Велигден е празник кој што го слават христијаните како сеќавање на Исусовото воскреснување, откога Христос бил распнат на крст. Иако овој голем христијански празник има своја сеопшта традиција на славење, сепак, некои култури и народи низ светот си имаат создадено свои уникатни велигденски традиции.
Во Франција, родителите им кажуваат на своите деца дека велигденските јајца доаѓаат од велигденските ѕвона. Црквите низ цела Франција ги оставаат тивки сите ѕвона од понеделник до четврток и ги ѕвонат повторно на утрото на Велигден. Како начин за објаснување на „тишината на ѕвоната“, Французите велат дека ѕвоната одлетуваат до Рим да се сретнат со Папата и потоа се враќаат во Франција за Велигден, притоа донесувајќи обоени јајца и чоколади.
Чешка има една од најневообичаените велигденски традиции во светот. Чесите го нарекуваат Велигденскиот понеделник „камшикувачки понеделник“, бидејќи на тој ден традиција е момчињата да ги „тепаат“ девојките со една плетена гранка од врба која ја нарекуваат „помлазк“.
Овој обичај е симболичен и се верува дека гранчињата ќе им дадат на оние кои што се удирани долга младост и благосостојба. За да ја покажат својата благодарност, девојките им подаруваат велигденски јајца на момчињата кои ги „тепале“.
Велигденскиот зајак доживеа огромна популарност, а неговото потекло е од Германија, каде почнала приказната за зајакот кој несе јајца. Во Швајцарија, магичниот зајак кој несе јајца не е толку популарен. Велигденската кукавица е онаа која, според Швајцарците, ги носи шарените велигденски јајца.
„Билби“ е популарна чоколадна маскота на зајак во Австралија, која таму ја обожуваат, но да ја кршат, наспроти европската традиција каде велигденското зајаче е едно од најубавите и најдрагите симболи на Велигден.
Најкрвавото место за време на Велигден се Филипините. Таму е обичај да се камшикуваат и да се распнуваат на крст, за да се потсетат на страдањата на Исус.
Велигденската недела во Шпанија изгледа како на состанок на Кју-клукс клановите. Чудно облечени луѓе, со качулки на главите, шетаат по улиците за останатите да ги потсетат на смртта и воскреснувањето на Исус. „Танцот на смртта“, како што Шпанците го нарекуваат овој ритуал, почнува на полноќ, а завршува во три часот изутрина со застрашувачки скелети кои во кутии носат пепел.
Словаците на Велигденскиот понеделник сакаат жените да ги полеваат со канти вода, а овој обичај го нарекуваат „Обилевачка“. Се верува дека откако ќе бидат полеани со вода, девојките ќе останат свежи во текот на целата година.
Ние ги јадеме Велигденските јајца, а Англичаните ги тркалаат. Натпреварот се состои во тркалање на јајца надолу по големи ридови. Оној чие јајце ќе се истркала најдалеку или, пак, нема да се скрши при тркалањето, победува.
Кршењето со црвени јајца е само една од традициите за Велигден, но некои култури и народи низ светот дури и претеруваат со својата уникатност на прославување на овој голем верски празник.