Фотографот Кристофер Паеткау ја освои главната награда на второто издание на Натпреварот за најдобра фотографија од природата со својата импресивна фотографија од поларна мечка која се одмара во поле со раскошни цветови на огнено цвеќе.
– Со својата боја, композиција и длабока порака, фотографијата на Кристофер Паеткау го отелотворува суштинското значење на природата и фотографијата. Таа е потсетник на безбројните причини поради кои мораме да ја цениме и штитиме нашата планета – изјавија организаторите на натпреварот.
Паеткау го опишува својот победнички кадар како редок момент на среќа и спокојство, но и како потсетник дека арктичката природа мора да биде почитувана и зачувана.
– Величествена поларна мечка лежи во море од цвеќиња. Сцената беше нереална. Златните тонови на изгрејсонцето се мешаа со живописните цветови, создавајќи спектакуларна заднина додека мечката ловеше арктички риби меѓу карпите. По успешниот лов и утринскиот оброк, мечката се смести меѓу цветовите за да одмори. Ова минливо искуство беше моќен потсетник за суровата магија и спокојството на Арктикот – објаснува фотографот.
Освен победничката фотографија на Паеткау, Томас Виџајан е прогласен за фотограф на годината поради неговата извонредна способност да ја долови природната убавина на дивиот свет.
„Императорски шпион“ е победничката фотографија на Томас Виџајан. На фотографијата се гледа возрасен пингвин кој љубопитно гледа низ објективот на фотоапаратот поставен на статив во снежна пустина, додека мало пингвинче стои покрај него, набљудувајќи ја сцената.
Како дел од наградата, Виџајан ќе може да избере локација каде што ќе бидат засадени речиси 500 дрвја во соработка со организацијата „Уан три плентед“.
– Оваа иницијатива ја одразува посветеноста на натпреварот не само во прикажувањето на природната убавина, туку и во преземањето конкретни чекори за нејзина заштита – објаснуваат организаторите.
Покрај главните награди, натпреварот избра победници во 10 категории:
Природен пејзаж
Див свет
Макрофотографија
Подводна фотографија
Птици
Растителен свет
Ноќен свет
Еколошко влијание
Споделување на планетата
Забавна природа