Сутерен.мк

МВР во трага на заканите за поставени бомби

Македонски државјани, стојат зад лажните дојави за поставени бомби кои со месеци пристигаа на електронските адреси на основните и средните училишта во Скопје но и во повеќе други градови во државата. Ова го потврди првиот човек на полицијата, министерот Оливер Спасовски, кој појасни дека станува збор за група меѓусебно поврзани лица кои ги закупвале „ВПН“ адресите во Иран и Русија од каде пристигаа заканите. Тој најави дека истрагата набрзо ќе биде завршена а осомничените ќе одговараат за тероризам.

“Навлегуваме во една група на лица кои што учествувале во праќањето на дојавите по електронски пат и користење на „ВПН“ адреси. Ние сме во позиција во која за многу скоро време целата таа група ќе биде комплетно разоткриена, ќе бидат поднесени кривични пријави за делото тероризам. Ние практично ја детектиравме таа криминална група која се занимаваше со ваквите дојави, за голем дел од дојавите за поголем временски период и за повеќе институции во кои беа дојавите “изјави Спасовски, во интервју за „Слободна Европа“.

Неофицијално на осомничените полицијата успеала да им влезе во траг г следејќи ги финансиските трансакции за закуп на „ВПН“ адресите во странство.

Околу хакерските напади на државните институции и дојавите за бомби во нив но и во резиденцијални објекти и трговски центри истрагата на МВР постигнала голем напредок но клучни се информациите од странските безбедносни служби на дел од кои се уште се чека.

„Истраги се водат за сите овие институции во кои имаше хибридни напади. Има сериозен напредок. Се добиваат податоци и инофрмации. Самиот факт дека дел од овие информации треба да ги добиеме преку меѓународна правна помош говори дека е потребно повеќе време во овој аспект“, објасни министерот Спасовски.

Досега МВР успеа да открие двајца малолетници кои од своите телефони или домашните лаптопи испратија дојави за поставени бомби во училишта во Скопје. Против двајцата се поднесени кривичени пријави за тероризам, но во првиот случај Обвинителството го преквалификуваше делото во поблаго.

Советот за координација на безбедносни служби формираше оперативен тим кој ги изработи мерките кои се во склоп на новиот протокол кој стапи на сила на почетокот на овој месец а кој предвидува заклучени капии на училишните дворови, физичко присуство на полициски службеници на влез од училиштата и забранет влез на сите надворешни лица во училишните дворови и превземање на учениците од родителите исклучиво на единствениот функционален влез на училиштето обезбеден од полицијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *