Само еден поглед врз старата и дотраена гинеколошко – акушерската болница Чаир е доволен да сфатите дека оваа зграда не дава никакви ветувања, ниту надеж дека овде и сега се случуваат најважните моменти во животот на секој човек. Изненадувањата се случуваат кога ќе го пречекорите нејзиниот праг…
Без разлика што многу од новопечените мајки можат да си го дозволат комодитетот и вниманието што го нудат приватните гинеколошко – акушерски болници (се разбира, со примена фискална сметка за секоја наместена насмевка), голем дел од нив помеѓу луксузноста на новите родилишта, го избираат она во скопската населба Чаир. На незасегнатите, тешко им е да разберат зошто.
Изненадувањата се случуваат кога ќе го пречекорите нејзиниот праг. Наеднаш, на гломазната старудија гледате со особена наклонетост и почит. Причината е, како и секогаш, за добро или лошо, човечкиот фактор! Да бидеме искрени, ретко каде, денеска и овде, во државна институција ќе наидете на толку љубезност, смиреност, разбирање и стрпливост. Кон секој посетител. Од секој член на персоналот. Почнувајќи од портирот на вратата (точно е дека на човекот на информации, кога му кажавме дека сме од „Теа модерна“ насмевката му стана малку поширока, но верувајте, во прашање беше само нијанса), па се до првиот човек, в.д. директорот, Мендух Јегени (52 години, татко на две машки деца), кој веќе шест години е в.д. директор на Гинколошко – акушерската болница „Чаир“.
Нашиот соговорник скромно забележува дека тој само ја продолжува традицијата на професионалност на неговите претходници. На „правилото“ – никогаш, ниту еден од вработените, да не заборави дека кога овде влегува еден, треба да излезат двајца: живи, здрави и прави!
Во болницава нема врева, брзаници, намрштени и нестрпливи погледи… Плус, многу е чисто и топло. Човек ќе помисли дека немате никакви проблеми?
- Ах, како да беше така!? Како немаме!? Ама, што да правиме!? Како да им ги објасниме нашите главоболки на бебињата што доаѓаат на овој свет и дека ете, токму заради тоа, нема да ги примиме на нашава планета!? Поприлично невозможна мисија, нели!?
Шегата настрана, но верувајте, ова е резултат со ангажман на буквално, сите вработени – од првиот до последниот – со цел да ја одржуваме зградата во добра кондиција, во една пристојна состојба, да се извлече максимумот од капацитетите на овој простор. Секои два часа се пребришува со дезинфекциони средства. Веројатно сме рекордери во трошење на средства за дезинфекција. И на мазут, секако. Немаме намера да се тркаме со другите, но имаме морална обврска, кон новите животи. Коректно е на тие бебиња што се раѓаат, првиот контакт со овој свет да биде барем приближно, достоен на нивниот почеток на животот. Топло и чисто. Жал ми е што обемот на работа е зголемен, па приморани сме и да враќаме родилки, што за нас е многу тешко, а често ни се случува, но толкав е просторот…
И покрај финансиската ситуација таква каква што е, овдешниот персонал си ја работи работата најдобро што знае. Сите заслужуваат и подобри плати и награди за сработеното, но не се откажуваат од обврските. Напротив. Го вложуваат секојдневно, својот максимум.
Што ви е најголем проблем?
- Освен зградата, која е во навистина незавидна физичка состојба, голем проблем ни е кадарот. Врувам дека во текот на оваа година ќе се преселиме во новиот објект, кој патем, ќе биде снабден со врвна опрема, но проблемот со персоналот не знам како и кога ќе го решиме!? По разни основи си одат луѓето од болницава – пензионирања, трансфери во приватниот сектор – има одлив, а нема нови примања. Финансиите се проблем голем па, местата остануваат празни…
А бебиња, се повеќе…
- Па, да…. Минатата година ја завршивме со околу 11 проценти повеќе бебиња за разлика од 2009-та, а многу родилки и вративме…
Значи, нема потреба од загриженост за наталитетот!?
- Немам увид во статистичките податоци, но барем, според овдешните родени бебиња, бројката е коректна. Не е за загрижување висината на наталитетот кај нас. Искрено речено, за повеќе раѓања ви недостасуваат аргументи за да ја убедите жената за тоа. Економската ситуација си го прави своето. Фер е да им го оставите изборот на брачните парови, на жените. Денес повеќето од нас прават „математика“ за секоја ситница, а камоли за дете, кое утре ќе ги бара и има право на обврските кон него од страна на родителите! Не само на родителите, обврските се и на целата заедница!
Што ќе рече, сите оние силни кампањи за проширување на семејството се излишни!?
- Лично мислам дека нема драстичен пад во бројката на новородените. Тој, таков каков што е, не е загрижувачки. Алармот е повеќе од потребен кај миграциите. Најголемата опасност е во иселувањата. Си одат младите од земјава. Тоа е за секирација. Голема! Што се однесува до кампањите, нека ги има. Бебиња никогаш не се отповеќе. Нема зијан од тоа. Меѓутоа, лично мислам дека едно или две повеќе родени во годината или помалку не прават разлика, но кога ви заминуваат стотици млади, оформени луѓе секоја година од земјата е, тоа е веќе сериозен проблем…
Чаре?
- Па, јас можам да зборувам за мојот сектор… На пример, мојот постар син сака да студира медицина, а јас го разубедувам. Пред се, затоа што сметам дека човек на 18 години е сосема незрел да одлучува за животни прашања како избор на професија, а и поради тоа што здравството е на такви ниски гранки, што е жално да си ги потроши интелектуално и физички најпродуктивните години во оваа област! Знам дека ова ќе прозвучи како да се каам што сум во оваа професија, ама факт е дека медицинарите се на тапет со години. Неоправдано! Ова е преубав занает, има моменти што немаат цена, но и толку е девалвирана… Не дека не грешиме, ама ваквото однесување кон нас, медицинарите е навистина претерано.
Што треба ургентно да се направи за колку – толку да се стабилизираат состојбите?
- Приоритет според мене е појавата на конкурентни фондови за осигурување. Државата ќе нуди еден пакет на услуги што ќе бидат неопходни, како социјална политика и толку. Многу малку за жал, нашите политичари обрнуваат навремено внимание на здравството. На запад се добиваат и губат избори на здравствената политика. Секогаш имало и ќе има проблеми, но да дојдеме до една ситуација кога повеќето пациенти и повеќето доктори ќе бидат задоволни. Тоа е голем успех!
Што правиме со фактот дека во 21 – от век здрави родилки ни умираат на породување поради лекарска негрижа, неинформираност и неедуцираност, недоволна хигиена, ароганција… !?
- Ако зборуваме реално – сите имаат вина. Кој помалку, кој повеќе. Од родилката, преку докторот, до целокупниот здравствен систем. Ние имаме родилки кои не знаат што е тоа пап – тест!? Не одат кај матичните лекари на контроли, не одат никаде!? Првпат гледаат гинеколог кога им дошол часот за раѓање!? И, што попрво да правиш во тој момент!? Нема време за проверка на нејзиното здравје и ризиците за бебето во „дванаесет и пет“!
Има и матични гинеколози кои не им ги посочиле/ направиле сите потребни тестови за време на бременоста па мајките доаѓаат во родилните сали со нецелосни информации пред се, за своето здравје! Факт е дека и во болниците се случија многу тешко оправдливи ситуации, што беа кобни и за родилките и за бебињата…
Значи, не можеме да зборуваме за една причина, еден виновник… Во синџирот на нашето здравство има неколку алки што треба да се зајакнат. Тука мислам пред се, на едукацијата! Прво на населението па, потоа и на стручните лица.
А зошто ни умираат се уште жени од карцином на матка и на дојка?
- Од истите причини. Срамно е во денешно време жена да умре со такви дијагнози. Срамно е за сите нас, како држава, како лекари, како цивилизирани луѓе. Тоа се достапни органи, процедурите се ефтини и не се многу трауматски за рано откривање. Има и бесплатни програми.
