Дури четири награди се доделени на театарскиот фестивал „Живи фест“ во Босна и Херцеговина за претставата „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ.
Со едногласната одлука на жирито во состав: Владо Керошевиќ – актер, Љиљана Чекиќ – актерка и Алмир Башовиќ – драмски писател, претставата освои: специјалната награда за режија е доделена на Нина Николиќ, наградата за најдобра актерка ја доби Дарја Ризова, наградата за најдобар актер оди во рацете на Саша Ханџиќ и специјалната награда за актерска игра ја освои Џана Џаниќ. „Нема да биде крај на светот“ првата премиерна изведба ја имаше на 18 септември во Сараевски ратни театар – САРТР, Сараево, а скопската премиера во Македонскиот народен театар се очекува кон крајот на ноември.
Претставата е во продукција на Перипетија продукција – Скопје во копродукција со Македонскиот народен театар и Сараевскиот ратни театар – САРТР.