Наскоро, игран филм за Дарко Панчев

Животната приказна на македонската фудбалска легенда Дарко Панчев наскоро ќе биде преточена на филмското платно. Станува збор за игран филм во кој ќе бидат прикажани сите најинтересни моменти од неговата кариера, но и од животот, неговите лични борби, успеси и падови.

МИА дојде до екслузивни информации дека на режисерското столче ќе застане македонскиот режисер Зоран Петровски, кој живее и работи во соседна Бугарија и кој во изминатите 20 години има работено на познати високобуџетни играни серии и телевизиски реклами, како и на многу меѓународни филмски и телевизиски продукции. Филмското деби на режисерот Петровски, е негов огромен мотив да се претстави со дело кое ќе ја освои пред се Европа и ќе прикаже убава позитивна приказна за нашата најголема фудбалска легенда која го освои светот.

На сценариото ќе работи Ѓорѓе Милиќевиќ, кој по потекло е од Србија, но повеќе од 60 години живее и работи во Њујорк и Лос Анџелес. Изборот Милиќевиќ да го работи сценариото не е случаен имајќи предвид дека тој е еден од сценаристите на една од најпознатите фудбалски стории, филмот „Вицторѕ” (Бегство кон Победа) во кој играат големите филмски имиња како Силвестер Сталоне, Мајкл Кејн, Макс фон Сидоф, но и едно од најголемите фудбалски имиња на сите времиња, Пеле.

Продукцијата „Петровски Брадрс“ веќе има потпишано ексклузивен договор со Дарко Панчев за екранизација на неговата животната сторија на филмското платно.

Оттаму за МИА откриваат дека во текот на подготвителниот период ќе бидат организирани кастинзи и избор на локации на територија на државава, како и во Србија и во Италија, земји во кои Панчев ја градеше својата кариера.

Во моментот во тек се преговори за медиумски партнери и спонзори кои ја препознаваат важноста и големината на проектотот и се подготвени да застанат зад истиот.
Панчев во изјава за МИА оценува дека со филмот не само што ќе биде промовирана државата, туку ќе се испрати и порака дека во оваа држава имало и ќе има луѓе кои заслужуваат внимание.

– Добро е за нашата држава да има еден ваков спортски филм, затоа што тоа ќе биде реклама и за Македонија и порака дека и во оваа држава имало, има и ќе има луѓе кои заслужуваат внимание не само од нашата јавност, туку и од пошироката европска јавност. Во тој контекст, сакам да нагласам дека се работи навистина за една убава идеја, нагласува Панчев.

Панчев е најголемото фудбалско име во поранешна Југославија и во Европа во тоа време, како и најдобар фудбалер кој земјава го имала. Тој е најголемата македонската фудбалска легенда, освојувач на Купот на шампионите и Интерконтиненталниот купи и на Златната Копачка.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *