Книгата „На север од егејскиот свет“ од Драги Митревски, во издание на „Македоника литера“,
претставува сублимат на досегашните научни сознанија од истражувањата на авторот за бронзеното и железното време на територијата непосредно на север од Егејското Море, од јадранскиот брег во Албанија до Црното Море во Бугарија. Таа е една целосно заокружена слика за културниот развиток на заедниците од таа територија, до нивното организирање во првите антички држави.
Книгата е базирана на севкупните досегашни археолошки откритија од териториите на денешните модерни држави на тој простор, обединувајќи ги на едно место во цврсто документирана научна целина, која преставува драгоцен прилог за балканската археологија и културна историја. Таа е плод на тридецениското проучување и документирање на сите археолошки податоци што произлегуваат од теренските истражувања на локалитетите од бронзеното и железното време на територијата на целата т.н. среднобалканска зона.
Книгата е илустрирана со стотина фотографии.
Д-р Драги Митревски е редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје – Институт за археологија. Ги предава предметите Праисториска археологија, Протоисториска археологија и Методологија на археолошките истражувања. Автор е на десет книги – монографии и 80 трудови публикувани во различни домашни и странски стручни списанија.