Сутерен.мк

Невозможна сопруга

Честопати кога доаѓам дома ја наоѓам жена ми незадоволна. Се е нешто подналутена, напната. Секако ме интересира што е причината за тоа и ја прашувам. Прво само ќе одмавне со главата и ќе рече дека не е ништо, а кога повторно ќе ја потпрашам за да ми каже, да и биде полесно, наеднаш добивам рафали од гнев и лутина. Излегува дека јас само се преправам дека ми е важно како се чувствува таа, дека глумам некаков си загрижен маж, дека да сум сакал да и биде полесно би и помагал повеќе дома, би бил повеќе окупиран со децата, не би се шлаел наоколу без врска… Тоа преминува во таква кавга односно обвинувања што не знам ни што да речам, ни како да се однесувам! Во брак сум десет години.

Андреј, 42, Скопје

Андреј дарлинг, своевремено еден Карпман забележал дека луѓето постојано повторуваат одредени игри. Односно, дијалози од ваков тип кога двајца (или повеќе) превземаат три основни улоги – Спасител, Жртва и Прогонувач. Пред да влезете дома вашата сопруга имала сосема друг израз на лицето, кога ќе ве чуе како доаѓате „мести“ тажна фаца т.е. жртва, која во очекување е на својот спасител. Вие ја прифаќате ролјата, но доаѓа до пресврт – влегува на сцената третата улога. Жената од жртва станува прогонувач и со задоволство ќе ве нападне дека не сте завршиле дел од домашните обврски, бидејќи казна секако сте заслужиле! Од друга страна, вие не чувствувате никаква одговорност поради тоа зошто ваква аспида всушност, не ни заслужува помош, нели!? Така, привидно сите си го добиваат заслуженото и тоа се повторува до недоглед.
Некои психолози тврдат дека ваквите игри и промена на ликовите се во суштина бегство од интимата, разбирањето и покажувањето на сопствените потреби. Партнерите кои низ годините се отуѓиле и одалечиле стануваат зависни од овој вид конверзација и постапки и само се залажуваат дека функционираат како двојка. Тоа е привидна љубов, лажна блискост и така натаму. (За повеќе, ќе треба да му се обратите на некој постручен…)
Има нешто битно во релациите: личноста зависна од „игриве“ за своето незадоволство го обвинува партнерот, додека оној кој навистина има љубов во себе тоа не го прави. Вториов е свесен дека за својата среќа е сам одговорен и дека таа зависи од него, а не од некој друг.
На крај, ова вашево би им дошло потаман на шовинистите, кои претпоставувам задоволно би повториле – немој никогаш да прашуваш жена што и е…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *