Необјавен фељтон

“Македоника литера“ објави нова книга на македонскиот писател Владимир Илиевски – романот „Необјавен фељтон“.
„Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски е роман кој од повеќе позиции го преиспитува местото на поединецот во општеството и се обидува, преку книжевниот дискурс, да одговори на некои суштествени и егзистенцијални прашање кои произлегуваат од безмилосниот судир помеѓу општествениот систем кој е несовршен, но истовремено, и крајно суров во одбраната на своите „вредности“ и помеѓу чесниот и правичен поединец кој длабоко и искрено верува дека совршеното општество е предуслов за среќата и благосостојбата на луѓето во него.

Илиевски креира приказна која ја лоцира во периодот кога ветувачкиот социјализам ја губи својата моќ, убедливост и ориентација. Тоа се години кога самоуправувањето излегува од својот семантички и суштински колосек, а притоа неговите моќни заштитници до крај се обидуваат да креираат слика дека сето тоа е само привид. Така општеството ја покажува својата немилосрдност, а на поединецот му останува само безизлезот и болното признание на својата немоќ.

Инаку, основната сижејна нишка на романот се базира врз вистински настан од шеесеттите години во Скопје.
Владимир Илиевски (Скопје, 1970) е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Општа и компаративна книжевност. Магистрира на истиот факултет.
Автор е на книгите: „Гледач на линија“ (поезија, 1997), „Избор и случајности“ (поезија, 2000), „Мојата лична амортизација“ (поезија, 2002), „Цитатноста во лириката“ (книжевно-научна студија, 2007), „Нема исти утра“ (поезија, 2008), „Ноќна еротска програма“ (поезија, 2011), „Лични податоци“ (поезија, 2014), „Брзината не убива“ (поезија, 2016), „Пената на црниот бран“ (раскази, 2018) и „Суво мастило“ (роман, 2020, второ издание, 2024).
Романот „Суво мастило“ влезе во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ за 2020 година. За истиот роман, во 2023 година, ја добива наградата „Книжевен круг за проза“ доделена од страна на Битолскиот книжевен круг.
Дел од творештвото на Владимир Илиевски е преведено на хрватски, бугарски, српски, руски, украински, полски, литвански, италијански и англиски јазик.
Поезијата и кратките раскази на Владимир Илиевски се наградувани на повеќе анонимни конкурси во Македонија и во странство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *