По еден месец од изрекувањето на пресудата на Апелациониот суд Скопје на 10 јули, со која 18-годишната затворска казна од Основниот суд Велес на возачот Ангелче Николов му ја намали на 8 години, таа денеска е објавена на веб-страната на судот.
Николов на 17 декември лани на пешачки премин ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова, а ја повреди и нејзината мајка, со автомобил што го управувал во пијана состојба. Возел патем и двапати побрзо од дозволеното со 68 километри на час, место дозволените 30 км/ч. Згора на тоа во моментите кога го управувал „мерцедесот“ Николов имал забрана за управување со автомобил. Најстрашно е што по покосувањето на девојчето и мајка ѝ на пешачкиот премин во Велес, пијаниот Николов побегна и се криеше 37 часа.
Вчера од Основен суд Велес објавија дека затворската казна е намалена од првостепената 18 години, изречена во овој суд од петочлениот кривичен совет со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова, на осум години досудени во Апелација. Пресудата е правосилна.
Драстично ублажената пресуда ја изрекоа судиите: Ѓоко Ристов, претседател на советот, Лирие Елези-Ајрулау, Лидија Зимбовска, Енвер Беџети и Енвер Амзаи, членови на советот. Тие процениле дека при изрекувањето на казната во Велешкиот основен суд, во недоволна мерка биле земени предвид олеснувачките околности. Според повисокиот суд, акцентот требало да се стави на олеснителните околности, како личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот, кој пред две години го загубил братот во сообраќајка.
Натаму, дека е млад човек, неженет, фактот дека досега бил неосудуван и постапка за друго кривично дело против него не се водела. Потоа, битен бил придонесот на обвинетиот за ефикасно завршување на кривичната постапка изразена преку признанието на вина за кривичните дела за кое се товари, изразеното каење, даденото ветување дека нема да го повтори тоа што го сторил, подготвеноста да го промени личниот статус и да се вклучи во нормалните текови на здравото општествено живеење.
Поради овие моменти, Скопска апелација крати цели десет години од првостепената казна од судијката Гајдова. Попрецизно, за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“,на обвинетиот Николов Апелација му изрекува казна затвор во траење од седум години и шест месеци, наместо првостепените 17 години и шест месеци. Додека, за кривичното дело „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, ја потврдува истата казна затвор со првостепената пресуда, од една година, па за двете дела му изрекува единствена казна затвор во траење од осум години.
Ако се навратиме, при изрекувањето на првостепената пресуда на Основен суд Велес, претседателката на петчлениот кривичен совет, судијата Габриела Гајдова многу беше јасна:
„Обвинетиот по сторувањето на делото безобѕирно го напуштил местото на настанот и не се обидел да ги поправи штетните последици предизвикани од негови дејствија. Се криел повеќе од 30 часа, не се интересирал што се случило со оштетените. Претходно два пати е осудуван за сообраќаен прекршок при што му се изрекувани забрани за управување на возило, што укажува дека се работи за лице со ниско ниво на сообраќајна култура, не почитува сообраќајни пропусти и изречените казни не влијаеле на него. Изреченото признание судот го зема како придонес за побрзо завршување на постапката. Судот не се стекна со впечаток дека кај обвинетиот има искрено каење и жалење за стореното. Олеснителни околности се дека не е кривично осудуван, дека е безимотен, што сам се предал по 37 часа од сторувањето на сообраќајката“, кажа Гајдова, образлагајќи ја пресудата.
И Апелација Скопје и Основен суд Велес имаат иста одлука, казна-забрана на управување со моторно возило од „Б” категорија во траење од пет години, со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во нејзиниот тек, туку се пресметува од денот кога ќе ја одлежи.
Апелација смета дека изречената единствена казна од 8 години затвор е во согласност со воспоставената судска пракса при одмерувањето на ваков вид казни за овие кривични дела и е адекватен одговор на преземените противправни дејствија на обвинетиот.