Со тие болести, треба конечно да расчистиме! А, потребни се само редовни контроли. Меѓутоа, треба да ја натерате жената да размислува за тоа, да дојде на преглед, а кога ќе дојде да не ја истормозите и таа уште еднаш да не ви се појави!?
Знам дека посетата на гинеколог е стресна за повеќето жени, но тие треба да сфатат дека се работи за нивното здравје, а ние, лекарите, треба да бидеме малку посочуствителни кон нив. И, секако, едукација, едукација, едукација!
Доктор Јегени, зошто станавте гинеколог?
- Искрено, немам поим! Бев и се уште сум, одличен математичар. Требаше и сите (и моите професори во гимназија) се „обложуваа“ дека ќе се определам за математиката. Наеднаш, се одлучив за медицина. Специјализацијата дојде случајно… Меѓутоа, си ја сакам и целосно сум и посветен на професијата. Имам огромна почит кон секое новороденче и колегите ќе знаат точно за што зборувам, празник ми е во буквална смисла на зборот, кога од оваа болница ќе излезат здрави и прави мајка и дете! За жал, има ситуации и кога сте сосема немоќни и покрај знаењето и искуството.
Која е последната инстанца тогаш? Има ли моменти кога чувствувате дека покрај вас и пациентот има и некој „трет“, невидлив?
- Ух, како не! Не сум од тие што одат пет пати дневно во џамија, но верувам дека понекогаш, има нешто што лебди над нас во критичните моменти во операционата сала. Ќе сторите се и се ќе биде залудно, а на моменти се случуваат и неверојатни пресврти. Не верувам дека постои лекар кој го потценува човечкиот живот, но не одлучуваме ние секогаш. Некои работи се вон науката…
Што е основното за некој да биде добар доктор?
- Човечноста. Ќе научите, ќе ве научат на се што е дотогаш познато, но што правиме со оние ситуации кога на некому му се броени деновите, кога сте немоќни кога, како што претходно рековме, замешан е „третиот“ во приказната… Што може да направи лекарот!? Белиот мантил без хуманата димензија во вас не вреди ништо. Кога верифицираните алатки не помагаат се уште ви останува како средство убавиот збор, емпатијата и толеранцијата. Не е се во науката и титулите.
На жените им треба сестрана поддршка!
Која е според вас, старосната граница за прворотки?
- Па таа постојано се поместува. Се помалку имаме прворотки на дваесет или дваесет и некоја година, а се повеќе на триесет, и над таа возраст. Семејствата се почесто имаат едно дете или две, максимум. Се нема време за повеќе. Додека се заврши образованието, па вработување, па обезбедување простор за живеење… Во вакви околности тоа е за очекување. Денес дури и мајките што по третпат раѓаат се раритет! Ги има, ама, во споредба со порано…
Според мое лично мислење и искуство, ризикувајќи да ми се налутат многу ваши читателки, границата за прво дете не треба да биде пониска од 25 години, а второто треба да се има до 35-тата. Што значи, периодот за репродукција кај жената би требало да заврши некаде околу 35-тата година од животот. Не дека не може или не се смее и подоцна, но зборувам вака пред се, како лекар, заради повеќе фактори. Физиологијата, природата си го прави своето. Многу е битна физичката и психичката кондиција (покрај материјалната, секако) во одгледувањето на секое дете.
Освен тоа, мора да си признаеме: во нашето општество товарот на домот го сноси жената! Нејзините обврски се побројни од оние на мажот. Кога нашата жена би се грижела само за децата, помали би биле проблемите кога постари и би ги раѓале. Всушност, на нашите жени им треба сестрана подршка. Во секој поглед.
Магија е кога бебето доаѓа на светов!
Зошто меѓу многумина од вашите колеги се уште постои еден став, што се граничи со суровост, дека жените треба да раѓаат во болка? Односно, тешко дозволуваат на родилките да им се даде епидурална анестезија, а „царскиот рез“ се извршува кога родилките се речиси, „полумртви“? Кога истите пак, тие лекари ќе се најдат во приватните родилишта и ординации, се однесуваат сосема спротивно на претходно кажаното!? Според информациите од развиениот свет, излегува дека, докторите во државните болници го имаат ставот на бабиците од 18-от век, а оние од „комерцијалниот“ сектор на модерните медицинари. Зошто, на Запад жената може да одлучува како ќе раѓа, а кај нас тоа се уште е „тема за дискусија на конзилиуми“?
- Точно е дека процедурите околу овие прашања се сосема различни во приватните и во т.н. државни здравствени установи. Има една ситуација кога мора да се почитува цезаријата т.е. царскиот рез. Не зборувам за медицинската оправданост туку за желбата на жената. Јас како доктор сум против, но исто така, морам да го почитувам нејзиниот став. Има жени кои инсистираат на цезарија и ти, како лекар, ако ја натераш на спонтано породување, од тоа можат да испаднат само проблеми. Таа жена е психолошки оптеретена, кај неа постои своевидна блокада и нема да „соработува“. Не дај Боже, да се случи нешто, кој ќе ја сноси одговорноста!?
Верувајте ми дека спонтаното породување е секогаш подобрата варијанта, за родилката и за бебето, но, ако нема услови за тоа од било кои причини, не треба да се инсистира на истото од страна на медицинарите. Зашто, само ќе се искомплицираат работите.
Има или не, право жената на избор како ќе раѓа?
- Јас мислам дека има, но се уште траат дискусиите за тоа. Треба да и се објасни на жената што е цезарија и кои се последиците од тој зафат. Тоа е сепак, хируршка операција и тоа, многу крвава. Можни се многу компликации. Меѓутоа, треба да и се објасни без да и наметнете ваш став. Јас лично, сум против цезариите, но ја почитувам желбата на родилката. Како што ги почитуваме правата и барањата на жените во другите области, така да се почитува и во оваа можеби, најбитна работа. Доколку одите против неа и инсистирате на нешто со што таа не се согласува, во текот на процесот ќе се соочите со потребата да употребите некои застарени методи, да не речам инструменти, кои овде, во нашата болница оддамна се сместени во подрум и да направите многу штета врз психичкото и физичкото здравје, како на мајката, така и на бебето.
Накусо, јас сум за онаа процедура, која во најголем процент гарантира на крајот здраво бебе и здрава мајка. Морам да напоменам дека има и цезарии само заради комодитетот на докторот. Меѓутоа, исто така би им порачал на идните мајки, да не се плашат од чинот на породувањето. Тие болки се „слатки“. Во моментот кога ќе го земете своето чедо во рацете се забораваат. Накусо, привилегија е да се почувствува како новиот живот доаѓа на овој свет. Да почувствувате дека токму вие, токму сега, му го покажувате светот. Со цезаријата се „прескокнуваат“ тие моменти, таа магија кога вашето бебе го здогледува светлото на денот.
Во големите болници е лесно
Докторите во Скопје постојано ги обвинуваат колегите од внатрешноста дека непотребно им праќаат пациенти на преглед. Односно, дека тешко се справуваат со одговорноста и полесно им е истата да ја префрлат на оние од „централните болници“?
- Има и во тоа вистина, кога одредени лекари не сакаат да превземат одговорност и да одлучат па, полесно им е грижата да ја префрлат во поголемите центри. Сега да ја погледнеме и другата страна: јас, како млад лекар работев три години во Дебар патем, мојот роден град. Од денешна дистанца, тоа што сум се нафатил на таков ангажман сметам дека е резултат или на голема храброст или на голема лудост, што речиси е едно исто!
Кога си сам лекар на толку пациенти е страшно! Не знаеш што носи денот, а што ноќта! Мене ми е многу лесно сега во Чаир – имам апарати, медикаменти, многу колеги од различен профил, искусни глави што ќе те посоветуваат.. Во големите болници е многу полагодно, да се разбереме, но што во малите градови, каде има еден гинеколог!? Или еден кардиолог!? Со кого тој да се консултира!? Со Господ!? До ден – денес се накострешувам кога ќе се сетам на годините во Дебар!? Тоа е огромно искуство, но и избезумувачка одговорност!
Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски
“Теа модерна”, 2011 година