Сутерен.мк

На просечно семејство му требаат илјада евра за да го преживее месецот

За еден месец вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 641 или за нешто повеќе од 10 евра. Од декемвриските 56.222 денари (913 евра), во расте до 57.163 денари (близу 930 евра).

Но, доколку просечното четиричлено семејство живее во изнајмен стан од 60 квадрати, тогаш кошницата е со тежина од 72.538 денари (1.178 евра). Тоа, пак, е 566 денари повеќе споредено со декември 2023, кога изнесуваше 71.972 денари (1.169 евра), покажуваат пресметките на Сојузот на синдикатите.

И понатаму од вкупниот износ на кошницата, најголемото зафаќање од 36,7 отсто е за храна и пијалаци. Само за тие најосновни потреби се неопходни 21.007 денари. За облека и обувки отпаѓаат 8,4 отсто, односно 4.803 денари.

На станарина, вода, електрична енергија и греење 6.014 денари (10,5 проценти), на лична хигиена и одржување хигиена во домот 1.797 денари (3,1 отсто), на здравје 1.115 денари (2 проценти), на транспорт 4.759 денари (8,3 отсто), на комуникации 2.709 денари (4,7 проценти), на рекреација и култура 4.205 денари (7,4 отсто), на образование 7.022 денари (12,3 проценти), на ресторани и хотели 3.733 денари (6,5 отсто) и на останати стоки и услуги 950 денари или 1,7 проценти, покажуваат синдикалните математики.

Трошоците одамна се над примањата. Само за потсетување, просечната плата со состојба од октомври 2023, за кога се однесува последниот статистички податок, е 38.843 денари (631 евро). Што значи потребна е скоро една и пол просечна плата за да се врзе месечната кошница, под услов да се има сопствено живеалиште. Со минималната плата од 20.175 и просечната пензија од 20.208 денари, работата е уште потешка. Затоа што треба да се располага со близу три вакви примања за да се покријат оние најосновите потреби. Оттаму, најавените 22.500 денари на име минималец, кои ќе дојдат по мартовското усогласување, не влеваат особен оптимизам. Потребни се многу поголеми пари за скромен живот.

Инаку, од минатиот месец ССМ ги прави пресметките според новата методологија за утврдување на минималната синдикална кошница. Сега во структурата се содржани 11 ставки. Како што најавија синдикалците, тоа ќе биде основата врз која ќе се залагаат за повисоки плати на вработените.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *