Сутерен.мк

Неодолливи промашувања

Слободна сум и со желба за авантура. Не робувам на клишеа дека мојот партнер треба да биде ваков или онаков – излегувам со кого сакам и кога сакам. Сепак, не мислам дека сум нешто претерано искусна дури спротивно – како нешто да ми промакнува, како да ми се повторуваат ситуации, како да не знам да изберам нешто ново туку само репризи. До мене ли е или до мажите?
Ј.Ј., Скопје


Ј.Ј. дарлинг, секако дека е до мажите, а не до вас. Се стана конфекција , па сите како едвај да чекаат да потонат во мејнстримот, да бидат дел од групниот, заеднички портрет. Без дама, секако.

Некои велат дека жена која имала само еден маж во животот е поспокојна и поштедена од многу болки што менувањето на партнерите (не мора да е пречесто) неизбежно ги носат. Можеби е така, но не верувам дека дотичните се ослободени од љубопитноста и запретаните жарчиња. Навистина треба да си тотално без грам фантазија за да можеш така упорно да „уживаш“ во здодевноста на познавањето на животниот партнер од забавиште до заедничката гробница?! (Настрана, што луѓето едноставно, не се моногамни!)

Нејсе. Слободните жени, заради рамнотежа меѓу ѕвездите, мора да влетаат во љубовна авантура со следниве машки „прототипови“:

  • Некој вработен во кафуле/ресторан/клуб – затоа што е згоден и не зборува премногу, на разумни интервали дели комплименти, ве чести со барем, една пијачка, го има оној „изгубен“ поглед, а вие никогаш не сте сигурни дали сето тоа му стои во работниот договор или сте вие специјални!?
  • Успешен и (релативно) млад – затоа што е успешен што значи, не ги наследил, ами заработил парите. Затоа што брзо пораснал, направил одлични бизниси, заработил и сега може да ужива. Зашто е неоптеретен, спонтан, енергичен и забавен, а тоа е страшно возбудливо.
  • Маргиналец – сладок, шармантен и тотално неупотреблив во/за иднината. Зашто го слуша Стравински, игра јамб, а домашно милениче му е гуштер. И, зашто е сладок, шармантен и неупотреблив…
  • Странец/непознат – дојден од којзнае каде, со или без акцент, на деловен пат или само на гости кај пријатели, набилдан или со неодоллив поглед, тој е создаден за да провиори низ вашиот живот да не речам, кревет. Таинственоста кој е, што е, кого има зад себе, неизвесниот завршеток и надежта дека тоа е она што можеби се ќе испретумба во баналното секојдневие е голем афродизијак.

Ете, ова е мал водич за повозбудлив слободарски живот и добра поткованост за сигурен избор во трајната определба. Добар постамент за идна трајна врска…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *