Денешниот ден е поцрн од вчерашниот.
Поцрн е бидејќи не е ден на жалост, Жалоста има тенденција да притисне посилно во обичните денови што не се денови на жалоста – затоа што натпреварот мора да се одигра.
Поцрн е бидејќи ќе се излажеме себеси дека детето со пиштолот не е наше дете, дека никогаш не би можело да биде наше дете.
Бидејќи, ако малолетниот К.К. е психопат – тој таков си се родил и ние немаме ништо со тоа. Тоа е веќе ментално отстапување од личноста – можело било кога да пукне во главата, ете нему му пукнало сега. Но ние тука не можеме ништо. Судбина. Стихија. Нешто како земјотрес. Важно е дека ние за ништо не сме виновни.
Мора да е луд и таткото на К. Не изгледаше како луд, работеше како лекар. Ама сигурно има тука нешто ненормално штом ова се случи. Неподносливо е да се мисли дека тој е само просечен родител налик нам, кој баш и не ги разбира проблемите на децата на ова наше време, па прави некои грешки како одговор на ситуацијата. Неподносливо е тоа да се мисли – бидејќи, што ако е токму така? Како тогаш ова се случи?
Можеби се може и така да се толкува, како длабока психопатологија. И најпосле, ќе го толкуваме баш така. Но, би било многу опасно, ако заради тоа го баталиме следново:
К. е наше дете. Децата кои му дофрлале навреди затоа што е социјално невклопена „бубалица“ кој д’тка – се наши деца. Децата кои ја вртеле главата и се правеле дека тоа не го гледаат – се наши деца. Децата кои му пришле да му помогнат – се наши деца. Да имаше од последниве повеќе, можеби К. и понатаму ќе фантазираше за астрофизика, а врсниците кои ги уби ќе се вратеа во своите домови после училиштето. Можеби и не. Не можам да тврдам.
Но… и децата коишто по мрежите денес пишуваат дека К. е цар – се наши деца. Децата кои денес се уплашени и тажни се наши деца. Децата кои се денес бесни се наши деца.
Ние за своите деца не знаеме ништо.
Повторувајте како мантра, лековито е: јас за своето дете не знам ништо.
Ако и понатаму верувате дека „вие најдобро го познавате своето дете“ – со тој став потврдувате колку немате поим за поимот. Не можете да разберете со каква мака некој просветен работник крај некоја отворена врата слуша такви кои „најдобро го познаваат своето дете“. Бидејќи тој го гледа вашето дете во друг социјален контекст за којшто вие, извинете што ги навредувам вашите родителски чувства – немате поим.
А немате поим затоа што децата не ви кажуваат ни десеттинка од она низ што поминуваат. И тоа нема никаква врска со љубовта. Немаат капацитет да ви објаснат низ што поминуваат, во социјалниот контекст каде што насилството е сосема нормализирано. И не, немојте ни случајно да бидете доволно глупави да помислите – па така беше и кога јас растев. Верувајте ми дека тоа е неспоредливо. Долго со тоа, за несреќа, се занимавав. Неспоредливо е. Вашите искуства од вашето детство и тинејџерското доба се ништожни, ирелевантни. Заборавете ги. Тие нема да ви помогнат да разберете кој ви е дете ниту пак, во каква средина живее кога ќе го напушти домот.
Запомнете го добро следново.
Вашето дете во социјалниот систем на училиштето зазема една од можните улоги: жртва, насилник, помагач, набљудувач.
Не постои петта. Не лажете се дека постои.
Првото прашање што си го поставувате гласи – во која група припаѓа моето дете? Не знаете? Ве советувам да дознаете што поскоро.
Еве, да не зборувам во ветар, имам три деца.
Првото дете – набљудувач.
Второто дете – жртва.
Третото дете – помагач.
Тие претходни три реда – тоа е кусата приказна за паметен толкувач. Третото дете ја виде постарата сестра како жртва. Поради тоа денес е помагач. Да не се случеше тоа искуство – можеби и тоа би било набљудувач. Можеби ни јас ова не би го пишувала.
Прво дознајте кој е вашето дете.
Значи, мантра. Повторувајте во себе се додека не разберете: „јас за своето дете не знам ништо.“
И тоа ќе биде добар почеток за осознавање.
Со децата разговарајте секој ден. Ова никој не ви го кажува толку прецизно. Секој ден.
Секој ден мора да се разговара што им се случило во текот на тој ден. Значи фокусирано – што се случило, како се чувствувале заради тоа. Тоа е дел од она што не го разбирате – фреквенцијата, зачестеноста. Бидејќи нивното време, времето на нивната генерација, тече со сосема друго темпо, неверојатно брзо. Она што ние во нивните години како впечатоци го собиравме за еден месец, тие го собираат за еден ден. Научете ги сето тоа да го истресат врз вас, секој ден. Ќе ве исцрпи тоа, но имајте верба во неопходното. Активно слушајте, поставувајте прашања. Не ској втор, трет ден. Секој ден. Секој ден.
Затоа што за три месеца невнимание ќе го изгубите детето. Не за три години. За три месеца. И верувајте – психолозите за ова учат како и вие, во од.
Тие се денес како заболекари на боиште. Оние меѓу нив коишто тоа не го сфаќаат – не се добар избор да му помогнат на вашето дете. Ако на вашето дете му треба стручна психолошка помош – најдете му психолог кој е доволно паметен да знае колку не знае. Таквиот можеби нешто и ќе помогне, зашто алармите му се вклучени и мозокот му работи. Останатите, кои веруваат во научените вистини – во овој контекст не се ефикасни.
Сфатете дека вашите деца никогаш не се сами со себеси. Во нивниот паметен телефон во секој момент се сите други. Значи, ако вашето дете е жртва – тоа е тоа и додека седи со вас во дневната, а е на некој чет. Ако вашето дете е насилник – важи истото и за него. Можеби понижува некого додека вие мешате салата во кујната. Ако е вашето дете набљудувач – тоа истото го чита, го прима во себе и одлучува да игнорира. Од сите улоги, верувајте ми, само помагачот ќе ви каже што се случува. Бидејќи помагачот е гневен и од него тоа ќе избие. Ќе рече – не можам да верувам, каков кретен, направил тоа и тоа, напишал тоа и тоа… проблемот е што помагачите се малубројни. Тие се најмалата група. Затоа и не знаеме што се случува.
Зошто се малку? Затоа што таа улога во општеството е обезвреднета. Децата ги учиме да бидат набљудувачи и да си ја гледаат својата работа бидејќи и повеќето од нас така тераат низ животот. Помагачите се будали коишто се мешаат. Па сепак, од нив се зависи. Да ги имаше повеќе во социјалниот систем на ОУ „Владислав Рибникар“, до ова можеби немаше да дојде. Зафркната е таа мисла и, опасна, зашто можеби сепак ние сме проблемот.
Решението за нормализација на општеството се крие во одгледувањето на помагачи. Помагачот се одгледува со пример. Да не се лажеме – понекогаш морате и вие да бидете помагач и да му дадете пример на детето. Мора да бидете некому потребното засолниште. Не можете секогаш да си ја гледате само својата работа.
Вие морате активно да креирате содржина којашто во ваште деца ќе гради вредности. Бидејќи денес, под сликата на К.К. децата оставаат имиња на силеџии од домашните серии. Ликови коишто живеат од продажба на дрога, ама животот за тоа не ги казнува.
Не морате тоа да го цензурирате, само мора да ги научите дека сето тоа е едно големо серење, бидејќи таквите содржини не заслужуваат подобар опис. Научете ги децата дека таква содржина пласираат кукавиците. Затоа што тоа е единствената прифатлива квалификација за луѓето коишто стојат зад таквите содржини. Општествени опортунисти – значи кукавици. Нема храброст во препродавање на наркотици и пукање. А особено нема храброст ни интегритет во продукцијата на содржина којашто таквите ликови ги претставува како носители на дејствието, оние коишто ја водат целата акција и се главни, со коишто требада се идентификуваме. Храброст е нешто друго. Научете ги што е.
Тоа значи дека мора да креирате паралелна конкурентска содржина. Од вас се бара сериозно размислување и креативност. Ќе бара ваша жртва – бидејќи ќе треба да се откажете од она што ве интересира или одмора . Верувајте, ќе ви се исплати. И верувајте дека тоа мора да бидете вие, не го може тоа никој друг.
Тоа зависи од вас. Ние седиме со децата и гледаме некој старовремски филм со вистински, полнокрвни херои и борци за правда. Изгледуваме стотина такви филмови. Им ја покажуваме секојпат разликата.
„Чедо, ова се луѓе, а ова се контејнери. Научи да ги разликуваш.“
Вие може да правите со децата нешто друго, не знам, не сум ви во кожата.
Ама направете се за децата на крај да не ви станат контејнери. Не да направите се за да бидат лекари, адвокати, спортисти, бизнисмени, готвачи, актери, автомеханичари, јутјубери, манекени, свештеници, заболекари, ветеринари. Тоа не е вашата задача.
Туку да бидат луѓе. А не контејнери. Тоа ви е доволна задача, не се оптеретувајте во животот со други задачи. Доволно е ете, таа една да ја завршите и мирно да отидете таму каде што сите одиме.
Бидејќи денес е тоа подвиг, а не нешто што се подразбира.
Ај сеа, храбро понатаму, во другиот ден потоа.
(Авторката е родена во 1977 година во Загреб. Филолог, уредник во голема српска издавачка куќа специјализирана за учебници. Приредувач е на два труда за децата од Косово и Метохија, во периодот кога работела на проекти за психо-социјална поддршка на децата од косовско-метохијската енклава.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk