Мемоарите на Жамила Ангела Колономос „Монастир без Евреи: сеќавања на партизанката – Еврејка од Македонија“ неодамна е објавена во Соединетите Американски Држави од Фондацијата за унапредување на сефардските студии и култура во Њујорк…
За книгата, што од ладино (јудејско-шпански) јазик на англиски ја преведоа Исак Нехама и Брајан Берман, осврт имаше и во тамошниот весник „Форвард“, кој со над стогодишната традиција на излегување ужива голем углед во целата еврејска дијаспора. Новинарот Ели Розенблат, меѓу другото, ќе напише дека оваа книга е вреден додаток во литературата на Сефардите на Балканот и одлично сведоштво за светот што повеќе не го знаеме. „Редовите се полни со главните особини на ладино, со сеќавање за оние сефарди што исчезнаа од рацете на фашистите и живописни панорами на градовите Битола, Скопје и Штип. Огромно чувство на отпор излегува од текстот“, вели Розенблат и појаснува дека со сеќавањата на Колономос за сопственото време минато во југословенскиот отпор, таа ја расветлува посветеноста кон граѓанското општество и слободата, кои не успеаја да бидат уништени во Втората светска војна.
„Денес мора да запаметиме“, вели новинарот на њујоршкиот весник, „дека во секој агол на светот се’ уште постои неправда, од ромските населби во Европа, некои од нив изградени врз свети еврејски места, до сиромашните населби во Бразил, каде што потомците на робовите се борат со економската реалност. ’Монастир без Евреи’ на многу начини е апел за акција. Како што се сеќава Колономос на својот ладино јазик – ’Моќта на волјата може да направи се’!’“, пишува Розенблат, кој го запознал Балканот во есента 2004 година, посетувајќи ги Србија, Косово и Македонија, регион за кој вели дека е од големо меѓународно значење и со прекрасни пејзажи, каде што еврејската историја и култура опстојуваат покрај многу други култури.
Огромно чувство на отпор излегува од текстот”, пишува новинарот Ели Розенблат, кој вели дека Македонија е регион од меѓународно значење
„Не можам да најдам зборови што ќе можат да ги опишат моите емоции кога го гледам ова англиско издание. Легнувам во мојот кревет и пред очи ми се врти целиот живот и солзите почнуваат да капат…“, вели Жамила Колономос, истакнувајќи дека имала среќа нејзиното дело да падне во рацете на Роберт Бедфорд (извршниот директор на Фондацијата н.з.) и Исак Нехама. (Вториов, иако роден во Атина, има потекло од Битола. Своите најблиски ги изгубил во холокаустот, а тој се спасил придружувајќи им се на грчките партизани.)
Авторката на оваа исклучителна публикација потенцира дека без нив немало да бидат обелоденети овие детали и херои во борбата против нацизмот, кои најверојатно ќе исчезнеле во претстојното игнорирање на холокаустот. Книгата која првично била напишана само на ладино јазикот е компилација на текстови и есеи на Жамила Колономос, објавувани во изминатите години во разни сефардски публикации, но и во македонските весници. Таа во мемоарите се присетува на судбината на припадниците на Еврејската заедница во Битола (Монастир) за време на холокаустот, но е и сведок за присуството на Евреите во југословенскиот отпор, а поместени се и 150 лични и архивски фотографии. „Монастир без Евреи“, според издавачот, е редок опис од прва рака на животот и смртта на сефардската заедница во Македонија, која на 11 март 1943 година била собрана во магацинот на Тутунскиот комбинат во Скопје. Таму, Евреите собрани од Битола, Скопје и од Штип се депортирани во Треблинка. Само неколку странци и лекари биле ослободени, а ниту еден Евреин од Македонија не го преживеа злогласниот концентрационен логор во Полска.
Фактографијата кажува дека пред тоа, во 1941 година, во земјава (Скопје, Битола, Штип, Куманово, Гевгелија, Велес, Крива Паланка) имало околу 8.000 лица со еврејско потекло. Се’ додека фашистичките влади на Бугарија и нацистичка Германија во најголема тајност не почнат да водат преговори за предавање на еврејското население од бугарските територии на Германците. На 22 февруари 1943 година во Софија ќе се потпише спогодбата за иселување на 20.000 Евреи од местата окупирани од страна на Бугарија, односно од Тракија и од Македонија. Авторката на книгата пишува дека на 10 март делегација на битолските Евреи била примена од владиката, кој великодушно им ветил дека нема да дозволи ништо да им се случи. „Истата ноќ, градовите Битола, Штип и Скопје беа блокирани, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. На најгруб можен начин ги скорнуваа од креветите жените и децата, болните ги товареа во камиони, а полицајците викаа по нив да си ги земат сите скапоцености и пари, зашто ќе им требаат и дека ќе ги носат во Бугарија. Пљачкосувањето настана уште на самото место во куќите, при собирањето на Евреите“, вели Жамила Колономос.
Во нехигиенските и валкани простории на Монополот, Евреите се сместени од 300 до 500 души во една соба, на голи штици, во студ. Четири дена не добиле никаква храна, а немале ни вода за пиење. Надвор ги пуштале еднаш дневно, зграда по зграда, на половина час. Меѓу 7.215 луѓе затворени во магацините на Државниот монопол, имаше 2.313 деца.
„Од Треблинка не се врати никој. Не остана ниту еден сведок да раскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од земјава“, нагласува Колономос. Според нејзините сеќавања, во Битола партизанските единици влегуваат на 4 ноември 1944 година, во Штип на 8 ноември, а во Скопје на 13 истиот месец. Во цела Македонија е воспоставена народна власт: се враќаат Евреи од единиците на Народноослободителната војска, од бугарските затвори и интернации, од фашистичките логори во Германија, од илегалниот престој и учество во антифашистичките движења во Грција, Албанија, Бугарија и во Италија, а тие, главно, се населуваат во Скопје и во Битола. По геноцидот, во земјава има само околу 200 припадници на речиси истребениот народ.
Со создавањето на еврејската држава Израел (во мај 1948 година), најголемиот дел од членовите на македонската еврејска заедница се иселува во својата нова татковина. „Меѓутоа“, тврди писателката, „тие остануваат длабоко врзани за својот роден крај и по разни поводи се собираат“.
Жамила Колономос со својот втор сопруг Аврам Садикарио: Денес во Битола нема ниту еден Евреин, во Штип еден, во Гевгелија еден, во Скопје, во Еврејската општина, се регистрирани вкупно 157 члена, а само дваесетина се битолски и скопски Евреи.
„Оние што ги нема“, тврди авторката „сепак, не се заборавени. За нив, вистината се појавува, како што вели една сефардска поговорка – маслото секогаш се крева над водата“. Жамила Колономос ја подготвила оваа книга затоа што по појавувањето на нејзиното последно дело „Искри на сефардизмот во Македонија“ примила многу пријателски писма од Америка, Франција, Израел, од Чиле, кои ја стимулирале да продолжи со работа на сефардската култура. Особено и’ се драги есеите и писмата на Жан Карасо – уредник во „Ла летр Сефард“, Хаим Видал Сефиха – професор емеритус од Нова Сорбона и на Ицак Навон – поранешен претседател на Израел.
„Им должам голема благодарност на Исак Нехама и Брајан Берман за нивниот превод од ладино на англиски јазик. Всушност, ние работевме како тим и англиската верзија на книгата беше на Исак, кој сметаше дека таа ќе ја рашири информацијата до поголема публика, заинтересирана за вистината за животот и трагедиите во тие матни времиња“, истакнува Колономос и додава дека, исто така, многу му е благодарна на новинарот Мирче Томовски, сега починат, кој бил неуморен поддржувач на еврејската кауза. На крајот вели: „Илјада благодарам до сите оние што ме поттикнуваа и ме помагаа да придонесам во напорите во име на сефардскиот свет“.
Еврејката од Монастир
Жамила Ангела Колономос е родена во 1922 година, во еврејско семејство во Битола. На 19-годишна возраст таа станува член на југословенскиот отпор кусо време по бугарската окупација на Македонија во 1944 година. Таа успева да го избегне собирањето и депортирањето на Евреите од Битола и со неколку другари Евреи им се приклучува на партизаните во април 1943 година, и со тек на време се стекнува со чин комесар на неколку баталјони пред да стане заменик-комесар во македонската бригада и во 42. југословенска дивизија.
По војната, Колономос во неколку наврати беше одликувана за заслугите и храброста и беше водечки функционер во многу политички, добротворни и општествени здруженија, вклучувајќи ги Сојузот на југословенскиот отпор, Сојузот за заштита на деца во Македонија и АФЖ во Македонија, како и пратеник во македонското Собрание. Во 1962 година, Колономос беше именувана во професор емеритус на Филозофскиот факултет, оддел романска филологија, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа е автор на голем број текстови и дела од областа на историјата, јудео-шпанскиот јазик (јазикот на Сефардите) и на југословенско-македонскиот отпор.
Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2009 година.