Иако високи 60 отсто од младите за теми поврзани со менталното здравје се информираат преку интернет пребарувачи и на социјалните мрежи бидејќи најчесто таму се најприсутни, поразувачки е што само девет проценти од нив за истото се информираат на училиште. Оттука потекнува потребата за подобрување на работата на службите и институциите за информирање за менталното здравје во средината во која живеат младите.
Ова беше истакнато при промоција на анализата „Средношколците и пристапот до услуги за менталното здравје“ на денешниот настан „Да си посакаме подобро ментално здравје во новата учебна година“ што го организираше здружението на граѓани „Младите можат“.
Според коментарите од психолози и ученици вклучени во анализата спроведена со фокус групи на млади од цела земја, од „Младите можат“ посочуваат дека ниската доверба на младите во училишниот психолог се должи на тоа што по случаи како „Јавна соба“ не се реагира навремено. Исто така, постои недостаток на работилници посветени на темата и затоа што институцијата училиштен психолог е наменета само за ученици со слаби оцени за кои се претпоставува дека имаат проблеми, односно посетата претставува вид на казна.
„На прашањето доколку имаат потреба од професионална помош каде прво би се обратиле, училишниот психолог иако најблиску до нив, во самото училиште каде го поминуваат најголемиот дел од времето, само 7 % би пристапиле таму за советување. Добро е што 30% од младите кажуваат дека би се обратиле кај психолог, меѓутоа колку тие навистина можат да си ја дозволат таа стручна помош? Многу често одбиваат да кажат на своите родители дека сакаат стручна помош што веднаш ја создава бариерата за да можат да си го овозможат тоа. А, зошто да побараат пари кога можат да се консултираат со некој што им е еднакво достапен на сите?“, поентираше Софија Стојановска.
Како што посочи, младите дел од нивните пари наменети за џепарлак ги штедат за да си дозволат сесија со психолог.
„Младите навистина се на интернет, на социјалните медиуми, меѓутоа, тие се во училиштето. Главните насоки во кои треба да работиме е тоа да ги направиме стручните служби достапни и од доверба за младите. Од друга страна, додека работиме на тоа, младите треба да имаат пристап и информации каде да ги најдат услугите коишто им се потребни за одржување на својата ментална хигиена и здравје“, забележа Стојановска.
Заклучоците на анализата укажуваат дека е потребен напредок во средината во која живеат младите, како и поттикнување на повозрасните да разговараат послободно на темата ментално здравје во сите делови од земјава.
„Свесни сме дека во Скопје можеме лесно да отидеме на психолог затоа што имаме избор каде да го направиме тоа, но дали млад човек во Неготино има избор да отиде некаде? Дури и да има еден психолог, не можеме да се довериме секому, сакаме да пробаме да одиме и кај некој друг, а го немаме тој избор“, рече Стојановска.
Главните препораки нагласени во анализата се дека треба да се зајакнат капацитетите на психолошко-педагошката служба со активна вклученост на Министерството за образование и наука, односно да се зголемат финансиските средства. Покрај тоа, потребно е засилување на напорите за имплементација за Националната стратегија за ментално здравје (2018 – 2025), процес што успори за време пандемијата.
Исто така, треба да се ограничат административните задачи што ги обременуваат вработените, а потребно е и унапредување на наставните програми во средните училишта поврзани со ментално здравје на три начини; ревизија на наставната програма, уредување на курикулумот во однос на менталното здравје и методите на настава.
За таа цел, здружението „Младите можат“ во соработка со гешталт психотерапевтот Татјана Ивановска изработи пилот-програма во фокус на менталното здравје предвидена да се извршува за време на одделенските часови.
Пилот-програмата е направена по принцип на имплементирање на микро промена поради што, како што беше посочено, претходните поголеми програми бележат негативни резултати. Програмата е работена според анкета правена со одделенски наставници и ученици кои опишуваат што се прави на одделенските часови.
Вежбите и работилниците се предвидени во 9 модули од кои 7 кратки, односно одземаат по 15 минути два пати во месецот, а подолгите две работилници ќе се извршуваат по еднаш во полугодие.
„На анкетата добивме различни одговори од двете страни, па идејата беше дека можеби и едната и другата страна ќе се нафати на некаков ангажман што трае 15 минути, затоа што 15 минути е потешко да одбиеш отколку да спроведеш цел час со што сметаме дека би се вклучила едната страна, а другата би спроведувала“, рече Ивановска.
Темите во програмата се исто така изведени од самите анкети со цел да бидат поблиски до сите вклучени.
Во претстојната учебна година што започнува утре оваа програма ќе започнат да ја применуваат пет училишта во Скопје, и тоа СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“, СУГС „Георги Димитров“, СУГС „Димитар Влахов“, СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ и АСУЦ.
Од „Младите можат“ посочуваат дека доколку пилот-програмата биде успешна планираат соработки и имплементација на истата и во сите други училишта од Скопје и Македонија.