Како што ме лаже мене, никој не може да го лаже него.
*
Нема оправдување за војната. Оправдано се случува.
*
Убиствена реалност. Не може без убиство.
*
Адот е плагијат на комунизмот. И во него сите се еднакви.
*
И рајот да го наследи – уште ќе сака.
*
Власта на престапниците е престап на власта.
*
Да украдеш од украденото од нас – кражба ли е?
*
Вашите наши – понаши и од нашите.
*
Идиот идиот надминува.
„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата со афоризми на бугарскиот писател и афористичар Дилјан Бенев.
Во својата книга „Неповратно“ (ориг. – „Необратимо“) бугарскиот писател и афористичар Дилјан Бенев, на читателот му нуди афоризми кои според својата структура, симболика и метафорика го потврдуваат необратливото, необратното, непревртливото, непревртеното, непресвртното во секојдневната реалност – што е контрапункт на логиката, разумот и човечноста.
Книгата содржи близу 450 афоризми и е поделана на два дела – во првиот дел се објавени афоризми во вообичаената класична афористична форма, додека пак во вториот дел афоризми во редуцирана форма кои најчесто содржат само два или три збора.
Во „Неповратно“ кај Дилјан Бенев посебно се специфични и карактеристични афоризмите во вториот дел на книгата, каде што исказот е сведен само на два збора со кои се искажува и мислата и смислата, и пораката и поуката и формата и семантиката.
На крајот на книгата се објавени два поговора (рецензии ) – од проф. д-р Витан Стефанов, универзитетски професор по логика, и Светла Девкова. Проф. Стефанов, меѓу другото, пишува:
„Првиот дел содржи класична форма на афористичко мајсторство – остроумност, неочекуван зафат… Авторот јасно покажува висок степен на мисловна зрелост и јазична прецизност. (…) Во вториот дел, Дилјан Бенев протестира против многусловието и празнословието. Ова е целосно остварено во афоризми со два и три збора. Ако во неговата претходна книга ’Трансформации‘ мислите се нанижани врз значењето на научните закони, правила, зависности, овде ’Неповратно‘ е во контекст на лингвистичките правила. Светот во којшто живееме е претставен преку светот на јазикот. Зборовите и нивните односи на антиномија и неспоредливост се еден вид јазично огледало во кое се гледаме себеси како во заменет свет. Во бинарниот свет, тој, светот, е соголен. Има скелет, но нема живот. Следниот метод на антиномски пресоздадено значење е предупредувањето на авторот за радикализмот, за крајностите меѓу кои нема мостови меѓу луѓето.”
Дилјан Бенев е бугарски афористичар и писател. Автор е на десет книги со афоризми, фрагменти, параболи и раскази. Неговиот стил е кратка, концизна и синтетизирана проза на границата помеѓу сатирата и морализмот – со елементи на надреализам, апсурдизам и футуризам. Преведен е на 30 јазици.