Со 16 минути молк и со светлата на телефоните во рацете, транспаренти со моќни пораки, црни балони пуштени кон небото… илјадници скопјани беа на плоштадот во Скопје, на собирот организиран во чест на жртвите од трагедијата во Кочани.
Пораките што ги испратија некои граѓани беа тоа што се случи во Кочани никогаш да не се повтори. Собирот беше мирен и без говори.
Студенти и денеска се собраа и во неколку градови, во знак на молитва и почит на загинатите и желба за брзо опоравување на повредените.
Во Скопје, во кампусот на техничките факултети, во тишина и седумминутен молк, палеа свеќи и оставаа цвеќе.
На истиот начин, студенти од битолскиот универзитет, заедно со своите професори и ректорската управа, оддадоа почит со цвеќиња и свеќи пред споменикот на „Св. Климент Охридски“ сместен во дворот на Ректоратот во Битола.
Мирен собир на средношколци од четирите средни училишта се одржа и во Охрид. Учениците мирно маршираа, движејќи се низ улиците на градот, до градскиот плоштад каде тивко и достоинствено палеа свеќи и положуваа цвеќе.
„Во секоја ѕвезда ќе ве бараме, во секој сон ќе ве чуваме“ беа дел од транспарентите кои го носеа учениците кои многу емотивно зборуваа за оваа страшна трагедија.