу ви помогна да стигнете таму, кај што сте?

– Успесите се секогаш комбинација на многу фактори: среќа, труд и упорност, поддршка од семејството и соработниците. Сепак, мислам дека нема да успеев без моите родители, а пред се мојата мајка, која на моите синови им беше втора мајка за време на сите мои отсуства и ангажмани. Таа неодамна почина и се уште се учам да живеам без неа, што ми е најтешката задача пред која сум била исправена досега. Таа во нашите животи имаше огромно влијание.

  • Како се „снаоѓате“ со двајцата поискусни колеги во Управниот одбор?

– Можам да коментирам како се чувствувам и како го доживувам тоа искуство, а тие можат да кажат како се снаоѓам и дали е тоа успешно или не. Не секој има прилика да соработува со луѓе од таков калибар и тоа се можности кои отвараат сознанија и искуства кои не се учат од книга. Секој може да стекне академско знаење, не постои лекција што не може да се научи, но тоа што може да се “купи” од искуствата, размислувањата и постапките на соработниците не се стекнува на ниту еден универзитет.

Жалам кога гледам помлади луѓе кои благодарение на своето образование мислат дека ја стекнале сета мудрост на светот. Мудроста и умешноста е во самиот живот, во тоа некогаш да го слушаш туѓиот глас, а не да уживаш слушајќи го својот.

  • Нема ли недоверба во деловното опкружување кон вас затоа што сте жена?

– Не можам да се пожалам. Можеби сум имала среќа да работам со мажи колеги , клиенти на банката, регулатори кои ги надминале балканските стереотипи, кои веруваат во деловноста, а не во полот. Прашањето на некој начин имплицира полова дискриминација, а јас не сакам да верувам дека мажите во Македонија не се менуваат и дека со начинот на размислување останале во 19-ти век.

  • Многумина се на мислење дека, кога жените се на раководни функции се многу построги од своите машки колеги?

– Знаете, тоа е повторно поврзано со борбата на жените да го добијат своето место во општеството или колективот. За жал, жените мора многу повеќе стручно да се докажуваат, а и тогаш, прашање е дали ќе им се признае квалитетот!? Додека мажите може и да блефираат и тоа да помине. Има многу случаи кога жената раководител не се зема за сериозно се додека не подвикне или казни, а потоа се смета дека е лоша или престрога. Додека се толерираат грешките и пропустите, никој не ја цени толерантноста, но кога работата ќе стане сериозна тогаш сите даваат оцена за тоа колку строг раководител се жените.

  • Зошто ја избравте Комерцијална банка?

– Можеби така ми било пишано, баш Комерцијална , а не некоја друга банка да распише оглас за вработување во јули 1993 година, веднаш по моето дипломирање. А потоа во годините што следеа се беше прашање на избор, мој избор. Избор каков што има секој корисник на банкарски услуги. Јас сакав стабилност, сигурност и развој, и тоа како дел од тимот на Комерцијална банка ги најдов во оваа банка и го имам веќе 18 години. Тоа е дел од тоа што е Комерцијална банка, не само за нејзините вработени туку за сите, за нејзините акционери, клиенти, соработници. Тоа е банката која има бројни награди,”Банка на годината” по избор на лондонскиот “The Banker”.

  • Сепак, обичниот македонски граѓанин се уште банките вклучително и Комерцијална, ги доживува како лихвари..

– Не верувам дека тој став воопшто некогаш ќе се промени за оној кој должи. Како што во секоја трговска трансакција купувачот се обидува да купи поевтино, а продавачот да продаде поскапо, така е и со банкарскиот бизнис, само што банките се помеѓу купувачите и продавачите, а имаат и акционери кои очекуваат поврат на својот капитал. За купувачите , во случајов кредитокорисниците, кредитот секогаш ќе биде скап и ќе настојуваат да имаат што пониска каматна стапка, додека за депонентите кои ги вложуваат своите пари од кои се одобруваат кредитите, каматата која ја добиваат на дадените пари секогаш ќе биде мала и ќе бараат повеќе.

  • Се жалат и бизнисмените дека немаат доволно поддршка?

– Парите се секогаш малку, за секого. Ако има добри проекти, ниту еден банкар не би одбил да кредитира, така ги оплодува парите и постигнува оптимална алокација на ресурсите. Но, понекогаш треба и бизнисмените да ги преиспитаат своите реални можности, очекувања и ризици. Чашата може да се гледа како полуполна, но и како полупразна.

  • Какви се Македонците како корисници на кредити?

– Искуствата се многубројни и различни. Ние имаме одлични кредитокорисници и меѓу правните и меѓу физичките лица, корисници кои редовно ги измируваат своите обврски, тоа се стабилни луѓе, домаќини кои се грижат за своите финансии. Истовремено постојат и чесни луѓе на кои околностите не им биле наклонети, луѓе на кои не по нивна вина им се појавиле проблеми и тешко се справуваат со кредитите.

Најстрашни се случаите на кредитокорисници кои се со големи очекувања, со големи апетити и со полуиспланирани проекти, а за жал често тие се најгласните. Сметам дека не може да се даде квалификација која реално би ја отсликала состојбата.

  • Колку нашите граѓани ги користат современите начини на трансакции?

– Мислам дека модерните трендови се се поприсутни, дека како и картичното работење, така и електронското банкарство со текот на времето ќе го добијат своето вистинско место. Банката ја нуди услугата интернет банкарство за физички лица, така што на крајот на 2010 година бројот на претплатници е 7508 од кои 2106 лица можат да вршат плаќања преку интернет. Бројот на корисници (правни лица) на електронско банкарство кои вршат трансакции заклучно со 31.12.2010 година изнесува 2.614, што е за 30 отсто повеќе во однос на 2009 година. Мислам дека ова се позитивни трендови.

  • Вашиот сопруг е исто во финансиите. Кој го води есапот дома?

– Ние сме толку долго заедно што сме научиле за се да се договараме. Со мојот сопруг сме од втората година од средно училиште, што ќе рече, годинава се навршуваат 25 години заедништво. Во нашиот случај тоа влијаело секој да си го најде своето место во врската, да се прилагоди, да го прифати она што не може да го промени. Па затоа не само финансиските, туку и сите останати одлуки или се носат со консензус, модификувани на заедничко задоволство или не се носат воопшто.

  • Има ли натпревар на суети меѓу вас?

– Суетите се дел од секој човек и никој неможе да ме убеди дека не се присутни кај него. Проблем е, ако се пресилни и, ако надвладеат над останатите особини. Тие се појавуваат најчесто кога за исто прашање има различни мислења. За среќа, иако нашите области на финансиска експериза, банкарство и берзанско работење имаат допирни точки, тие не се поклопуваат во мера која би придонела да дојдат до израз суетите.

  • На што ги учите вашите деца: да штедат или да уживаат во се она што со парите може да се купи?

– Знаете како велат, парите се за да се трошат. Дури и кога се во банка некој ги троши, на тој начин ги оплодува, тие се корисно употребени. Јас сум рационална личност, понекогаш и претерано рационална. Верувам во умереност и не сакам екстремности во ниеден поглед.

Затоа сметам дека секој треба да троши толку колку што му се можностите, вклучително и кредитните можности, да го знае своето место во оштеството и заедницата и секогаш да има на ум дека се се менува. За оние кои сметаат дека немаат доволно да се надеваат дека ке биде подобро, а за оние кои сметаат дека имаат многу да не ја забораваат променливоста на животот и секогаш разумно да ги носат одлуките.

Парите на никого не му даваат за право да заборави како треба да се однесува. Всушност, на таков начин се обидувам и да ги воспитувам синовите, да ги ценат парите, но пред се да ги ценат луѓето. Бидејќи не може се да се купи со пари. Дури и кога некој мисли дека со пари купил почитување, љубов, верност, мислам дека длабоко во себе не може да верува дека тоа е навистина така.

  • А што би им порачале на македонските граѓани? На што да се надеваат од вашата банка во иднина?

– Да веруваат и секогаш да се надеваат дека ќе биде подобро. Не велам дека е тоа лесно, но мислам дека позитивната мисла дава енергија дури и кога е најтешко. Ние, во Комерцијална банка ќе работиме на тоа да понудиме подобри услови на своите финансиски производи, да додадеме нови вредности за акционерите, подобри услови за кредитокорисниците и сигурност за депонентите. Но, на сите мора да ни биде јасно дека живееме во пост-кризен период, дека не е се онака како што личи на прв поглед и дека мораме да најдеме сила да ги надминеме проблемите, повеќе да се сослушуваме и соработуваме, а помалку да робуваме на суетите, бидејки никој нема да дојде од надвор за да ни ги реши проблемите.

Спорт, книги и по малку, готвење

  • За вас велат дека сте спортски тип…

– Моето семејство е од Скопје и кога бев мала самиот факт што немав баба и дедо надвор од Скопје во лето го доживував како страшна работа, бидејќи во тоа време речиси секое дете во моето одделение имаше барем еден пар баба и дедо надвор од градот. каде можеа да се изнауживаат во природа. Целокупното школување, вклучително и сегашната работа на докторатот ми е поврзана со родниот град и Економскиот факутет во Скопје. Во 2000-та година, кога бев на специјалистички престој во САД поврзано со управувањето со ризици. Тоа навистина, беше интересно искуство од повеќе аспекти…

Во тоа време овде не беше рекреативното спортување толку масовно, немаше патека за велосипеди, спортски и рекреативни центри во број како денес, а и животните навики на луѓето беа поинакви. Просто има завидував на Американците кои масовно и слободно џогираа, возеа ролерки каде стасаат, одеа во теретани како дел секојдневието. Бидејќи, рекреативното спортување ми е дел од животот, ме радува што сега тоа е се помасовно и се побројно, што гледам дека и средовечните луѓе не се затвораат во својата средовечност, туку се рекреираат. Во лето возам велосипед, во зима скијам, а помеѓу се обидувам да најдам време да отидам во фитнес центарот на хотелот “Александар Палас”. Децата исто така, ги воспитувам во спортски дух.

  • Наоѓате ли време за добра книга?

– Настрана од спортувањето, читањето ми е голема љубов и на моја среќа дури и во последниов период, кога поради подготовката на докторскиот труд морам да читам стручна литература повеќе од останатата сепак, наоѓам време и за белетристика. Трилогијата на Стиг Ларсон толку ми се допадна што прво ја донесов од Лондон па ја читав на англиски, потоа ја читав на македонски, потоа ги нарачував филмовите кои се екранизација на книгите. Дома имам преку петстотини наслови на класична литература, белетристика, енциклопедии. Не само што читам, туку сакам и да ги имам книгите дома, божем секој ден ќе ги препрочитувам.

  • А влегувате ли во кујната?

– Во денешно време кај младите жени готвењето е повеќе како хоби. Се обидувам да најдам време за готвење, а тоа да не биде онака, од нога направено иако, тоа задоволство можам да го имам само за викенд. Преку недела готвењето е набрзина – „од вечер”. Далеку сум од мајка ми и баба ми, но не се откажувам.

Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2011 година
Фото: Игор Тодоровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *