Сутерен.мк

Миле Папазовски: Т’га за југ

Една дама ми даде комплимент: “Ти си способен од ништо, нешто да направиш. Од обична случка, од разговор, расказ да напишеш”. И јас бргу – бргу седнав да пишувам за да го оправдам комплиментот. Стварно бе мајката?! Ме бивало. Уф, колку сум скромен! Ако мене не ми верувате, прашајте го брат ми л’жгото.
Еве една од мноштвото случки што го красат животот.

Пред неколку години бев на консултација кај една докторка и разговорот течеше вака:
*  Пушиш?
– Не пушам, ги оставив цигарите пред 20 години.
* Пиеш алкохол?
– Не, не пијам.
* Никаков?
– Никаков, саде Кока-кола и сокови фрчат околу мене.
* Дури ни вино не пиеш?
– Не, навистина ништо не пијам, за гревови сум.
* Море добро правиш. Капка алкохол в’уста да не ставаш.
– Во ред, докторке, примено на знаење. Нема да ми падне тешко. Кај досега бев без капка и отсега ќе бидам без капка. Штом се спомна капка алкохол, оти сум по музиката умот веднаш ми отиде на песната: “Што ќе капне на земјата, нека капне во устата”.
Минаа три месеца од нашиот разговор и дојде време пак да одам на контрола и докторкава одново го начна разговорот за алкохолот и ми вели:
* Изгледа минатиот пат претерав кога ти реков да не пиеш ниту капка алкохол! Можеш одвреме-навреме да се напиеш малку вино, црвено, убаво е за организмот.
– Докторке, се’ што ќе кажете за мене е закон. Ќе пивнувам по малку одвреме-навреме.

Си тргнав накај дома и се чешкав по глаата. Како може во рок од три месеца, еднаш да ме советува без капка алкохол, а другпат одвреме-навреме со чаша вино?
Веднаш го ставив во погон “Гоогле” за да видам и да се уверам во лековитоста на црвеното вино.
Читам и навистина имало придобивки дигестивно и кардиоваскуларно здравје, дијабет 2, опоравување од мозочен удар, заштита на видот, превенирање од канцер…”
Иако Гугл ме увери во лековитоста на црвеното вино си реков: “Миланче, виново лесно влава, ама тешко излава“ или како што виното вели: “оди по патот, јас ќе те стигнам”, па си реков – не го р’чкај лавот додека спие и си продолжив да живеам без капка алкохол.

Па, нели сум половина прилепски инает иако другата половина, рускиот инает постојано рикаше – вотка! Как пьют Вотку? Вот_так (како се пие вотка? Еве_вака): на екс ја вотнуваат цела чаша пијалак. Не е лесно да си растргнат меѓу две спротивни семки, прилепска и руска, ама со јака волја се издржува.

И така си минаа две ковид години и еве го ефенди Миланче со двете ефендици излезен во кафеана. На теферич, мајско сонце, малку ветре и бидејќи јас од дома не излегував, за разлика од моите две ефендици, поим немав што се случува, што се нарачува за јадење, пиење, колку пијалак, каков?


Помладата ефендица е појќе нашетана всушност, дома не се прибира и нарачува салата од патлиџани со кромидче, лукче, печени лути пиперчиња, сирење бело и биено, потпржено, за ефенди Папаз пица капричиоза, средна, а за нив шарски плексавици со компирчиња, па две ж’ти, шише црно вино “Т’га за југ” со две чаши (демек тие две ќе пијат без мене), а за мене Кока – кола.

Имав ниет да нарачам чаша виски, американски бурбон, за  што ме инспирираше една новинарка кога Демелза, сета зајапурена, замоли да им помогнам да го допијат виното. И како што ме дал господ, џентлемен, го вотнав преостанатото вино после години апстиненција. Во првиот миг арно ми беше, ама секое задоволство се плаќа, па ми скокна притисокот, ми се зголемија срцевите отчукувања, подзинував, ми се спиеше, неспособен за ништо. Легнав в кревет и одново си реков “невер море” (никогаш повеќе).

Поарно е да си 24/7 часа трезен (Глујо сега штуца оти го спомнав 24/7), а и годините ми се за машала. Треба очи отворање.

(Авторот е роден во 1947 година, во Скопје и е дипломиран машински инжинер во пензија. Инаку, дете од уметничко семејство. Љубител на поезија, проза, сликарство, фотографија. Почнал да пишува на Фејсбук. Не е писател, ама на стари години се замислува дека е. Секоја чест за тоа! Оженет, две ќерки, четири внуци.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот сутерен.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *