Режисерот оскаровец Стивен Спилберг се закити со уште еден трофеј – награда за животно дело – која му беше врачена во рамките на Берлинскиот филмски фестивал.
Еден ден потоа медиумите ја пофалија неговата решеност да продолжи да снима, без разлика на неговата возраст.
Во говорот по добивањето на „Златната мечка“, Спилберг изјави дека можноста за снимање нови филмови и понатаму го возбудува иако има 76 години.
Режисерот, чии заслуги вклучуваат некои од најуспешните и најомилени дела во историјата на кинематографијата, меѓу кои „Е.Т. вонземјанинот“, „Ајкула“, „Индијана Џонс“ и многу други, штотуку заврши два филма еден по друг: полуавтобиографскиот „Фабелман“ и „Приказната од западната страна“, адаптација на бродвејски мјузикл од 1957 година.
„Што и да беше тоа што ме обзеде како мало дете е истото чувство што го имав сите тие децении подоцна“, им рече тој на новинарите во вторникот.
„Кога ќе најдам книга или сценарио или ќе дојдам до оригинална идеја што мислам дека би направила добар филм: таа возбуда… надминува сè“.
Спилберг сега го финализира сценариото оставено недовршено од својот близок пријател Стенли Кјубрик, кој почина во 1999 година.
„Подготвуваме голема продукција за Ејч-би-о заснована на оригиналното сценарио на Стенли, со наслов „Наполеон“, рече тој. „Лимитирана серија од седум епизоди.“
Спилберг, познат по своите достапни, уверливи филмови, ги советуваше идните филмаџии да почнат со приказна.
„Ако сакате да бидете филмски режисер, пред сè, пишувајте“, рече тој. „Затоа што приказните ќе ја натераат публиката да ви обрне внимание вам, а не кадрите“.