Сутерен.мк

Мирка Велиновска: Една оригинална џентлвоман

Оваа новинарка препознатлива по својата свесност за првостепеност, која е толку изразена што не чувствува никаква потреба за толку типичната женска кокетерија од било кој облик, без никаква задршка не пушти во нејзиниот дом и на онаа другата, помалку позната во јавноста – нејзина интимна страна

Како ретко кој денес, таа може да се пофали со статусот слободен новинар и тврди дека буквално, тоа звање тоа и значи во нејзиниот случај. Работи за дневниот весник „Нова Македонија“, но со договор што не ја загрозува нејзината слобода на мислење.

Токму таа нејзина маркантна индивидуалност ќе предизвика контроверзни емоции за неа во јавноста – едни бескрајно ја почитуваат, а други исто толку оспоруваат. Меѓутоа, никој не е рамнодушен. Медиумскиот пазар најмалку. Додека повеќето од нејзината генерација колеги „дремат“ на маргините на македонскиот журнализам или се тотално надвор од него, таа со своите шест децении живот е се уште актуелна – дневно, неделно па и реминисцентно.

Промени многу редакции, но ставовите и останаа исти – жестоки! Сеедно на чија „страна“ да се однесуваат. А првичниот план воопшто и не и ни бил да стане новинар. Мирка Велиновска со својот живот имала сосема други намери, но изгледа кај неа е она – карактерот е судбина и, обратно….

  • Имавте афинитети кон уметноста, културата, а станавте политички новинар. Што се случи?

– Инает! Тоа што сакав да го работам не можев. Немав врски, а и татко ми беше против такви работи. Ми велеше јас те оспособив, а сега ти сама барај си го чарето. Оди на еден конкурс, наместен, друг исто… По институти, архиви, се запоседнато со несоодветни кадри,ни по образование ни по афинитети, ама за мене немаше место. Особено што јас ваква дизајнирана, непослушна и во оној систем, и викаа со оваа не можеш да работиш.

Така, ми пропаднаа сите „опции“ па се јавив на конкурс за новинарсво. Прво во телевизија па во „Вечер“, а богами на тие конкурси дури и како најобразована поминав. Имаше тешки тестови од општа култура до политика.. Мислев дека ќе бидам привремено во новинарството и дека ќе се занимавам со култура, археологија, уметност додека не си најдам работа на струката. Меѓутоа, ме заинатија. Машки беа редакциите и ме ставија во внатрешна политичка давајќи ми дадоа да водам општински организации на Сојуз на комунисти…

И кога прашав до кога ќе се давам со глупости, ми соопштија дека ние жените не можеме со сериозни теми да се занимаваме туку сме главно, за готвење и деца чување!? Е, тој муабет кога го слушнав од мажи десет класи по образование под мене, јавно на состанок им дадов збор дека за шест месеци ќе им го земам Централен комитет на Скопје, а до крајот на годината ќе ја водам ЦК на Македонија. Тоа и се случи, а јас останав во новинарство…

  • Баш така?!

– Да, баш така. Се кинеа од смеење на тие мои зборови и тогаш јас си ја пуштив амбицијата до крај. Реков, овие ќе ги „легнам“. Не можам да поднесам такви понижувањс по род. Не сум феминистка, но немам чувство дека сум нешто послаба од другите па нека се и мажи. Ме заинатија буквално, тие тогашни „мачисти“ и им го расипав трајно распоредот на задачите.

За се сум оспособена во животот и некој кога ми ги ограничува можностите, ме вади од кожа. Чувство за слобода, за самосвест имам од мала. Дали е тоа вградено или е воспитување или ген сеедно… Кога ме „класифицираат“ по било каква „основа“ тоа ми е како биолошко загрозување на животот.

  • Се изборија ли во меѓувреме жените за слобода, самосвест?

– Ако сакате да бидам безобразна, тогаш мора да потенцирам дека толку се „изборија“ што веќе ми е преку глава да ме среќаваат и да ми велат „ти си жена со мади*а“ или „е, стварно си маж“. Зошто бе јас морам да имам мади*а за да ми признаат нешто!? Ете толку сме се избориле.

Ние уште живееме во патријархат и тоа е факт. И како традиција и како култура. Жените демек, кога се како „мажи“ вредат нешто. Ма немој!? Како кого!? Како делот од човештвото што половина од нив се обични кукавици. И тоа „машки“ било комплимент!?

  • Можеби затоа што кокетите се намножија. Денес полесно се поминува како многу „женска“, во будоарска смисла, отколку како личност со став. Ова е време на инстант производи, па и во половите нагласувања.

– Отсекогаш полесно поминувале „старлетите“, не само сега. Ќе стават штикли, кусо здолниште и кармин и самите тие веќе не очекуваат некој да ги слуша туку да ги гледа.

Меѓутоа, тоа е личен избор на настап во животот и немам ништо против, но немам ни почит кон него. Игнорантна сум кон таквите персони, сеедно ми е дали постојат или не, се додека не ми „брцнат во око“. Онолку, колку што можат: да ми потценат интелигенција, да помислат дека сум некоја шајшутка, па можат да ми превземат „територија“. На интелектуално ниво, секако. Останатите терени великодушно им ги препуштам.

  • Ама Ве паметат како голема помодарка…

– Уф, бев толку забегана по тоа модите што на татко ми коса на глава му се креваше. Јас се запишав во Белград на антропологија и психологија, но се утврди дека за таа година квотата била пополнета, па ме трансферираа на ориентални јазици, а мене не ми беше тоа интересно па реков, една година ќе одмарам и ќе одам во Лондон.

Работев, а на Кембриџ вонредно, студирав архаичен англиски книжевен јазик. Леле, кога се вративме со другарка ми!? Со коса бојадисана розево и зелено. Ние всушност, две години останавме таму и мислевме како што таму тече животот така и овде. А немало врска!? Овде ништо не мрднало откако сме отишле. Татко ми, кога ни го виде „имиџот“, гардеробата, вокабуларот, однесувањето…. се заблагодаруваше на Бога што живи сме се вратиле. После ми помина таа желба за „модно истакнување“…

  • Како се случи да станете толку „скромна“ во надворешната појава?

– Јас сум поприлично комплицирана: ем, рационална ем, емотивна ем, логична ем, импулсивна… Таа комбинација зне(ше) да ми прави многу проблеми, внатре, во мене. Ме фаќаа меланхолии, депресиии зашто не знаев да се справам со „Мирка 1“ и „Мирка 2“.

Среќна сум што во една пристојна возраст сфатив дека не можам постојано да компензирам за едно однесување, на сметка на другото, а се беше на моја штета. Губев многу време, енергија па и пари за да задоволам некој свој порив што всушност, баш и не ми бил толку мене важен колку што и бил важен на некоја „шема“.

Чесно речено, јас бев и таа помодарката, но и онаа сосема спротивното на неа, но избор мораше да се направи инаку, ќе се „изгубев“ во тие лавиринти и немаше да го извлечам максимумот од себе. Тоа е тоа. Да се одлучиш за вистинскиот ТИ зашто се друго е за џабе потрошено (твое) време.

  • Тоа ли е „рецептот“ да се остане константно во жижата на општествените текови? Факт е дека наспроти Вашите врсници кои, ако имале среќа, желно ги очекуваат пензионерските денови, Вие и понатаму актуелно бранувате и не седите мирна, Мирка?

– Сакала или не, често се случува на моменти да сум ставена во такви конотации, но јас свесно сум избрала да сум маргиналец и никогаш мејнстрим. Нема да веруваат, но и, ако се мисли спротивното, јас не сум го барала тоа. Јас сум истата и кога фалам и кога критикувам.

Кога веќе сум избрала да сум надвор од „главните текови“ исто така сум одлучила да бидам гласна, со интегритет и да фаќа место од време на време, она што го кажувам. Тоа е свесен избор, кој го плаќаш скапо и повеќекратно. Особено, кога си прва борбена линија. Зашто, ти не настапуваш со цел да правиш кариера, каква и да е, туку да соопштуваш, да бидеш гласноговорник, народен трибјун…

Го бираш потешкиот пат како свој. Не е пристојно да се каже, но тоа е така и не го правиш тоа како жртва туку, како избор свој што свесно си го правел. Тоа си ти – пакетот, тоа е идентитетот…

  • Не е ли тоа опстојување сепак, последица на некаков поинаков, „поконспиративен“ договор заради личен конформизам?

– Со кого!?

  • Со денешните елити, претпоставувам. Велат, многу се збогативте во последно време…

– Се што имам е од татко ми и податоците за мојот имот и се достапни на јавноста. А, за кои елити зборуваме? Елити, барем овде, се оние што имаат пари, а јас да бев во дружба со нив, ќе бев во поинаква материјална состојба. Не се жалам, ама од родителите ми е, а не од новинарството…

  • Тогаш, вреди ли сета таа врева? Што добивате Вие од сето тоа?

– Па не вреди, ако гледате само така – низ призмата на тоа колку крпчиња, колку кармини, тенџериња сте купиле со вашите „ставови“, секако, дека не. Кој сака, како сака нека го сфати, но јас се уште траам на новинарската сцена зашто никогаш не се преценував, не ми беше гајле кој ме дружи или не, ме интересираа само чесните намери, а не со кого е „важно да ме видат во друштво“.

Моите врсници ги мрзи да учат некого на новинарство, а јас тоа го правам. Ги заморува нивната амбиција, а мене ме радува и се обидувам да ја контролирам и канализирам. Моите „деца“ се сега со мене на јавна сцена. Тоа е комплимент за мене зашто можам да се апдејтирам. Јас уште следам игра. Ако е така, а така е, тогаш вреди…

„Кога затворам една страница, затворена е засекогаш! Јас сум историчар, копам по минато, но никогаш не му се навраќам. Не жалам ниту за младоста, ниту минатите времиња. Свесна сум дека времето поминува и секоја минута сакам да ја одживеам со полн капацитет“

  • Никогаш не станавте уредник…?

– Затоа што немам талент за компромиси. Не можам да дозволам моите носечки вредносни столбови да бидат разнишани ни за момент за некаква статусна комоција. Не можам да му се смешкам на некој што ќе ми дојде да ми држи предавања, да ме уценува, да ми се дере, заканува. Не сум способна да правам „широки“ коалиции и нема сила што ќе ме натера да голтнам такви работи. Затоа секој треба да бира професија и место на каде ќе може слободно да вирее.
Се спротивно е лакрдија од сопствениот живот.

  • Не станавте ни политичар…?

– Од истите причини.

  • И, не се каете?

– Убедена сум дека мојот избор е добар. Без титули и без звања имам име и презиме кое е препознатливо. Не е се во искачувањето на тие општествени скалила. Славата е пет минути, останува напишаното. Не мислам дека сум нешто важна, но го сметам за голем успех тоа што живеам во мир со себе. Можам да речам дека сум задоволна со себе. Удобно ми е во својата кожа. Ги гледам луѓето отворено.

  • Сменивте доста редакции. Кога бевте најмногу новинар?

– „Пулс“ многу ентузијастички го правевме. Тој ми е најомилен период и оној во „Фокус“. Без разлика како се разделив од „Фокус“, таму и во „Пулс“ најслободно сум дишела како професионален новинар, со подршка на таа индивидуалност и од уредништвото. Се почитуваше ставот на новинарот и му се веруваше на истиот.

Не се жалам ни сега, совршено сум слободна и во „Нова Македонија“, но овојпат тоа е во договор, предвреме сум го побарала тој услов, правилата на игра. Најнесреќна сум што не успеа „Зум“. Зашто имавме амбиција да направиме чист новинарски производ. Ние бевме сопственици, ние го менаџиравме. Меѓутоа, еден по еден ми ги „купија“ новинарите и се пропадна.

  • Кој всушност, ги уредува медиумите?

– Големите бизнис компании. Не само медиумите, тие ја уредуваат целата држава. Се друго кажано е обичен блеф.

  • Чаре?

– Слободно новинарство не постои никаде особено, не денес, но има професионално, со минимум запазени стандарди на информирање. Да провериш факт, да побараш мислење од втора страна, да не лиферуваш полуинформации за сопствен рејтинг, да не навиваш за одредена политичка опција, па и публика…

Не е утеха, ами срамота што и светскиот журнализам не е далеку од нивото на домашниот. Само кај нас е поголем хаос, како и во другите сегменти на живеењето зашто, ние влеговме во друг систем без да излеземе од претходниот.

  • Вас Ве обвинуваат дека сте „антизападни“, против тој „посреден хаос“?

– Глупости. Јас младоста ја поминав на Запад. Но тоа не значи дека нема да ги критикувам неговите маани. Може ли да се разбереме еднаш за секогаш? Јас сум левичар, крај. Хипи, тоа ми е вредносниот систем, уште ли ќе се објаснувам!?

Меѓутоа, ако левицата прави грешки ќе ја критикувам, или ако десницата прави арно, ќе ја пофалам. Тој што тоа не го разбира, не го сфаќа ни светот, ни варијантите на бои. Тој не може да ми продава демоктратија. Но тоа е ниво на лично воспитување, образование, култура…

Засекогаш сум врзана за ова тло и „вечно“ копнежлива по таа западна цивилизација. Јас сум „зависна“ од мирисот на печена пиперка и од комшиката која по цел ден алапачира, но исто така и од оној статус на западен граѓанин, достоинствен, кому никој од шалтер не му се дере и го омаловажува, кој си ги знае своите права односно, до администрација која е свесна дека јас ја плаќам за таа да постои.

  • Приватно сте „џентлмен“, личност со широки погледи и многу емпатија, но јавно знаете да бидете и многу остра. Која е вистинската Мирка?

– Прво, јас сум „џентлвоман“, а не она другото. Второ… Со никој со кого сум полемизирала јавно, приватно немам проблем. Имам принципи, на кои ми се држи карактерот. На мое родено дете не му попуштам, а камоли на некој друг. Трето, не смееш да имаш двојни аршини. Не може са себе или некој близок да имаш олеснителни околности. Не си правам на себе попуст, па не давам ни на друг. Тоа е она што им се чини на луѓето дека е жестоко.Полемизирам бескомпромисно за она за што се борам.

Приватно никого не сум чепнала и не ме интересира неговиот интимен живот. Политичката борба бара силна конфронтација. Полемиката исто така изискува жестоки средства. Се друго е калкулација. А јас не сум од таквите „математичари“. Отпосле се грижам за здобиените рани…

  • И, која е Мирка Велиновска?

– Онаа која рано се себеоткрила и го тера животот на само свој начин. Секако дека имам и понатаму одрекувања, но тие се направени по мој избор, а не наметнати. Кога се такви не се чувствуваш вознемирен од ништо. Јас всушност, не се менувам, но сакам промени.

  • Не ни оди баш добро со промените?

– Слабо, како што гледаш, а и отпорот е ужасен.

  • Од кого?

– Недостасува политичка волја. Зашто се додека ова вака функционира тие, политичарите, можат да манипулираат. Кога ќе имаш граѓанско општество, уредено,со функционална администрација, маневарскиот простор за манипулација се стеснува. Нема да може така лесно фаќање гласови, ловење членови, симпатизери, поклоници.

Ова е правено за вака да се развлекува. Зашто, кога имаш раја, на која ќе и завршиш работа таа е благодарна. А кога имаш граѓанско свесни, се подразбира дека треба да им ја завршиш работата, нема што да им носиш кафиња, ручеци. Да се разбереме, на сите наши политичари им одговара оваа ситуација.

  • И, како ќе се променат состојбите?

– Ако пораснат генерациите. Ова е прва генерација на политичари на власт што покажа волја нештата да се сменат и јас затоа жестоко и отворено ги бранам некои нивни потези зашто препознав подготвеност да направат исчекор. Нема да стигнат далеку во реформите зашто се сепак, деца на транзицијата и многу се силни отпорите на елитите, на интересните групи, но назад нема враќање. Следната што ќе дојде ќе исчекори силовито во промените што јас сакам да ги видам. Тие што ќе доживеат ќе го потврдат ова. Оваа генерација само ги дава насоките.

Познатата новинарка е левак и сосила ја терале да стане деснак и левичарка, на која и прилепуваат десничарска етикета! Како и нејзината мајка таа во слободно време слика, изработува скулптури од дрво и чита се што ќе и дојде под рака освен, љубовни романчиња. Готви одлично и знае стотици рецепти од кои некои и сама ги измислила, но не ја бива за колачи. Исклучок е само англискиот пудинг

Мојата сродна душа беше Мирче

Велиновска живее со мајка си и сестра и (татко и почина пред две години), во зграда што е подигната на местото на нејзината стара куќа, во Дебар маало, а во станот над нивниот живее нејзиниот син Филип од бракот со актерот Мирче Доневски, кој загина во сообраќајна несреќа пред неколку години. Со Доневски живееја заедно осум години, но официјално, никогаш не се разведоа.

– Се омажив на 27 години и тоа зашто морав. Имено, татко ми беше конзервативен и немаше шанси да ми дозволи да живеам во неофицијална брачна зедница. Циркузи беа тие наши веридбено – свадбени церемонии. Ај што решија да ми прават венчавка туку и тајно со семејството на Мирче (уште потрадиционална од мојата) тајно „преговарале“ па еден ден отворам плакар во мојата соба и ми паѓаат невестински бовчи врз глава. Веднаш избегав, ме фати Мирче дури кај Електро Скопје.

Лутења колку сакаш! Ама најголемото беше кога во матично реков дека ќе си го задржам своето презиме. Цела кавга бидна. Свекорот и свекрвата долго не ни зборуваа заради тоа.

  • Зошто се разделивте од Мирче?

– Многу се сакавме, ама не можевме да живееме заедно. Бевме два сосема различни концепти. Издржавме осум години и толку. Меѓутоа, и кога не живеевме заедно бевме заедно. Останавме другари до крајот. Всушност, никогаш официјално не се разведовме. Доаѓаше кај нас, кога сака, без најава. Цел живот ете, така. Нашиот син израсна практично со двајцата родители, кои му беа еднакво посветени, но едноставно, не можеа да виреат под ист покрив. Па ние дури и на одмор одевме заедно, со два шатори секако, но заедно, како другари, кои се и семејство повремено. Мирче беше и остана мојата голема љубов.

Најважните животни лекции

Мирка Велиновска потекнува од граѓанско семејство чии корени се од Егејска Македонија. Татко и завршил во Софија два факултети – медицина и економија, но работниот век ќе го помине како директор на издавачката куќа „Наша книга“ од Скопје. Мајка и работела во Црвен крст, а сега е пензионерка. Како дете на учесници во македонските револуционерни борби уште од мала нејзе и на сестра и длабоко и е всадено особената врзаност за татковината. Токму затоа таа и покрај годините во неколку наврати поминати на Запад (беше своевремено и дописник од Лондон за НИП „Нова Македонија“) и приликите својот живот да го продолжи вон границите на својата земја, Велиновска сепак, никогаш трајно нема да ја напушти Македонија. Од своите родители ќе ги научи всушност, најважните животни лекции:

– Ние овде немавме роднини што значи, немавме ниту некои силни врски за полесно да поминеме низ животот. Бевме само ние, четворицата и затоа развивме силна блискост. Едни на други се потпиравме. Се што знаеме, се што сме со сестра ми, го должиме на тие двајца родители кои не жалеа пари за наше образование.

Татко ми беше многу амбициозен човек и се ни овозможување, но никако не толерираше три работи: „во моја куќа“ велеше, не постои – не можам, не знам и не сакам!“ Не учеше, иако бевме девојчиња да работиме се – од малтер мешање, цевки поправање, до готвење. Не подготвуваше од никого да не зависиме во иднина. Кај нас немаше машки и женски работи, секој се работеше, а така го воспитував и син ми.

Дома инсистираа на креативност, на тоа никогаш умот да не ни застанува, да знаеме да се одбраниме и пред никого глава да не наведнуваме. Поговорки дебатиравме, приказни анализиравме… Или ќе ни ја даде платата да ја распоредиме, за да ни стигне до крајот на месецот. Стално потенцираше колку е битен зборот што го упатуваш на другиот. Уште бев во основно кога ме тераше „Капитал“ да го читам па после и ме испрашуваше за прочитаното.

  • Немате трауми од тоа?

– Напротив. Маркс многу ми се најде низ годиниве. Не е само да прочиташ туку треба и да го разбереш прочитаното. Кај нас многу се полемизираше. Сите бевме силни индивидуалци, а и бевме воспитани секој да си го брани својот став. Секогаш било бучно, секој има свои гледишта, во ништо речиси, не делиме мислење дури и телевизори има во сите соби зашто не можеме да се договориме што да гледаме. Секој со своето, но тоа не одржува во кондиција. Што ако различно мислиме – тоа не значи дека не се сакаме. Дебатирај, одбрани си го ставот, ако си посилен ќе победиш.

Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски
„Теа модерна“, 2012 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *