Сутерен.мк

Најсекси македонска актерка е Неда Арнериќ

Новинарскиот ниет да ја подотвориме темата дали Македонија има женски, актерски секс-симбол и доколку го има, кој е тој, се покажа поприлично неуспешен, затоа што прашаните или не можеа да си приспомнат на име од филмот и театарот, кое би можело да го понесе тој епитет, или пак, имаа „оправдување“ дека ете, доколку издвојат некого, ќе се налутат другите!? На крајот од „проверувањето“ на вкусовите на домашната публика во ова мало истражување остана поразителниот и неофицијален факт дека единствената секс-икона во Македонија е Србинката, Неда Арнериќ!
Со ова се согласува и сценаристот, писател и новинар, Томислав Османли, кој вели:

  • За жал, да – Арнериќ е онаа која беше најсекси појава во македонскиот филм. Ако се вратиме наназад, ќе видиме дека и темата на еротиката во македонскиот филм трпи свои историско – политички влијанија. Под напливот на револуционерниот ентузијазам и строг морализам, најпрво се појавија чедните „Фросина“ и „Мис Стон“, а во 60-тите години се отвори темата на љубовта и со „Мирно лето“ започна една романтична епоха, во која сите се двојки, кои на крајот се ќердосуваат. Во „третата фаза“ на оваа многу куса ретроспектива, се појавија филмовите „Време без војна“, „Татко“, „Жед“ и „Истрел“ со кои се внесе сексуалноста во македонската кинематографија за на крајот да кулминира со „Сенки“ на Милчо Манчевски, каде што видовме една ослободена страсна еротичност.
    Интересно е, според Османли, тоа што во Македонија не само што недостасува еротски женски симбол туку воопшто, недостасува и „женски филм“ и „женски јунак“, а наспроти ова, имаме многу „мачо филмови“ како „Црно семе“, „Најдолгиот пат“, „Оловна бригада“… Морализмот и идеолошките модели на социјализмот си го направија своето. Меѓутоа, во екс ЈУ филмовите, сепак, се случија сцени на силна сексуалност, како на пример, во „Црвено класје“ или „Случајот на службеничката на ПТТ“. Ние останавме некако, срамежливи на тоа поле, а потенцијали секако дека имаше во една Мери Бошкова, Љупка Џундева, Мајда Тушар… Мора да се каже дел од „вината“ за ваквата празнина во нашиот филм сносат и самите актерки, кои (од оние со кои сум работел, исклучок е само Катерина Коцевска) му робуваа(т) на малограѓанскиот лажен морал, а притоа избрале да бидат актерки!? Ете, оваа тема е убав предизвик за идните генерации – да се создаде македонска филмска еротска ѕвезда, а едно од имињата на кои може да се типува е Верица Недеска, која имаше одлична улога во филмот „Караула“ и во еден бугарски филм каде што игра нема жена, потенцира нашиот соговорник.

Пропусти

Името на актерката Мери Бошкова е и најфреквентното кога се спомнува еротиката во нашето глумиште. Новинарот на „Форум“, Стојан Синадинов, вели дека кога се снимал првиот македонски игран филм „Фросина“, неговата протагонистка Мери Бошкова била млада, јадра, убава… За жал, и дале улога на жена-Македонка чие душевно и физичко пропаѓање е еквивалент на пасијата на мајката Македонија.

  • Неколку години потоа Рули Османли ја потсоблече Мами (во пред софијалореновска форма во „Мирно лето“), а многу подоцна и во „Ангели на отпад“, па севкупно, Мери во тој брижитбардовски костум – трико и мрежести хулахопки – ни се виде како првата пропуштена шанса за – зошто да не!? – автентична македонска старлета. Која, патем, и знае да глуми. Оттогаш, па сж до пред некоја година, во домашната кинематографија едно од дежурните теми врзани за, повторно, „националната“ автентичност (ако во уметноста, посебно филмска, воопшто може да постои категорија „автентичност“) беше проблемот со сексапилноста на македонските актерки. Површниот хронолошки поглед го исфрла увозот на актерки од тогашните федеративни југословенски републики, божем наменети за тие, хм, специјални теми. Но, истата методологија ќе каже дека и за еден црногорски или босански филм, на пример, била потребна таква увозна активност. Од друга страна, пак, за каква посакувана сексапиност станува збор кога Мами и најдобро помина: неа ја малтретираа со шминката – за да изгледа постаро и поизмачено – а другите ги силуваа или убиваа. Најчесто и двете операции. Меѓутоа, тоа беше тренд во ЈУ-филмот воопшто: кога пред добри петнаесет години имав прилика да разговарам со Мира Фурлан и Мирјана Карановиќ токму на оваа тема, и двете тогашни водечки ѕвезди се согласија дека ги третираат како (сексуална) стока. Третиот аспект, пак, ќе каже дека во релативно висококонзервативната детерминираност на домашната јавност, ретко која актерка се обидувала да пледира кон некаква секс-аура во сопствената кариера. Добро, можеби ќе добиела и пулска „Арена“, ама не оди со презирот на сограѓанките во редот за леб во „Жито лукс“. Оттаму, кога и имало обиди – ако не ги сметаме тука филмовите по 2000-та – тие завршувале како парафраза на еден поп-роман на загрепчанецот Звонимир Мајдак:„Пази, така што да останам невина“, потенцира Синадинов.

На крајот, сепак, колку и да изгледа сиромашна нашата сцена за ликови како Марлен Дитрих, Елизабет Тејлор или Рита Хејворт, кај проследувачите на сценската уметност ќе останат забележани обидите одредени актерки да ја изнесат својата еротика пред публиката, односно одглумат преку филмот и театарот (покрај веќе спомнатите Бошкова, Џундева и Тушар) како Анче Џамбазова, Снежана Стамеска, Силвија Стојановска, Бедија Беговска, Лилјана Георгиева или од помладите Билјана Танески, Ѕвезда Ангеловска, Јелена Жугиќ, Николина Кујача, давајќи до знаење дека на оваа почва имало и има надежи за „автентична“ македонска вамп-актерка.

Д-р Кирил Темков, професор:
Најубави жени се актерките

  • Жената е чудесна во визуелните и претставувачките уметности. Тоа е суштество кое привлекува погледи, се допаѓа, чија појава радува. Камерата ја сака жената – и на фотографиите, и на видеомедиумот жените се поубавиот, попријатниот, вистинскиот дел. Тоа е сигурно поврзано со особеноста на аурата, ликовната обвивка околу ликот, кого го „сакаат” објективот и забележувачката трака. Таквата аура е суштествена за битието на жената.
    Аурата е секако поврзана со актерките. Можеби на улица не би ја препознале некоја прочуена женска актерка или би ви изгледала некако пообично, но низ окото на камерата актерките проблеснуваат, небаре го зеле сјајот од небото (затоа тоа се вика „аура”). Исто така е и на сцената, кога излегуваат сж засијува. Актерките и така се најубавите жени, зашто играат жени, поубавиот дел од човечкиот род. Во нив е насобрана личотијата, сјајот, визуелниот квалитет на најголемата убост што може да ја даде човечкото суштество. Сега дури сж повеќе ги ангажираат актерките да играат и детективи итн., за да го смекнат и украсат криминалниот филм. Всушност, филмот е убава уметност затоа што актерките, повторувам и истакнувам, се најличните жени, визуелната радост на светот.

Владимир Ангеловски, актер
Незаборавна е Иванка Зенделска

  • Имаме многу убави актерки, но треба да се признае дека оддамна, барем не на театарската сцена не се појавила некоја што жестоко ќе тропне како женски сексапил од типот на Јелена Жугиќ, на пример, во претставата „Умри машки“. Сега е време на „чудни“ текстови каде повеќе се обрнува внимание на вулгарното и се извртува убавината.
    Од минатите, многу поинакви времиња во секој поглед, ќе остане запаметена Иванка Зенделска во „Дундо Марое“, која долги години беше поим за привлечна жена. Ја паметам и Лиле Георгиева во „Адам и Ева“, но секако и елегантните Нада Гешовска, Милица Стојановска и Тодорка Кондовска.
    Последниот филм на Милчо Манчевски исфрли две преубави и секси лица како Филарета Атанасова и Весна Станоевска. Многу љубов, мерак и убавина има околу нас, ама, за жал, ние старееме…

Владо Јовановски, актер
Јелена Жугиќ е ммммм…

  • За да биде една актерка прогласена за еротски симбол е потребно и кога ќе го мрдне малото прсте, од тоа движење да зрачи сексапил. Жена од таков ков за мене е Ѕвезда Ангеловска, која „по пат ојт и секое трнче го возбудвит“. За Јелена Жугиќ ќе речам само – мммм…. Глобално, пак, најсекси Македонка е Моника Белучи, која ја играше Клеопатра и токму затоа не треба чудење што е на мојот список.

Мето Јовановски, актер
Воспитаноста е секси

  • Моите колешки ги доживувам како партнерки, а не како секси-девојки. За мене, привлечна е воспитаноста, шармот, пријатните разговори. Такви актерки има повеќе и не би можел да ги именувам сите. Меѓутоа ете, кога веќе инсистирате и само затоа што е Нова година ќе ја издвојам во оваа прилика колешката од Македонскиот народен театар, Сашка Димитровска.

Бајруш Мјаку, актер
Неблагодарна задача

  • Ми давате неблагодарна задача да ги селектирам колешките по сексапилот и не можам да ви одговорам на тоа прашање. Тие мене ми се партнерки, соработници, пријатели… Она што можам да кажам е дека минатата година особен впечаток ми оставија улогите на Сабина Ајрула во „Сенки“ и Теута Ајдини-Јегени во филмот „Татковите книги“, работен според романот на Луан Старова, а по сценарио и режија на Русомир Богдановски.

Бранка Д. Најдовска

„Глобус“, 2008 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *