Сутерен.мк

Наташа Деспотовска Димитриевска: За суровата хронична состојба

• Дијабетесот е заболување со драматичен пораст. Дијабетесот е една од почестите здравствени состојби која се јавува во Република Македонија. Според податоците на IDF (International Diabetes Federation), во Македонија има повеќе од 120 000 лица со дијабетес, од кои околу 600 деца, најголем дел од нив под 10 годишна возраст.

• Децата со дијабетес може и треба да живеат сосема нормален живот како и останатите деца. Но, потребна им е значително поголема поддршка како од родителите така и од наставниците, тренерите, другарчињата… а за поуспешно справување со дијабетесот како и за превенција на итни, акутни, непожелни состојби на многу низок или многу висок крвен шеќер.
Децата со дијабетес се издвоени како посебна група во остварувањето на правото на социјално-здравствената заштита и грижа во Македонија во однос на нивните потреби во заедницата. Дијабетес тип 1 е хронично заболување категоризиран како инвалидитет од прв степен на чија основа се засниваат овие посебни права на нивна социјална заштита.

• Дијабетесот не боли, но акутните и доцни компликации од него (кои за жал речиси и да се неизбежни) можат да бидат драматични, дури и смртоносни и да предизвикаат големи оштетувања и нарушен квалитет на живот.
Според Законот за здравствена заштита, грижата за децата и лицата со дијабетес се заснова врз единството на превентивните, дијагностичко- терапевтските и рехабилитационите мерки и врз начелата на достапност, ефикасност, континуираност, правичност, сеопфатност и обезбедување на квалитетен и сигурен здравствен третман.

• Соодветната, навремена терапија (инсулин) и редовната контрола на крвниот шеќер (со глукометри и сензори) можат значително да ја намалат или забават појавата на компликации од дијабетесот. Овој третман на децата и лицата со дијабетес тип 1 е деноноќен, 24 часа во денот, 365 дена во годината.

Покрај загарантираната здравствена заштита, социјалната надградба и преобразба на децата со дијабетес во личности, исто како и кај сите други дечиња, продолжува не само дома, туку и со нивната посета во социјално – образовните инстиуции: градинките и училиштата. И токму тука уште еднаш ќе ја истакнам препораката на Меѓународната федерација за дијабетес:

1. Инсулинската пумпа не е лек, туку средство кое му помага на детето со дијабетес тип 1 во регулацијата на нивото на шеќер во крвта. Исто, и инсулинските пенкала. Пумпата и пенкалото содржат инсулин, хормон, кој нивниот панкреас не го лачи. Треба да бидете трпеливи додека вашиот ученик или вашето слатко другарче се справува со високите или ниски вредности на шеќерот.

2. Децата со дијабетес можат да носат и посебни апаратчиња (сензори аплицирани на раката, стомакот и читачи) поврзани со мобилен телефон за континуирано следење на нивото на шеќер во крвта. Понекогаш се случува мобилниот телефон да заѕвони со аларм сигнализирајќи високи или ниски вредности на шеќерот во крвта. Не им забележувајте на децата со дијабетес затоа што така може да ги доведете во состојба опасна по нивното здравје. Напротив, пружете им подршка!

3. По некојпат може да се појави потреба децата со дијабетес да мораат да јадат или да се напијат сок за време на час, спорт или додека играат, односно кого нивото на шеќер во крвта паѓа и е ниско. Тоа е случај на итност, затоа што во спротивно можат да изгубат свест и да паднат во кома, а единствен спас во тој случај е итна лекарска или родителска интервенција и инјектирање на глукагон – хормон кој им помага на лицата и децата со дијабетес да се разбудат од хипогликемична кома. Глукагон инјекција поседува секое семејство каде има дете со дијабетес тип 1 и родителите на овие деца знаат како да ја аплицираат за да му укажат прва помош на своето дете. Треба да се покаже интерес и да се научи неналожено како тоа се прави. Аплицирањето глукагон спасува живот.

4. Децата со дијабетес во инцидентни случаи кога нивото на шеќер е многу високо или ниско може да не разговараат со Вас или да не ве разбираат што им зборуваат. Имајте разбирање, бидете трпеливи, помогнете им. Доколку приметите дека детето со дијабетес или вашиот ученик со дијабетес не ви посветува внимание или чудно се однесува, проверете му го нивото на шеќер во крвта или доколку има апаратче за континуирано следење на нивото на шеќер, видете на читачот или на неговиот телефон кои се вредностите. Може детето запаѓа во хипогликемија (има низок шеќер во крвта) или нивото на крвен шеќер е многу зголемено.

5. Кога ќе ви кажат дека чувствуваат симптоми на низок шеќер (бледило, ладно потење, малаксалост, несвестица), не ги оставајте сами, не ги праќајте надвор или кај педагогот. Во тие моменти им треба целото ваше внимание, зошто можат да изгубат свест. Кога се на училиште и кога имаат низок шеќер, не им замерувајте на децата што неможат да бидат концентрирани на часот или да го завршат тестот. Почекајте додека не го стабилизираат нивото на шеќер во крвта.

6. Кога детето, ученикот има високо ниво на шеќер во крвта, мора често да оди до тоалет и меѓу другото покажува жед и потреба да пие многу вода, како и знаци на нервозно, раздразливо однесување.

7. Ако детето не ве слуша добро или не ги следи вашите инструкции, треба да му помогнете. Немојте да помислите дека тоа несоработување со вас во одредени моменти е дрскост од негова страна. Можеби само неговата концетрација е намалена поради осцилациите на вредностите на шеќерот во крвта.

8. Во некои денови шеќерот во крвта знае силно да варира и детето се чувствува раздразливно, грозно. Тоа чувство е слично како, кога некој има грип или е под дејство на алкохол, затоа имајте разбирање и бидете трпеливи со децата со дијабетес.

9. Не го именувајте вашето другарче или ученик – “шеќераш“ или “дијабетичар“. Тоа е навредливо – тие се едноставно деца – деца со дијабетес. А дијабетесот денес се смета за состојба со која најнормално се живее. Ако правилно се контролира, ако му дадете подршка на детето, ако не му ја рушите самодовербата на која родителите и медицинскиот тим кој се грижи за неговото здравје деноноќно работат, дијабетесот е состојба и со неа децата можат нормално да живеат.

10. Децата со дијабетес имаат особено дисциплинирани правила и принципи на живот: редовно следење на нивото на шеќер во крвта, редовно земање на оброците и ужините, неколку пати дневно инјектирање на инсулин и корекции на дозите. Токму затоа, соработката со овие деца е нужна и неопходна како за нив така и за кругот во кој тие живеат, учат, се социјализираат, воспитуваат и образуваат. Само преку еден таков коректен однос кон нив и состојбата со која што живеат – дијабетесот, нивниот живот, престојот во институциите и активностите во кои се вклучуваат ќе бидат олеснети, односно ќе заземат потполно нормален тек, а ист како и за сите останати деца.

(Авторката е претседателка на БАЛАНС МК – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *