Фудбалската репрезентација на Сан Марино очекувано ги загуби сите 10 меча во квалификациите за пласман на Европското првенство, кое следната година ќе се игра во Германија. Со овој биланс од 10 порази, Сан Марино само го потврди епитетот за најслаба селекција не само во Европа, туку и во светски рамки, барем според рејтингот на ФИФА. Сан Марино е на последната 206-та позиција во планетарни рамки.
И покрај сите загубени дуели, Сан Марино во овие кквалификации испиша историски успех. На синоќешниот дуел на домашен терен, Сан Марино со 1:2 загуби од Финска, а голот за домашниот состав беше постигнат од пенал буквално во последната секунда од мечот.
Сан Марино со тој гол направи историска низа на постигнување гол на три меча по ред, нешто што никогаш претходно не им успеало. Претходно ги тресеа противничките мрежи и во дуелите против Данска и Казахстан.
По постигнувањето на голот синоќа против Финска, судијата веднаш означи и крај на средбата, а фудбалерите на Сан Марино се радуваа како тие да победија.
Сан Марино во својата историја има одиграно вкупно 194 натпревари и има само една победа, и тоа во 2004 година против Лихтенштајн со 1:0 во пријателски меч. Оваа селекција нема пораз само на осум меча, а за паметење им е ремито без голови против Турција во 1993 година.