Имам 30 години и едно дете. Мојот сопруг сака уште едно, ама јас не. Тој инсистира и мене веќе ме навредува неговиот став зашто имам чувство дека се прави газда на моето тело. Ако сакам ќе раѓам, ако не, нема! Неговите родители исто така се упорни за уште едно дете, ама јас не попуштам. Не е моја должност да исполнувам туѓи желби со моето тело.
Снаа
Снаа дарлинг, бракот е обврска, а не факултативна драмска секција. Штом веќе сте влегле во некои регулирани односи секако дека имате должности. И права, се разбира.
Сигурно дека во планирањето на семејството не смеат да се мешаат ниту свекори, ниту сватови, ниту комшии, ниту држава, ниту попови.
Кога децата ќе плачат, боледуваат, тагуваат покрај нив ќе бидат родителите, а не статистичките записничари. Меѓутоа, вашиот сопруг има право да сака, со вас, повеќе деца.
Вашето тело кога сте во брак не е само ваше. Односно, не можете да правите со него буквално, што сакате. Зарем би се согласиле со намерата на сопругот да си исече рака, нога?! Неговото здраво тело ви треба вам и на вашето дете и тој треба да е одговорен за него, нели?!
Не велам дека морате да родите, тоа на краиштата, не може никој да ве натера, туку само да ја преиспитате својата одлука. (Вашето обраќање сигнализира дека не сте баш категорична во неа.)
Дали и колку деца ќе се има е прашање на договор меѓу ДВАЈЦА партнери. Разговарајте зошто тој сака уште едно, а зошто вие не. Разгледајте ги сите околности, причини и последици.
Родител не се станува за да се има потпора во староста, да се оправдаат малограѓанските шематизирани очекувања, ниту за да му се обезбеди друштво на веќе постоечкото дете.
Треба да се сака да се создаде нов живот. Кој ќе биде радосен и исполнет…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)