Бројот на жртви во немирите во Иран се искачи на 31 лице.
Иранската револуционерна гарда денеска го повика државното судство да ги осуди оние „кои шират лажни вести и гласини“ за 22-годишната Махса Амини.
„Побаравме од судството да ги идентификува оние кои шират лажни вести и гласини на социјалните мрежи, како и оние на улиците кои ја загрозуваат психолошката безбедност на општеството, на кои треба одлучно да се дејствува“, соопшти гардата, а изрази и сочувство до семејството на Амини.
Демонстранти во Техеран и во други ирански градови денеска запалија полициски станици и возила.
Причината за немирите низ Иран е смртта на Амини, убиена од полицијата затоа што неправилно носела хиџаб, јавија дел од локалните медиуми.
Протестите започнаа откако девојката беше приведена од полицијата за морал, потоа претепана бидејќи, наводно, хиџабот не го носела правилно. Амини падна во кома, а потоа почина.
Убиството на Амини го осудија Обединетите Нации, Европската унија, САД.
Полицијата одби да ѝ покаже на јавноста снимен материјал од комбито каде девојката е претепана. Оттаму наведуваат дека таа починала од срцев удар, иако семејството нагласи оти Амини била здрава.
Во знак на протест, жените во Иран јавно го тргаат и го палат својот хиџаб.
Протестите за смртта на Амини се најголеми во Исламската Република од 2019 година. Повеќето од нив беа концентрирани во северозападниот дел на Иран, населен со Курди, но се проширија во главниот град и најмалку 50 градови и населени места низ целата земја, при што полицијата употреби сила за да ги растера демонстрантите.