Сутерен.мк

Методија Фотев: Авторите и се додворуваат на политиката

Еден од бардовите на македонската книжевност, по подолго време се појави меѓу читателите со нов роман „Вивариум“, за кој ги доби наградите на „Дијалог“ и на Друштвото на писателите на Македонија. На прагот на деветтата деценија од животот, Фотев се уште зрачи со голема виталност и енергија, што навестуваат уште многу испишани реченици…

– За „Вивариум“ добивте неколку награди… Сега сте номинирани за „Роман на годината“ на Утрински. Што, ако ја добиете, а што, ако не се случи тоа?

  • Ќе се случи секако една од овие две возможности. И утредента ќе започне да се троши нов ден.

– Го сметате ли „Вивариум“ за врв на Вашето творештво ?

  • Тоа не е лесно да се оцени. Моите први романи се случиле многу одамна и не беа со содржина во која партизаните покажуваа храброст извишена до небеса. А на состанците на кои се држеа реферати за писателството, тогашните времиња се „откриваа“ со големи посакувања од „масите“ сеопфатната покривка на истоветноста да не се тргнува од нашето небо. Во моите романи колку што беа луѓе партизаните, толку и повеќе заради културата, беа луѓе и непријателски војници. Затоа за мојата проза не беа критиките гласни, ама да бидам праведен и не се напаѓаа и така, тивко, беа сите наградувани, такаречи молкома. А времето се уште остануваше со непоколебливост во барањата, да остане покривката на сеопфатната истоветност. Имаше многу автори-војувачи кои требаше црно на бело да ни ја протолкуваат војната што ја преживеавме, но со своја минорна кадарност на полето на создавање проза и далеку од вистината во содржината на таа проза, не споредено со резултатите во Европа, ами далеку и со достигањата на другите републики меѓу кои имаше републики со долгогодишно сериозно искуство во литературата. Кај нас, беа резервирани високите награди и почести за борците – творци. Со „Вивариум“ инаку стојат нештата. Сега навистина има можност за споредување на вредностите, но има, како секаде, активност која се именува лобирање и е со манипулации слични на „непорекливата“ праведност на таа по војната. Така се случува да се изместат фигурите и да се создаде мачнина.

– Критиката за вас вели дека пишувате „епски хроники“…?

  • Јас не можам моето кажување во прозата да го доближам барем на еден начин до епското и до хрониката. Кај мене нема знаци на хроника, туку, особено во „Вивриум“ има скокање напред-назад и чести ѕирнувања во некои изгубени времиња за да се открие непостојаноста на човекот кој залутал низ себе во сосема непознати предели кои се во тебе и во исто време туѓи и непознати. Затоа често се случува, моите херои темелно да се пребаруваат за да се откријат сами себе. О, тоа се чудесни предели. И кога се подносливи и уште повеќе кога ужасно се тешки да се крстосува низ нив. Не ќе ми поверувате. Јас имам страотно малку прочитано критики за моите дела. Сега на старост тој завет наполно го имам заборавено.

– Зошто пишувате толку „ретко“?

  • Додека ја пишував прозата „Вивариум“ повеќе од четири години интензивна работа, а пред тоа уште толку години со видливо полабави напрегања, јас бев презаситен од настани. Јас пишувам за да имам простор полн со собитија во себе. Да не сум никогаш сам. „Вивариум“ кој има шестотини страници текст, имаше уште најмалку трипати толку кој „отпадна“ и како и со другите книги, некое време го чувам материјалот со сигурност, некогаш скоро ќе го „искористам“. Никогаш не сум искористил таков материјал, а сите можат да се искористат. Тоа не се отпадоци, туку чист материјал во секој поглед. Знаете зошто ги фрлам? Затоа што секоја моја книга е одредена точно за тоа време во кое ја пишувам. Ако и го извлечеш од под нозе времето на секоја книга што ја пишувам за строго назначеното време за неа, таа ќе се изгуби. Ќе се престори на некој начин толку непривлечна та ја оставам ненапишана, а подоцна ја фрлам како остатоците од напишаните книги. Ете таа игра ме одржува во мојата старост. Инаку кај нас книгите не се плаќаат. За еден труд од петстотини страници и пет години труд, дали ќе земеш две илјади евра. Ете зошто не сум епичар…

– Се чини, особено сте наклонет кон роднокрајниот „правопис“. Носталгија или…?

  • Има некои дамнешни настани кои ми се враќаат во сеќавањето исклучително само со старите одгласи на говорот. Тоа е убаво доживување. Ми се присторува, повторно сум таму под тоа тогашно поднебие, ама не и со лоши доживувања какви што секако имало, ами некое време кое тлее под постојани сончевини. Дење –ноќе. Во тие мигови не можам да го кажам тоа што го мислам на современ „правопис“. Од друга страна, тој говор нималку не го грдее сегашното изнесување на мислите. Напротив. Можам да кажам се раѓа едно забрзано расипување на јазикот со одвратни кованици, кои се исфрлаат и во јазиците од кои, „со добри намери“ се префрлени кај нас и во нас. За јазикот, во други држави има надлежни кои постојано се грижат да се дополнува стручно за да се вклопат новите појмови од науките, политиките, уметностите, трговиите и така бескрај. Така негуван јазик постојано ќе ја држи свежа својата особеност. Кај нас ни приближно не е така.

– Посветен сте исклучиво на романите. Не ги сакате „доволно“ поезијата, драмата?

Сакам и почитувам (ако е на прифатливо и примамливо рамниште) се што е напишано. Буквално се. Имам пишувано доста поезија. Имам објавено и книга стихови со наслов „Поезија не за одмор“. Долги години бев уредник на драмската редакција во првата Телевизија Скопје (до пензионирањето) и сакал-несакал, а јас сакав и сум работел на драматизации на дијалози, на скратувања и продолжувања, што е потешко од „чисто“ пишување драма. И секој автор на перото не може да не се обиде во повеќе форми на пишаниот збор. Но човекот, затоа што старее и притоа, „за чудо“ онемоќева, ако сака да е сепак, на прифатливо рамниште неговиот напрег, сопира само на еден вид создавање. На тоа кое му е најприсушто.

– Кое е нивото според Вас, на денешната македонска литертура?

  • За жал не следам колку што би сакал. Ни нашите, ни светските создавачи на литература. Сега сум зафатен со пишување и сум кадарен само толку, да го следам само своето навлегување на содржината низ која се движам. И ова го практикувам повеќе за да не ми лида мислата низ тегобни теми кои лесно ги наоѓа староста. Така, попатно слушам и наѕирнувам. Никнуваат доста имиња-писатели. И тоа се очекува без изненадување. За новите имиња создаден е, колку толку, разгазен пат и надежен патоказ. Тие, сигурно, уште на влегувањето во својата професија, во секој поглед имаат повеќе можности да ја збогатат литературата и со форми и со содржини, за разлика од нас кога завлегувавме во тие предели на човековата активност. За многу нешта првпат слушавме. Ама да се знае, во овој занает се зависи и треба да зависи, лично само од создавачот.

– Тоа ли е пораката до младите автори?

  • Мојот совет е без компромис да се држат до оваа вистина. Скршнувањето на друга страна од овој единствен начин на создавање, без исклучок завршува со пораз. И на создавачот и на создаденото. Настојчив сум за прифаќање на ова барање, затоа што има недобројни подмами авторот да се согласи, до својот успех да втаса полесно и посигурно. Ако се случи тоа, кој било да е автор, си го потпишал крајот.

– А кое е нивото на државава?

  • Во Светот секаде истото се случува кога држава го менува својот лик и својата содржина. Зашто од предодната етапа, во новата етапа на државата влегуваат луѓето од првата етапа. И тие не можат да се изменат наполно. Тоа на ниеден начин не успева. Истото се случува и со сите институции во, (ај да не го ставам идниот збор во наводници) новата држава. Најчесто, министрите од предодниот вид владеење во поранешната држава, во големо количество се истите и во новата држава. Зашто тие знаат како се води држава и уште посаглам знаат, како да дојдат во власта и натаму, кого да одберат за соработник. Значи се создава блок на истоветност и со содржините и со формите од сменетата државна управа. По тој пат тргнуваат и партиите, и сите управни органи, и образованието, и работливоста, и вработувањето во привлечните високи институции, и така до бескрај. Првиот чекор, подвлекувам, и единствен за да се извлече новото владеење од гибел е, најсериозно да се впрегне на создавање образование кое ќе ги задоволи сите норми на докрај солидно образование. Зашто во новите владеења на малите и сиромашни држави, ретко на која не и се случило да не и се лизне вистинското образование од контрола и да се престори бедем образование кое го забранува влезот во новата држава и во живеењето на луѓето, новото, вистинско образование, кое е вистински излез кон убава иднина.

– Господине Фотев, се чувствувате ли како жива легенда?

  • Употребувате пресилна терминологија. Ние не сме толку широка територија во која можно е се да вирее, па и луѓе легенди. Не сме ни толку стара книжевност, низ која, низ вековите да се создале легенди на книжевноста. Обично, со ваков речник се служат во спортот. Не сум посетил во животот ниеден вид спортски натпревар, та да знам кој спорт има најголем број легенди, но знам, каде што има навивање да се чуе до небеса, се е лесно и се е можно. Но тоа се однесува само на фалбите во спортот. Ви благодарам за високото мислење за мене. Кога во една земја од страна на нејзините граѓани има искрени пофалби за уметноста и кога тие пофалби ќе излегуваат од грлата на многу голем број граѓани и ако таа нивна желба трае долго, долго, некогаш сигурно ќе се престори убав предизвик, уметниците да се обидат да „летаат“ многу,многу високо. Така се создаваат услови кои ќе ги предизикаат уметниците да дадат се од себе. Уметноста најмногу од се друго се „храни“ со многубројни и искрени консументи.

– Кога можеме да очекуваме ваше ново дело?

  • Да се надеваме за една година.

Осаменост

– Зошто „Вивариум“, зошто сега?

  • Вивариум е латински збор-именка. Тој фразеолошки израз открива на кое место се држат, се чуваат, се хранат и се одгледуваат животни (сувоземни и водни.) Ѕверилиште, зоолошка градина. Најпрвин романот беше крстен „Алелофторија“. Изразот е кованица од два грчки збора, (алело- меѓусебни, взаемни и фторија-уништувам.) кованица со која Аристотел го именувал поривот во природата и во светот на сите животински суштества за меѓусебна борба и меѓусебно уништување докрај. Јас кој не сум многу „мазен“ во прикажувањето на животот, сепак не можев да прифатам нешто кое не дозволува варијации во животот на луѓето и во меѓусебните однесувања на луѓето. И барајќи друг наслов, наидов на „Вивариум“. Овој збор посочува некои видови взаемност меѓу сите видови суштества. И насочување, дури и настојување да се поминува животот, не само по патиштата на кои „животот е борба до уништување“. На најумното суштество на Планетава почесто треба да му се укажува; не теоретски ами допирливо; ако некој не мисли како тебе, тој не ти е смртен непријател. Не ти е нималку непријател. И за едно такво сознание во себе, секој вината да си ја бара и открива во својата искривоколчена порастеност која секогаш ни ја вградуваат семсекакви теории, политики, фракции од политики незаситни за власт и од нашата желба всадена во нас од „добронамерните фактори“ да се биде богат без да се засучат ракавите. А тоа, зошто сега?! Сега ја завршив книгата. Ја пишував повеќе години и не со прекини, туку без престан. И колку се наголемуваа страниците на книгата, се чувствував како да ме ограбила некоја сила, понесувајќи нешто од мене кое не ќе ми се врати. Сетики затоа кога ќе биде завршена некоја моја книга сум тивок и многу осамен. Може би оваа одлика поочигледна е само за автори од стари генерации. Туку тоа го доживував и на млади дни.

Испустено село

– Одите ли во родното село?

  • Не одам во Љубојно. Моето родно село едно од поголемите во Долна и Горна Преспа, речиси е испустено. Дали има десетина семејства, заправо семејства само со старец и старица. Некогаш Љубојно броеше повеќе од петстотини куќи. А и нема каде да појдам. Мојата куќа, како и многу други куќи таму, се урна. Оттука моето село можам да го „гледам“ такво, какво што беше кога го оставив.

Присутен во времето

– Како ги „бирате“ приказните за вашите романи?

  • Приказната, како и кај најголемиот процент автори, за правина како кај секое човечко суштество, уште од првите забележувања, несвесен за тоа, сите приказни биле околумене. Некои поминуваат преку приказните, други некое време се влечат низ приказните. Мене многу голем дел од приказните ми се завлекувале во моите внатрини и исто така, голем процент од нив се сторувале непрескоклива обврска, тие, приказните да се овековечат. Тоа, изнесувањето на показ на насобраното во тебе, го соголува авторот, да го видат читателите како од мајка роден. Е тука се откриваат разликите меѓу писателите. Едни се празнат со товарот во себе за да се стаписаат читателите од неговото богаство. Други за да поучат и да бидат наградени од читателот за нивната несебичност која на читателот, секако, веруваат тие, ќе им биде од корист. Не мал број автори и се додворува на политиката, на партијата, на своите други доброчинители. Па на религијата, на историјата реална колку што е возможно да биде реална, уште повеќе на измислена историја или накалемена со сешто. Некои го креваат нашиот човек толку високо, та да не е можно да се препознае, што е тоа горе? Има кои пишуваат, за да можат, според своја оценка да ги задоволат своите работодавци. Има создавачи кои се како од калап слични едни со многу други. Секогаш и сегде било така. Прашањето е, колкав обем писатели ќе останат долго паметувани низ времето кое, секако, на овој или оној начин брише се. Или смешното го престорува тажност. Вредното се трансформира во ништо. Популарното во лакрдија. Умноста во површност. Многу е важно, авторот да се навраќа со своите размисли на овие неизбежности. Што се однсува до, од каде се приказните за моите прози, ќе се зачуди читателот кога ќе ги прочита овие неколку реченици. Моите соучесници во настаните од моите писанија во најголем број не се луѓето од моите краишта. Тие се луѓе од сите краишта по Светот. Од секаде каде што сум патувал. Па други се среќавале во моите четива од странски автори, па создавани образи според кажувањата на нашите печалбари по америките и од други краишта по светот, на еден начин сите се мои творби. Сите се моделирани според мои замисли и такви какви што сум ги „изделкал“ најмногу одговараат на моите потреби. Или така верувам.

Бранка Д. Најдовска
„Теа модерна“, 2011 година.
Фото: Игор Тодоровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *