Сутерен.мк

Награда за филмската поетика на Антонио Митрикески

Лауреат на наградата „Астер“ на годинашниот 19. „Астерфест“ е македонскиот режисер и сценарист Антонио Митрикески. Исклучителната филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус на Антонио Митрикески заземаат посебно место во македонската, балканската и во европската кинематографија. Наградата ќе му биде доделена на отворањето на „Астерфест“, на 1 август, во 20.30 часот, во Амфитеатарот во Струмица, а статуетката за наградата „Астер“ специјално ја изработи македонскиот уметник Никола Пијанманов.

– Оваа награда за мене е привилегија поради фактот дека нејзини носители се значајни имиња од светот на филмот, и македонскиот и светскиот. Наедно ја споделувам со сите филмски работници со кои имам работено, кои се еднакво заслужни за оживување на моите краткометражни и играни филмови. Патот за реализирање на едно филмско дело е комплексен, полн со премрежиња низ кои проаѓа еден режисер, филмски автор, но интересно е тоа дека токму таа неизвесност ја дава најголемата мотивација да се изработи филмот најдобро што се може, да се даде сѐ од себе. Како педагог сум сведок на успесите на младите режисери, затоа треба на идните генерации да им се овозможи полесно да дебитираат и да се оценуваат само нивните уметнички вредности, а политиката да нема никакво влијание. Само на таков начин ќе ги задржиме младите и успешните во Македонија – вели по повод добивањето на ова престижно признание Антонио Митриќески.

На 2 август, во хотелот „Горан Пандев“, во 11 часот, ќе се одржи традиционалниот „Астер портрет“ (Тивериополска филмска беседа) за Митрикески, на кој ќе зборува критичарот Стојан Синадинов. Сите филмови на Митрикески се прикажувани на поранешните изданија на „Астерфест“. За оваа пригода, на 4 август вечерта, во Амфитеатарот во Струмица, во соработка со Кинотеката на РС Македонија, за струмичката публика ќе има специјална проекција на долгометражниот игран филм „Преку езерото“ на Митрикески, според сценарио на Ташко Георгиевски и на Митрикески, со Никола Ристановски и Агњешка Вагнер во главните улоги. „Преку езерото“ е филм во кој Константин мечтае по Елена, која е од другата страна на езерото, и се решава на неизвесна авантура, за пат преку езерото во кајче – за да стигне до неа.

Антонио Митрикески дипломира на Државната школа за театар, филм и телевизија во Лоѓ, Полска, во 1987 година. Во 1991 г. го реализира документарниот филм „Љубовта на Кочо Топенчаров“, за кој е награден со „златен медал“ за дебитантски филм на Мартовскиот фестивал за документарен филм во Белград. Во 1997 г. го реализира долгометражниот филм „Преку езерото“ во македонско-полска копродукција. Филмот премиерно беше прикажан на Фестивалот во Монтреал, доби награда од публиката на „Браќа Манаки“ – Битола во 1997 година, а, исто така, учествуваше на голем број фестивали и им е продаден на голем број телевизии во светот.

Во 2003 г. го снима долгометражниот игран филм „Како лош сон“ во македонско-хрватско-англиска копродукција. Филмот ја доживеа светската премиера на Монтреалскиот филмски фестивал. Беше прикажан во официјална конкуренција и доби признание од фестивалот. Во 2011/2012 г. реализира седум документарни филма на темата „Национална борба за ослободување на Македонија“. Во 2013 г. реализира единаесет документарни филма од историјата на Македонија. Во 2014 г. го снима долгометражниот игран филм „Деца на сонцето“ во македонско-српска копродукција. Светската премиера се одржа на 24 септември, во Лондон, во официјална селекција на филмскиот фестивал „Реинденс“. За истиот филм на Македонскиот филмски фестивал во Торонто го добива „златниот медал“ за најдобар игран филм, а на Филмскиот фестивал во Сиднеј, „Денови на македонскиот филм“, ја добива наградата за најдобар режисер. Во 2015/2016 г. реализира четири документарни филма за градот Битола.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *