Сутерен.мк

Неда Арнериќ: Големата жал на нимфата

Што си вели во огледалото? Што мисли за соблекувањето пред камерите? Што сонува? За што најмногу жали, а на што се надева? Прашања за една од најпознатите актерки од поранешните ЈУ – простори

Посебно претставување за Неда Арнериќ, се чини, не е потребно. Сепак, за оние помладите: се работи за актерка која на филмот ќе дебитира на дванаесет – тринаесет години (во „Сон“ на Пуриша Ѓорѓевиќ во 1966 година). Со своите улоги – пред и по завршувањето на Академијата за театар, филм и телевизија – во тогашните југословенски филмови (како „Утро“, „Го познавате ли Павле Плеш?“, „кој тоа таму пее?“…), во странските („Хамсин“, „Малку, многу, страсно“, „Пакост“…), македонските („Исправи се Делфина“, „Истрел“, „Колнати сме, Ирина“…), но и со својот шарм, ќе стане своевиден секс симбол, нимфа на југословенскиот филм. Денес се уште е слободен уметник и се уште ја има в театар, на филм. Средбата со оваа топла и емотивна дама ни беше во Битола, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Неда Арнериќ таму беше гостинка, а таа вели: „Јас сум си дома!“

  • Најнапред, како се чувствувате?
  • Одлично. Најмногу поради тоа што сум пак, иако во Македонија доаѓам почесто, меѓу своите Македонци.
  • Што работите во моментов во Белград?
  • Работам една претстава, каде актер сум само јас…
  • Порано велевте дека не ги сакате монодрамите…?
  • Да, затоа што кај нас тој збор – монодрама – е профаниран. Кога ќе се рече монодрама, веднаш се мисли дека тој актер ќе застане на сцена и само ќе зборува. Во овој случај се работи за претстава – намерно велам претстава, затоа што токму тоа и е – за текст на Видосав Стевановиќ, текст што мене ми е многу важен. Тоа воопшто не е монодрама, тоа е баш претстава! Стевановиќ го напишал во 1993 година, кога беше за сите нас многу тешко, а текстот е многу поетичен и бајковит. Се работи за една жена која не може да се снајде во таа ситуација што не затече одеднаш и која лута под париската земја, низ метроата – тоа е нели, условно и метафорично речено – барајќи ја својата земја и своите пријатели, момчето, братот… кои најверојатно не се преживеани или се некаде далеку. Многу ми е битно таа претстава да ги обиколи поранешните југословенски простори и сите далечни земји каде што заминаа нашите луѓе, зашто претставата им е наменета токму ним. Многу би сакала да ја видат и овде во Македонија. Премиерата е на 17 октомври во „Ателје 212“ во Белград и се надевам дека таа ќе успее, зашто работеше една млада екипа. За нив тоа е многу биитно, но, се разбира, и за мене. Мислам дека направивме добра претстава, иако постоеше една опасност, јас премногу да се идентификувам со ликот, зашто… Текстот ме погоди лично, сочувствувам со таа жена и јас самата бев во слична ситуација, но со помош на режисерот успеав да ја воспоставам потребната дистанца. А, помогна и тоа што текстот е наменет за помлада личност, па така…
  • Се чувствувате стара…?
  • Јас сум во срцето и душата млада, но телото остарело. Малку и сум уморна, а се ова што не снајде, си остава забележливи последици.
  • Работите ли нешто на филм?  
  • Завршив еден прекрасен филм, т.е., како што јас викам, една еколошка мелодрама, што нема врска со дневните настани туку зборува за универзални работи. Приказната е за девојче болно од леукемија и на кое, веројатно, единствениот спас му е во контактот со чиста природа. Филмот, што моментно е во монтажа, го работеше Петар Лаловиќ, кој е вистински вљубеник во природата. Уште еден филм што го работев „Првата љубов на Ана Морава“ е посветен на екологијата. Некако сум „еколошки“ ангажирана, а и добро е што е така. Нека здивнат малку луѓето од политика. И во двата филма главните улоги ги играат девојќиња, а јас сум нивната мајка. Играм постојано некои мами, но добро е што сепак, играм мајка на 12 – годишни девојчиња, а не постари (се смее, нов. Заб.).
  • Минатата зима бевте присутна и на политичката сцена во Србија…
  • Пробав да се занимавам со политика, ме повлекоа емоциите… но сфатив дека за емоции нема место во политиката. Тоа беше време на оние наши превирања, за време на зимските демонстрации и протести кога се обидов да исправам „криви – дрини“, да му објаснувам на народот дека живее во едно општество што треба да се менува, дека земјата ни пропаѓа… општо познати работи, но сметав дека и јас треба да ги кажам. Мислев дека е правилно и дека треба да застанам пред народот, па бев многу ангажирана зимоска: ги обиколував градовите, држев говори и тоа секогаш „од глава“. Не знаев дека сум способна да им се обраќам на илјадници луѓе и да стојам зад тоа што ќе го кажам. Потоа сфатив дека можеби само добро им послужив на некои политички кампањи, а дека на крајот останав пак, сама. Така, со политиката завршив.
  • Не ве повлече тоа „обраќање на масите“, желбата за власт, тоа што ве слушаат…?
  • Не! Не, зашто сфатив дека на крајот ќе биде како што некои „големи“ политичари, којзнае каде во светот, ќе решат да биде. Дека е се изманипулирано и однапред испланирано, така што… Треба се во животот да се проба, ама таа работа – повеќе никогаш не би! Не дека жалам, напротив! Не жалам за ништо за што сум постапила по својата совест и емоција. А, мене совеста и емоциите тогаш така ми налагаа.
  • Долги години сте слободен уметник што на овие простори и не е баш насреќниот статус. Како се снаоѓате?
  • Да, јас сум една од ретките кои се слободни уметници, веќе повеќе од 30 години. Многу е тешко кај нас да се биде актер, а да не се биде „врзан“ за ниеден театар, но мене ме следи среќата, па така доволно сум ангажирана. Понекогаш ми е жал што некаде не се „засолнив“, ама вака пак, знам дека кога работам – работам зашто некој ме сака токму мене и работам она што го сакам, а не поради тоа што сум на некаков платен список. Тешко е многу, ама вака сум поспокојна.
  • Веќе подолго време се најавува „Исправи се Делфина – 2“, но со новиот наслов „Сон на дланка“, каде што вие повторно би ја играле главната улога. Реализацијата на филмот се уште е во неизвесност, но сепак, што мислите за тој проект?
  • Причина плус за моето добро расположение е и тоа што се надевам на тој филм. Како што би рекла Десанка Максимовиќ „се е убаво додека се чека“. Се надевам дека ќе дојде до негова реализација, зашто своевремено „Исправи се Делфина“ ја прослави Македонија и чинам е воопшто, еден од најкомерцијалните филмови. Сигурна сум дека „Сон на дланка“ ќе го направи истото. Дотолку повеќе што тоа не е филм за Делфина, тоа е филм за сите нас, кои како и таа, на крајот од „Исправи се Делфина“, заминавме некаде со авто – стоп и ни се случија многу работи, и добри и лоши. Се надевам дека луѓето кои решаваат за македонската кинематографија и култура ќе му излезат во пресрет на овој проект. На крајот на краиштата, бидејќи локациите се во Охрид, тоа е и одлична реклама за Македонија и туризмот. Премногу сакам да го направиме „Сон на дланка“, да се собереме повторно сите заедно овде и повторно да направиме добар филм.
  • Практиката покажува дека продолженијата или римејкот на некој филм, ретко го повторуваат успехот…
  • Точно е тоа, но ова ќе биде сосема нов филм. Јас инсистирам и на тоа дури ни во пропагандниот материјал „Сон на дланка“ да не се поврзува со „Исправи се Делфина“. Екипата и актерите се речиси истите, меѓутоа тоа е сосема независно сценарио, независна, нова приказна што егзистира сама за себе. Инспирацијата, се разбира дека е од „Делфина“, но тоа е сосема нов филм, а никако продолжеток или римејк. Нешто сосема различно од она пред 20 години.
  • Колку се променивте вие за овие 20 години?
  • Не сум многу променета, освен што… што знам… Со текот на годините станав посигурна, добив самодоверба што тогаш ми недостасуваше. Камерата сега за мене е еден предмет без тајни, на театарските штици станав поцврста. Не дека се фалам, ама кога веќе ме прашувате!? ( се смее, нов. Заб.) Веќе не ме ангажираат само затоа што имам сини очи, талентот во овие години доаѓа до израз и се потпирам на него. Како личност во душата останав иста, но сега сум попретпазлива. Отприлика ми е се јасно однапред – иако е тоа малку тажно – но тоа го носат годините, што е нормално. Мене ми е криво што немам деца на кои би можела да им го пренесам своето искуство, да ги насочувам на вистинскиот начин, зашто мислам дека имам доволно да им кажам со оглед на тоа што многу рано почнав да се занимавам со оваа работа која многу влијае врз приватниот живот и врз личноста. За среќа, имав родители кои многу ми помогнаа, со многу љубов и разбирање, да опстанам во тој свет на возрасните, во тој свет на „змејови“. Мислам дека луѓе кои поседуваат огромно животно искуство, треба да имаат на кого тоа да го пренесат, да го подарат тоа на некое младо чедо, дека треба да имаат свои деца. Тоа ми е најголемата промена, присутноста на таа жал, што јас немам кому, што немам свои деца.
  • Што би им порачале на помладите колеги, особено на оние кои сега почнуваат?
  • Нека им е Бог напомош! Со глума, сепак е полесно да се занимава човек во поголемите земји, каде што има „милион“ театри, каде што годишно се снимаат десетици филмови. Се плашам дека овде секоја година академиите „произведуваат“ толпа на несреќници, бидејќи актери има многу, а работа многу малку. Мал е просторот! Претпоставувам дека и овде е исто. Тие млади луѓе дипломираат и се надеваат дека ќе успеат во кариерата, а работа нема за сите. Потоа се разочаруваат и стануваат како што велам, несреќници. Многу пати се случува, кога сте млад и неискусен, да добиете некоја улога што ќе го сврти вниманието на вас, па ќе станете некаква ѕвезда и тука е опасноста: ќе се занесете, изгубите, мислите дека сте го допреле небото и тогаш, наеднаш – трас! Ќе се најдете залепен за земјата. Тоа би им порачала: да бидат реални. Глумата е како и секоја друга професија. Најнормална (и една од полошо платените) за којашто е потребен талент, но талент е потребен и за, на пример, архитектура. Треба да си ја сакаат професијата, ама секогаш да имаат една резерва кон неа. Ако не тргне се баш како што очекувале и се надевале, не е крај на светот и да не потклекнат пред разочарувањата.
  • Своевремено бевте секс симбол на југословенскиот филм. Како гледате сега на тоа?
  • Па, знаете што: кога имате дваесеттина години, кога изгледате пристојно, кога сте фотогенични, сигурно дека ќе ви даваат улоги на згодни, млади девојки кои ја имаат и таа функција да внесат еротика во филмот. Мислам дека секоја млада и убавка актерка и овде и во светот, особено кога снима филмови, мора да помине низ таа фаза. Тоа е сосема нормална работа. Јас знаев дека тоа е фаза и дека ќе помине, што и се случи и никогаш не сум очајувала што во мене се гледало како на некаков си еротски симбол или пак, да се покајам дека ете, сум покажала некои делови од своето тело. Ама, за среќа (се смее, нов. Заб.) тоа е веќе зад мене, па така, сега си глумам мамички, жени во години. Мене дури и ми импонира кога ќе ми кажат дека сум секс симбол на југословенскиот филм! Зошто не!? Убаво е женското тело особено, ако го „сака“ камерата. А мене камерата навистина ме „сака“. Така кога ќе се погледнам во огледало, си велам: „што ли најдоа во мене!?“, а кога ќе го видам филмот, гледам некое ново лице.
  • Што уште си велите во огледалото?
  • Па, ништо особено, освен што забележувам по некоја нова брчка. На огледалото имам залепено неколку „правила“ на кои упорно се обидувам да се придржувам, а тешко ми успева. Тие реченици отприлика гласат: да не се обѕираме кон минатотот и да не ја предвидуваме (особено не на лошо) утрешнината, дека ние токму денес сме најдобри и најмоќни, а не вчера или утре. Да не се согласуваме да имаме околу себе мрзоволни луѓе кои ќе ни го уништат и отрујат денот што почнал со утрото и ќе трае 24 часа. И така секој ден. Е, уште да може човек да се придржува на сето тоа, би било феноменално, но јас навистина, се трудам да се однесувам како да сум родена токму во тој ден, во денот што започнува. Се надевам дека еден ден вештината на такво живеење ќе ја совладам до совршенство.
  • На што друго се надевате?
  • Се надевам, освен на тоа да се избориме за филмот „Сон на дланка“, дека во својата втора половина од животот (а се надевам дека навистина ќе биде втора и целосна) ќе најдам некој мир, некој спокој. Дека ќе се преселам во природа, дека ќе живеам надвор од сета врева, нервоза, брзање, што го има во градот. Сонувам да имам куќа покрај море (веќе сум во барање) каде ќе бидам со својот сопруг со кого сум веќе седумнаесет години, каде ќе ми доаѓаат пријателите, дека ќе патувам повеќе по светот и дека уште долго ќе работам. Тоа и ќе се случи, зашто кога нешто силно се посакува, тоа и се остварува. А јас умеам силно да посакувам.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1997 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *